„Мора да бидеме чесни, да признаеме дека згрешивме со измената во Кривичниот законик. Не е доволно да признаеме дека сме згрешиле, еве одиме чекор понатаму таа грешка да ја исправиме“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Најави дека е изготвен нов Кривичен закон во координација со меѓународните институции, и апелираше Владата да го стави на јавна расправа. Признавањето на оваа грешка наликува на комбинација од „задоцнета памет“ и „по свадба – тапани“. Но, ова е и еден од примерите каде „контролното мерење“ покажува дека два плус два не се четири.
Ако од СДСМ се навистина свесни дека згрешиле со измените на КЗ, тогаш зошто секојдневно дистрибуираат соопштенија со прашања – каде е одговорноста за овој/оној, од каде му се парите, од каде му се бизнисите?
Па кај нив е одговорноста. Случаите за голем дел од лицата што тие ги посочуваат во партиски соопштенија, „застареа“ токму заради измените во КЗ, кои СДСМ од петни жили ги бранеше со образложенија за усогласување со европски стандарди.
И до каде стигна СДСМ со тоа? Стигна до таму, што дел од протагонистите во тие застарени случаи сега ќе решаваат дали ќе им го стават новиот КЗ на јавна расправа. Нема потешка шлаканица од тоа.
За СДСМ вистински да се стабилизира и консолидира, не се доволни формални изјави какви што би изрецитирала и маалска мисица, со пораки „за правда и мир во светот“. А евентуалната увереност дека на тој што си признава грешка, половина ќе му се прости, стои на многу трули штици.
Плукни – залепи
Ако на СДСМ му беа важни меѓународните институции (со кои бил координиран нов КЗ), уште лани ќе ги послушаа предупредувањата од истите институции за штетните последици од измените. Но, партијата која секогаш беспоговорно ги прифаќаше сугестиите на меѓународната заедница, во тој случај тврдо се оглуши на тие сугестии.
Реши да „чести“ преку грбот на правдата. Дали тој аранжман опфаќа и возвратна тура – „ние вам, вие нам кога ќе дојдете на власт“ – ќе покаже наредниот период. Сега со невидена леснотија нудат „ново дете“. Нов Кривичен законик.
Тоа не е сериозна политика. Тоа е план „плукни залепи“. Демек згрешиле, било што било, ќе ја исправат грешката отпосле. А кој ќе одговара што последиците од тие измени направија тектонски потреси во правосудството и предизвикаа огромни последици на планот на довербата кај граѓаните?
Тие потреси не се мерат според Рихтерова скала, ама во разорна смисла се поголеми и од оние што на овој ден пред 61 година Скопје го претворија во пепел и прав. Но, во вториов случај нема на повидок некој „правен Кензо Танге“ со план урнисаното правосудство како феникс да го издигне од пепелта.
Од Коалицијата Вреди денеска побрзаа да прашаат: „Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја призна грешката, дали истото ќе го направи и Али Ахмети?“
А што добиваат граѓаните ако и Ахмети ја признае грешката? Ништо. Форма без суштина. Небаре без неговото признание (и она на Филипче) не сме доволно свесни за Авгиевите штали во правосудството.
Вреди треба да е позагрижена што досега врвот на ДУИ немал никаква „прилика“ нешто да признае или да не признае, ама не во политички изјави туку во судска постапка, бидејќи случаите што со децении и се припишуваа на Мала Речица редовно остануваа надвор од опсегот на истражните органи – од случајот „Маѓар телеком“ до многу други што Вреди ги набројува денес.
(Не)зависност во располагањето со буџетски средства
За да се случат промени, за да се зголеми довербата во правосудниот ситем, најважно е во каков амбиент функционираат судството и обвинителството. Владата, од каде постојано го повикуваат Јавното обвинителство да дејствува за многу случаи и по допрен глас, не треба да ги игнорира укажувањата на Јавниот обвинител на РСМ.
Тој пред собраниската Комисија за финансирање и буџет се пожали дека со предложениот ребаланс на буџетот основните средства за функционирање на обвинителствата се намалуваат за повеќе од еден милион евра од првично предвидените за 2024 година.
Според стручниот колегиум на ЈО, со таквото кратење се доведува во прашање редовната работа на јавните обвинителства, бидејќи намалување се предлага во речиси сите ставки, па и кај парите за истражни дејства, за вештачења и анализи, за одржување на возилата потребни за увид…
Сето ова, во ситуација кога и претходно предвидените средства во Буџетот за 2024 година биле само половина од она што законски е предвидено да се издвојува за обвинителството.
Но, дури и без усвоен ребаланс, од сметките на ЈО веќе биле скратени (!?) парите за претходно планирана и реализирана јавна набавка во опрема – 50-тина компјутери, принтери и скенери, пари за тековно одржување на хардверскиот и софтверскиот систем, за обуки итн.
Дури било одбиено и барањето на ЈО со ребалансот да бидат доделени средства за назначениот јавен обвинител за врски во Европравда да може да ја извршува функцијата во Хаг и да овозможи соработка со таа клучна европска институција!
„Никогаш да не се повтори“
Во битката за независно правосудство, многу важна е функционалната независност во располагањето со буџетските средства. Ако се доведува во прашање редовната работа на обвинителите, тогаш како да зборуваме за нивото што уште повеќе нѐ тангира – интегритет, неселективност, непоткупливост, продуктивност…
Намалувањето на средствата доаѓа и во време кога републичкиот јавен обвинител состојбата во обвинителствата ја опишува ако алармантна – од 261 јавен обвинител колку што се потребни, недостигале околу 100, а во стручната служба биле пополнети само една третина од предвидените работни места.
Кога се најавува бескомпромисна битка против криминалот и корупцијата, добро е извршната власт да се сети дека во неа не се влегува со намалени, туку со зголемени и зајакнати капацитети и ресурси, во сите алки од синџирот на таа битка. Во спротивно, на институциите во правосудството индиректно ќе им се дава алиби да се правдаат дека „со тие ресурси толку можеле“.
А и политичките носители на антикорупциски практики ќе си градат уште посовршено алиби доколку нема ни „б“ од таа битка – „бевме цврсто решени, ама не ни се ефикасни судството и обвинителството“, по што секогаш демне опасност од „средување“ на состојбите по политички терк. И така ќе се вртиме во круг, губејќи ја комплетно надежта дека еден ден ќе запре политиката на неказнивност и на меѓусебна трансмандатна амнестија на елитите.
На крајот, би било добро ако претставници на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференции не ја повторуваат фразата „одговорност за ова мора да има, за никогаш да не се повтори“, зашто е многу слична на онаа со која СДСМ пред седум години дојде на власт, а до крајот на мандатот направи сѐ што е спротивно од тоа. Граѓаните кои се предозирани од познатиот рефрен и сѐ уште чекаат да видат резултати, нема да простат уште едно повторување на таа „историја“ како фарса.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија