Регион

Во Сребреница, на овогодишната комеморација, ќе бидат погребани 33 жртви

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Фото: Џулија Даулинг/Проект-заговарање/Фликр

Albina Sorguc | Сараево | БИРН

На 24-годишнината од геноцидот во Сребреница, во Меморијалниот центар Поточари, на 11 јули, колективно ќе бидат погребани посмртните останки на 33 жртви на геноцидот, потврдија за БИРН од Институтот за исчезнати лица на Босна и Херцеговина.

„Најмладата жртва што ќе биде погребана во Поточари оваа година е Осман Цврк, роден во 1979 година. Во времето на убиството бил малолетник, имал 16 години“, ни изјави портпаролката на Институтот, Емза Фазлиќ.

„Најстарата жртва што ќе биде погребана оваа година е Шаха Цврк, таа имала 82 години кога била убиена и е единствената жена што ќе биде погребана во Поточари оваа година“, додаде таа.

Фазлиќ нагласува дека во центарот за идентификација Подриње во Тузла има 140 идентификувани жртви, но оти поради тоа што останките не се комплетирани, семејствата сѐ уште не се одлучиле да ги погребаат.

„Меѓу нив има 38 жртви што се официјално идентификувани и со ДНК анализа, и од страна на семејствата, додека другите само врз основа на ДНК анализа“, објасни Фазлиќ.

Таа додаде дека досега 6.610 жртви на геноцидот се погребани во меморијалниот центар и оти се трага по повеќе од 1.000 исчезнати лица од Сребреница.

На комеморација во Поточари, што секоја година се одржува на 11 јули, обично се присутни илјадници граѓани, локални политичари и меѓународни дипломати.

На одбележувањето на годишнината од геноцидот, ќе му се приклучат и учесниците на тродневниот Мировен марш, кои ќе одат 110 километри пеш до  Сребреница.

Учесниците во овој марш ќе пешачат во спротивната насока на патот по кој во јули 1995 година, од Сребреница, откако енклавата паднала во рацете на Војската на Република Српска, момчињата и мажите од бошњачката националност, бегале кон безбедна територија.

И група, главно хрватски државјани, ќе присуствува на комеморацијата. Тие пеш тргнаа од Дубровник кон Сребреница, на пат долг 510 километри.