Голо здравје

Дали се сеќавате на кој датум партиите се договорија за предвремени парламентарни избори? На 20 октомври 2019 година. За неколку дена, на 20 мај ќе „прославиме“ седум месеци од тој договор.

СДСМ тогаш предложи да се оди на брзи избори, на 22 или на 29 декември. Но, поради недоволно време за формирање 100 дена техничка влада, на што инсистираше ВМРО-ДПМНЕ (легитимно, согласно Законот за Владата), изборите, сепак, беа договорени за подоцна – 12 април.

Да не беше толку голема недовербата меѓу власта и опозицијата, да се договореа за избори без пржинската формула, денес, наместо три месеци распуштен парламент, корона кризата ќе ја дочекавме и со нова влада, и со нов состав на парламентот, и со институции во целосна функционалност.

Секако, тогаш не можеше да се предвиди дека еден вирус ќе го блокира, не само изјаснувањето на граѓаните, туку и нивното секојдневие, движењето, економските активности во земјата. Но сега, кога партиските лидери имаат искуство во колкав обем еден екстерен фактор може да го промени комплетниот живот во државата, нејасно е зошто повторно си играат со времето и со потребата да добиеме институции со целосен легитимитет.

Да не беше толку голема недовербата меѓу власта и опозицијата, да се договореа за избори без пржинската формула, денес, наместо три месеци распуштен парламент, корона кризата ќе ја дочекавме и со нова влада, и со нов состав на парламентот, и со институции во целосна функционалност

Секако дека здравјето на граѓаните е приоритет, но, исто така, е јасно дека вирусот нема да исчезне преку ноќ. Не случајно светски компании (Гугл, Фејсбук) ја сменија одлуката нивните вработени да работат од дома до први јуни и ја продолжија одлуката до крајот на 2020 година. Епидемиолозите стравуваат од нов бран зараза по летните туристички фреквенции, а особено со почетокот на есента.

Значи, ако изборите треба да се одржат кога нема да има ниту еден заболен, таков период веројатно ќе нема до крајот на годината. Заклучокот е дека ќе мора да се навикнеме да функционираме во друштво на  корона вирусот, но обезбедувајќи максимална заштита од него.

Тоа значи дека терминот за избори е најдобро да биде во првото затишје или во првиот опаѓачки период на заразата. Другиот избор е да се соочиме со ризикот следниот посакуван термин да биде понеповолен од здравствен аспект. И на крајот, дека можеби ќе немаме можност за избори до крајот на годината.

Можат ли партиските лидери да си дозволат таков луксуз? Не. Патот кон решението почнува кога транспарентно ќе се презентираат фактите и ќе се преземе одговорност, без да се бараат разни изговори за натамошни одложувања. Тешко се одлучува само тој што ништо не сака, или што не знае што сака. Да не се донесe одлука, исто така е одлука. А најлоша одлука е таа што не може да се измени.

Во моментов, најнејасен е ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Ем беше против да се состане Собранието, ем бара да не се брза со изборите, но нема одговор како ќе функционира државата без парламент и со техничка влада во вакви услови.

Иако Уставот овозможува да се продолжи мандатот на пратениците во случај на вонредна состојба (член 63 став 4), Талат Џафери, од лични толкувања и од ирационални стравувања не го свика парламентот. Во такви услови, зошто претседателот на државата би бил должен бескрајно да прогласува вонредна состојба, за техничката влада да има законодавни надлежности за носење уредби со законска сила, а поврзани со мерки за санирање на последиците од Ковид-19?

Тешко се одлучува само тој што ништо не сака, или што не знае што сака. Да не се донесe одлука, исто така е одлука. А најлоша одлука е таа што не може да се измени

Од опозицијата тврдеа и дека владината Уредба со која ДИК треба да ги продолжи изборите веднаш по завршувањето на вонредната состојба, излегува од рамките на Уставот и на Изборниот законик. Eве Уставниот суд вчера се изјасни дека не излегува.

Сега велат дека е ризично повеќе луѓе (гласачи, набљудувачи, членови на избрачки одбори) да бидат во иста просторија на денот на гласањето. На избори, и во времињата без корона, никогаш немало толку луѓе на гласачко место колку што има денес на иста квадратура во паркови, шеталишта, кејови, а камоли во споредба со струшката литија што ја преспа министерот за внатрешни работи.

Ваквите контрадикторности се спротивни од заложбите за искрена аргументација. Од друга страна, од СДСМ најавуваат дека ако нема избори, треба да се врати политичката влада. И да се врати, што со тоа, во време кога нема парламент.

И пак се вртиме во круг, губејќи време, за да дојдеме до заклучок дека избори треба да има што поскоро. Единствената пречка за тоа, би било, ако не дај Боже, во наредните денови во континуитет расте бројот на новозаразени, што би било аларм за „стоп“.

Ако тоа не се случи, нема ниедна причина за натамошни тактизирања. Бизнис-заедницата, неколку месеци е во „стоп“ фаза, нејзините активности бараат стабилна и предвидлива состојба, а не дополнителни неизвесности.

Здравјето на граѓаните не зависи само од битката со вирусот, туку и од намалувањето на нивото на паника и стравување за нивната егзистенција и работни места. Зашто, како што вели народната, „и голото здравје е како жива болест“.