Неизбежен израз на деградација на верата е кога таа ќе биде сведена на ритуал што треба рутински да се одработи. Преку лажичка. Таа е само средство. Форма. Примањето на телото (лебот) и на крвта Исусова (виното) е суштината. Нема никаква суштина подлогата/носачот (лажицата) од која се прима светата причест.
Ако ова не може да се разбере, со што сме соочени: со плиткост, површност или суета, која дава отпор пред аргументите? Кога нема слух, на повиканите најлесно им е да се затскријат зад некаква „традиција“, која, пак, нема никаква врска со Христовото учење. Што да им се каже, освен „Не искушувај го Господ, твојот Бог“.
Ако нема Воскресение без страдање и смрт, нема ни живот без етика. Нема ни свештенство без етика. Мантијата не може да биде покритие за отсуство на искрена приврзаност кон духовните вредности.
Одбивањето на формата не значи неверување, не значи ни маловерие, како знак на недораснатост за верата или покорување на некого. Напротив – значи потенцирање на суштината и одбивање таа да се сведе на ритуал како што „налагала вековната традиција“, рефрен кој прозваните ни го нудат како одговор кога не се во состојба да ги објаснат поинаку причините. Зар идеалот е да се верува во формата, а не во силата на духовното, кое е помоќно од каква било материја?
Чудна е и симболиката на сребрената лажица за причест кај тие што проповедаат против среброљубието како начин на живот. Кога на веб-страницата на една наша епархија гледам фотогалерија со разни модели на прибор за света причест (путир со лажичка) и ценовници, кои се движат од 25 евра до 1.050 евра, се прашувам дали нашиот Бог токму низ вакви златно-сребрени садови и преку овие цени сакал луѓето да ја примат неговата крв и тело? Дали Тој во позлатен и сребрен прибор ги поделил лебот и виното?
Ми се чини дека зад црковната непопустливост се затскрива една тешка религиозна празнина, која нема што да им понуди на луѓето што бараат утеха за своите болки, стравови и загуби. Само да потсетам: една друга епархија, (наспроти сите други) изминатава зима беше одлучила нејзините свештеници да не извршуваат верски служби при погребување на упокоените од ковид-19.
Ако од дрвото не се гледа шумата, можеби и од малата лажичка не се гледа големата лажица, со која се брка во медот на разни градежни парцели што треба повеќе да сведочат за нечија финансиска, а не за духовна приврзаност и моќ
Дали знаете колку семејства се чувствуваа отфрлени на тој начин, во за нив, најтешките моменти? Црквата треба да се замисли зошто некои свештеници решија да не бидат заедно со своите верници во време на болка и тага.
Ако некои свештеници за себе си обезбедиле стаклено ѕвоно во време на ковид-епидемијата, имаат ли право верниците да кажат дека догмата за едната лажица се крепи на стаклени нозе, а без притоа експресно да бидат прогласени за неверници?
Ако нема Воскресение без страдање и смрт, нема ни живот без етика. Нема ни свештенство без етика. Мантијата не може да биде покритие за отсуство на искрена приврзаност кон духовните вредности. „Сертификатот“ за тоа се обезбедува преку етиката, солидарноста, љубовта, споделувањето, несебичноста, грижата за немоќните, болните, страдните, гладните. Дали го гледаме тоа во ова време- невреме?
Ако од дрвото не се гледа шумата, можеби и од малата лажичка не се гледа големата лажица, со која се брка во медот на разни градежни парцели што треба повеќе да сведочат за нечија финансиска, а не за духовна приврзаност и моќ. Па, не се чудете зошто денес луѓето сѐ помалку бараат надеж и утеха во беседите на Божји „посредници“ претприемачи.
Зар црковните власти забораваат дека сите луѓе во чии срца се негуваат вредностите на човекољубието – се живи храмови на Бога? Ним им ја посветувам оваа колумна, а не на возљубените во сопствената суета и неразумност.
Ја посветувам на семејството на Емилија Динева од Дојран, на семејството на Верче Белчовска од Русиново, Беровско, и на сите знајни и незнајни семејства што решиле или ќе решат органите на своите починати блиски да ги даруваат за да спасат други животи. Не го направија тоа со сребрена лажичка, туку со амбар – душа голема, од која изнесоа бесценет дар во најтешките моменти за нив. Тие срца денес чукаат посилно од камбани.
Сите што направиле сѐ за да се зачуваат човечки животи – лекари и медицински персонал, донатори, помагатели на животот, со дела, а не со фрази, сите кои на некаков начин придонеле да се вдахне здив за живот, и сите што промовираат чесност, човекољубие и солидарност, денес се живите храмови што сведочат како и за што вреди да се живее. Заслужија најдлабок поклон. Христос воскресе!