„Погрешна“ химна

Не можам да разберам зошто толкаво количество гнев кон Тамара. Има ли некој толку безгрешен, на кого никогаш во животот не му се случило да направи пропуст без умисла и намера – дали поради емоции, замор, деконцентрација или трема, сеедно. Тие што никогаш немале настап пред публика, не знаат колку е високо нивото на стрес, можноста да се изгуби здив, да се заборави или измеша текстот, што често им се случува на пејачите. И не само ним, туку на многу јавни личности.

Колку што ме загрижи непримерната осуда на Тамара од „безгрешните“, уште повеќе ме загрижи степенот на заговорнички конструкции – од наводни нејзини мотиви да ѝ угоди на политичката елита (што е угодувањето?) преку стравувања дека некаде во заднина се крчка нова химна, па сѐ до повици законски да одговара.

На пример, кога јас би се нашла во слична ситуација, сигурно не би избегнала законска одговорност. Среќа што сум тежок антиталент за пеење, што е олеснителна околност во вакви (не)прилики. Но, доколку не бев, доколку би ја  добила честа да ја испеам химната јавно, сигурно ќе го прекршев Законот за химна. Химната „ја грешам“ постојано од едноставна причина. Јас и мојата генерација израснавме со поинаков текст на македонската химна. Еден стих од неа воопшто не постои во денешната верзија, исфрлени се имињата на Никола Карев и Димитар Влахов, а додадено е името на Даме Груев.

Стихот за кој Тамара ја линчуваат што го прескокнала, ако јас требаше да го испеам ќе гласеше така како што нѐ учеа и научија во школо:

„Од гроб станаа славните ѕидари на Крушевската Република,

Гоце Делчев, Питу Гули, Карев, Влахов, Сандански“.

Мене токму таа верзија ми е „зацементирана“ и до денес така ја пеам македонската химна. Ако јавно ја изведам, ќе го прекршам законот кој утврдил „малку“ изменет текст. А радо би го прекршила законот. Немам ништо против што Даме Груев е додаден во текстот, но зар треба да се срамам од имињата на Карев и Влахов, кои, не знам од какви причини, завршиле меѓу „отпишаните“? 

Зар не е чудно во химната да се слави Крушевската Република, а да не се спомне нејзиниот претседател Никола Карев. Изваден е од химната, а оспоменичен пред парламентот. Звучи шашаво, ама „функционира“.

Второ, ако толку многу сакаме да чепкаме околу химните, ајде да се потсетиме со која химна беше свечено отворено Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 година во„Св. Прохор Пчински“. Таму е интонирана „Изгреј зора на слободата“ („Изгреј зора на свободата“), која се сметала за химна на Народна Република Македонија, сѐ до 1948 година, кога била забранета од тогашните власти како „бугарофилска“. Автор на тој „марш на македонските револуционери“ бил бугарскиот композитор, поет, публицист и воен офицер Александар Василев Морфов, родум од Стара Загора, човек без никакви корени од „нашиот дел“ на областа Македонија. Маршот го искомпонирал, наводно, по барање на Тодор Александров.  

„Изгреј зора на свободата,

Зора на вечната борба,

Изгреј в душите и срцата,

на всички роби по света…!“

По забраната, пеењето на оваа химна однела многу луѓе на Голи Оток. Но, пред да биде забраната, факт е дека темелите на македонската државност (вториот Илинден) биле ставени низ звуците на оваа свечена песна, и дека дотогаш македонските револуционери низ многу битки со неа го крепеле борбениот дух. Ќе се откажеме ли од историските икони и великани на македонската борба и државност поради тоа? Или ќе имаме малку повеќе чувство за приликите во тоа време, кои и денес ги гледаме „еднодимензионално“, низ поделени диоптрии со Бугарија, и покрај густината и испреплетеноста на историските настани и личности на територијата на овие простори? Песната на македонски јазик наводно ја препеал Кочо Рацин во 1943 година, но голем број извори тврдат дека преводот е направен по неговата смрт, а припишан нему.

Дали сме денес помалку Македонци поради бугарската „зора“? Дали сме помалку Македонци поради ненамерната грешка на Тамара? Не. Дали треба да плачеме по Гоце, Гули, Груев и Сандански во пропуштениот стих на Тамара, или кога ќе видиме во каква состојба се спомениците и објектите што го носат нивните имиња? Тоа најмногу зборува за нашата почит.

Си ветив дека никогаш повеќе нема да влезам во Музејот на македонската револуционерна борба, откако видов колку е „висока“ восочната фигура на Гоце Делчев, и откако стручно „објаснија“ дека луѓето пред еден век биле со прилично понизок раст. Па, зар до толку? Или се штедело на восок? Веројатно се чувало за свеќи, за оние кои треба да ги запалиме за здравје и вечност на „кускулињата“ во нас – мали и мрзливи за дела, а големи и гласни за критика.

И токму во исто време кога тргна лавината околу химната, стигна вест дека „во скопската Зоолошка градина била промовирана визуелна реконструкција на ‘мајмунарата’“. По сѐ, не сум сигурна каде вистински се случил овој настан – во зоолошката градина или во „мајмунарата“ на нашиот хистеричен zoon politikon.