Ете, не поминаа ниту пет дена од новата Влада, а Македонија повторно е европски (може да се каже и светски) лидер. Но, овојпат е вистински лидер. Во ракомет! И тоа машки!
Врзувањето на формирањето на владиниот кабинет на Зоран Заев и спортскиот успех овде не е ставено ниту во ироничен контекст, ниту како потенцирање на некаков среќен сплет на околности. Иако спортот е спорт и иако во спортот се победува, но и се губи, сепак освојувањето на европската шампионска титула од страна на ракометниот клуб „Вардар“ е важно од неколку причини.
Првата, секако, се однесува на психолошкиот импакт што спортските победи го внесуваат во едно општество, особено во она како нашето, кое не е навикнато на триумфи. (Дури и фамозната Триумфална капија, тој симбол на победата, е украсена со сцени од македонските порази.) Победите носат оптимизам, колективна самосвест, општествена катарза и солидарност.
Наспроти врежаното сфаќање дека римското „Леб и игри“ е всушност модус за одржување на власта и на статус квото во општествените односи, тоа повеќе е начин на одржување на општествената кохезија како еден од пресудните фактори на стабилизирање на едно општество (не нужно и на општественото уредување). Во таа смисла, на Македонија не само што ѝ недостасуваат победи туку нејзе победите ѝ се нужни, потребни, неопходни…
Освен оптимизмот, втората заедничка нишка меѓу новата власт и победничката серија на РК „Вардар“ е начинот на стасување до шампионскиот трон. Имено, ракометарите на „Вардар“ успеаја да ја демантираат досега владејачката теза дека македонските спортисти ја немаат онаа професионална психолошка стабилност да го изиграат во едно темпо целиот натпревар и да успеат да ја сочуваат присебноста до самиот крај.
Интернационалниот карактер на професионалниот спорт, а со самото тоа и на РК „Вардар“, ако се сведе во границите на една земја, може да покаже како се создава модел на ефикасност, без оглед на, што би се рекло, националната, религиската, половата, сексуалната, па и партиската определеност
Не ми се чини неумесна и изнасилена споредбата на доаѓањето на оваа гарнитура на власт, иако се разбира дека баби и жаби тешко се споредуваат. Освен во некои аспекти. Имено, и новата власт покажа психолошка и професионална стабилност во текот на целиот политички (и не само политички) натпревар или, што би рекол капитенот на „Вардар“ – Стојанче Стоилов, покажаа „карактер и муда до колена“.
Она што исто така е важно во триумфот на „Вардар“ е колективната игра. Во тимот немаше и не смееше да има слаба алка. Иако го знаеме персоналниот состав на Владата на Република Македонија, сѐ уште не знаеме како функционираат како тим, па затоа и можеме да тврдиме дека од тимскиот дух на „Вардар“ може многу да се научи. Имено, тимскиот дух не подразбира само солидарност и пожртвуваност за екипниот успех туку подразбира и искусни професионалци и индивидуалци кои своите квалитети ги ставаат во функција на целиот механизам.
Тоа со други зборови значи дека морате да имате и луѓе кои во одредени моменти ќе имаат поистакната улога, а во други моменти ќе се повлечат во позадина. И, да, секако морате да имате и силна клупа, како и моќна логистика од специјалисти кои нема јавно да се експонираат или барем нема премногу јавно да се експонираат, но чија улога е исто толку клучна во тимскиот успех.
Следната работа што може да се научи од „Вардар“ е организацијата. И организацијата (тактиката, стратегијата) на играта, но уште повеќе организацијата на клубот. Не е доволно само да се обезбедат добри услови – сала, фитнес центар, хотел итн. Односно сето она (а не е малку) што е вложено во „Вардар“ туку приоритет се – живите луѓе и нивните квалитети и афинитети! Она што претходната власт никако не успеа да го сфати.
Конечно, најголемото богатство на „Вардар“ е неговиот кадровски состав. Има екипи, и тоа токму оние што „Вардар“ ги победи, кои имаат и кадровски посилни екипи и кои, исто така, можеа да го победат „Вардар“, и кои исто како и „Вардар“ ја покажуваат таа зрелост играчите да ги ротираат и да им даваат шанса според условите на натпреварот, а не според нивните сегашни или претходни заслуги.
Од тимскиот дух на „Вардар“ може многу да се научи. Тимскиот дух не подразбира само солидарност и пожртвуваност за екипниот успех туку подразбира и искусни професионалци и индивидуалци кои своите квалитети ги ставаат во функција на целиот механизам
Едноставно е. Ако создадете кадровски функционална екипа, условите сами ќе се создадат. Ако создадете добар фудбал, фудбалскиот стадион сам ќе никне. Ако направите добар театар, театарската зграда сама ќе се појави. Аналогно на тоа, ако направите добра Влада – условите во земјата сами ќе се подобрат.
Добро, политиката не е спорт, но по своите принципи не е ни далеку од спортот. И во политиката мора да постојат правила и мора да се почитува некаков фер-плеј, иако и политиката, токму како и спортот, знае да биде груба и полна со удари под појас. Затоа и владиниот тим (тука не мислиме само на министрите туку и на логистиката, па и на севкупната администрација) треба да биде составен по критериумот на функционалност, а не по критериумот на сегашни и минати заслуги или, уште полошо, по партиски критериум.
Токму интернационалниот, или ако сакате, глобалниот карактер на професионалниот спорт, а со самото тоа и на РК „Вардар“, ако се сведе во границите на една земја, може да покаже како се создава модел на ефикасност, без оглед на, што би се рекло, националната, религиската, половата, сексуалната, па и партиската определеност.
Мултикултурниот карактер на едно општество не подразбира само соживот меѓу различните национални и верски определби туку заедништво и солидарност меѓу сите нејзини елементи. Зашто и во една нација или во една вероисповест има повеќе култури. На крајот од краиштата, и во секој поединец егзистираат повеќе културни модалитети.
Оптимизмот и ентузијазмот веќе се дишат во воздухот околу нас. Како и дали ќе се ефектуираат ќе може да се насети уште утре, кога ќе се организира голема прослава на централниот плоштад во Скопје. Тогаш ќе видиме колку, како и од која политичка опција политички ќе биде (зло)употребен ракометниот успех. И ќе видиме кој и како ги сфатил потребите на новото време!