Периметрот на министерката

Склон сум да поверувам дека нашиот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, навистина влегол во периметарот на американскиот претседател Доналд Трамп. И дека ние сега ја живееме нивната „нова нормалност“.

Можам и да замислам како Мицкоски му телефонира на Трамп во Белата куќа:

– Да те замолам за услуга – вели нашиот премиер – направи некоја гужва кога ќе ти дојде оној Зеленски. Голема работа ќе ми завршиш.
– Зошто? – прашува Трамп, местејќи ја онаа негова гримаса, каква врска има Зеленски со Македонија?
– Па, знаеш – се обидува да објасни Мицкоски – ми ја нападнаа министерката за финансии, рече нешто што го извадија од контекст и јавноста се дефокусираше од вистинските проблеми. Сакам пак да ги фокусираме луѓето кон нормалните ситуации, да навиваат за Зеленски или за Путин. За тебе секако навиваат.
– Штом е таква ситуацијата, нема проблем – одговара Трамп. – И онака не ми се допаѓа украинскиот диктатор.
– Фала ти многу. И пренеси ги моите поздрави до Венс и до Меланија – и Мицкоски, со видно олеснување, ја спушта слушалката.

Списокот на министерката

Да, јас разбирам дека пред наши очи се случуваат тектонски промени во светската политика. И гледам дека Македонија меѓу првите ја избра страната. Што би се рекло, уште пред и да требаше да се избере.

Но, и покрај сѐ, не разбирам како можеше онаа скандалозна изјава на министерката за финансии (и потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ), Гордана Димитриеска-Кочоска, речиси целосно да биде поклопена со ријалити шоуто што Трамп и Џеј Ди Венс му го приредија на украинскиот претседател Володимир Зеленски. И зошто е за нас толку поважно што, кој, кому кажал во Белата куќа во Вашингтон, наспроти она што некој, некому кажал во Собранието на Македонија?

За оние што некако останале надвор од теченијата на нашите неброени дна, министерката за финансии, одговарајќи на едно од пратеничките прашања, меѓу другото, рече:

Кога „новото нормално“ станува целосно ненормално, здравиот разум се претвора во чисто лудило. Кога го очекуваме најлошото, секогаш добиваме полошо

„Пратеничке Славјанка Петровска, не можам да ве кажам почитувана. За да кажам почитувана, треба да ја заслужите мојата почит. Врз основа на што вие ги ставате во уста мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши?“ (цитатот е наведен според извештаите на медиумите).

Што, освен навредливост, отсуство на каква било основа на елементарно воспитание, речиси предвидливата ароганција и недостигот од релевантни аргументи, ни (по)кажува оваа изјава? Да потсетиме, дадена од собраниската говорница.

Прво што ми паѓа напамет е дека министерката за финансии поседува списоци на оние што имаат и оние што немаат деца. Во таа смисла, не се сомневам дека има и податоци кој, што јаде, дали некој јаде грашок од конзерва или не, кој каде работи, со кого се дружи, кој кому му е тетка, а кој колку имал неоправдани во училиште и слични битни работи за нејзиниот ресор. Засега ги покажува само за оние од опозицијата.

Да, навистина, кога веќе разбравме за што смее, а за што не смее да дискутира и прашува пратеничката Славјанка Петровска, како и сите од опозицијата што пијат млеко повеќе или помалку од потребното за едно просечно семејство, би било од огромен јавен интерес, министерката да ни соопшти кој и која од нејзината партија немаат деца, кој и која што јаделе за ручек, кому колку му чини потрошувачката кошничка, а колку кошничката на патните трошоци.

Или, еве, на пример, кој и како се стекнал со диплома. Добро, не мора со диплома, може и со некаков сертификат за познавање странски јазик. Или со некој стан отповеќе. Па, да знаеме кој од владејачките корифеи, да не кажеме пратеници и министри, ќе смее и за што ќе смее да дискутира.

Или, пак, списокот е веќе заокружен? Само со опозициските пратеници? Не знам. Можеби грешам. Можеби на тој список се сите оние предавници што добиле грантови од УСАИД, на пример? Или можеби не се сите. Поточно, можеби не сите што добиле пари од оваа предавничка организација се предавници. Некои се можеби правоверни на новиот периметар на премиерот Мицкоски. Со други зборови, дали списокот е заокружен само на неподобните. И зошто – да?

Ненормалноста на новото нормално

Но, добро. Ја гледате министерката на собраниска говорница. Слушате како полемизира. Сфаќате дека жарот на полемиката ја понел, па рекла нешто што не е долично ниту за човечко суштество, а уште помалку за носителка на висока јавна функција. На пример, како да ја заслужиме нејзината почит. Бидејќи тоа е, нели, битно – како да нѐ почитува министерката.

Си велите, во ред е. Луѓе сме. Сите ние правиме грешки. Сите некогаш сме рекле нешто од што сме се посрамиле. И потоа сме се извиниле. Или барем сме зажалиле. Велам, ја гледате министерката и си велите, во ред, ќе се извини, ќе каже дека ѝ е жал. Но, не! Никој, ниту владата чија членка е, ниту партијата чија потпретседателка е, ниту таа самата… никој не покажа ни трошка емпатија. Ни трошка човечност.

На крајот на краиштата, тука воопшто не е битна изјавата на министерката Гордана Димитриеска-Кочоска, круцијалното прашање е зошто ние го дозволуваме тоа?

Напротив. Единствено што разбравме е дека пратеничката Петровска (погрешно именувана како Славица во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ) „глуми нападната и го пренасочува фокусот од суштинските прашања“. Па, ете, така разбравме дека суштинското прашање било дали пратеничката Петровска има деца или нема.

Како да е, човечноста е забранета под оваа власт. Што сѐ ќе ни биде забрането: изборот, веселбата, радоста, тагата, културата… Утре ќе слушнеме кој каде славел роденден, кој тагувал над страдањата во Украина, кој која книга ја читал…
На крајот на краиштата, тука воопшто не е битна изјавата на министерката Гордана Димитриеска-Кочоска, круцијалното прашање е зошто ние го дозволуваме тоа? И никому да не му фали ниту влакно од главата.

Кога „новото нормално“ станува целосно ненормално, здравиот разум се претвора во чисто лудило. Кога го очекуваме најлошото, секогаш добиваме полошо. Ја гледаме министерката како гордо опстојува на своите ставови за бездетните пратеници, нејзината партија и нашата влада како ја бранат. И потоа го гледаме Доналд Трамп и неговиот заменик Џеј Ди Венс како си играат мајтап со Зеленски. И сѐ станува јасно. Ние сме во периметарот, во првите редови на „новото нормално“.

Можам, значи, да го замислам Доналд Трамп во оној имагинарен телефонски разговор со Христијан Мицкоски, како му се јавува и вели:
– Еј, брате, ова е дури надвор и од мојот периметар.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија