Политичкиот репертоар на власта и опозицијата

Колумна на Ирена Цветковиќ

Ако сте во опозиција или „со оние во опозиција“, живеете во апокалипса. Македонија е на работ на колапс, опасни мигранти веќе тропаат на вратата, воздухот е токсичен, а снегот во јануари е доказ за тотална неспособност на новиот градоначалник на Скопје.

Ако сте на власт или „со оние на власт“, живеете во друга држава. Македонија за вас толку многу просперира, што мора да увезува работници од странство, воздухот е почист од виенскиот, а снегот не е проблем, туку „зимска магија“, која дополнително го разубавува главниот град.

Сменете ги изборните циклуси, премотајте ги лидерите и сценариото останува исто. Мицкоски, Филипче, Заев, Груевски, Ковачевски и другите се актери што се менуваат додека реториките и репликите остануваат исти.

Опозицијата, која и да е, редовно говори со јазикот на критика, правда и „во име на народот“, додека власта говори со јазикот на „нужноста“, „реализмот“ и немањето друга алтернатива. Она што се менува е позицијата од која зборуваат, а не и системот на кој му служат и кој им служи. На тој начин, структурната стагнација се маскира во политичка динамика.

Сменете ги изборните циклуси, премотајте ги лидерите и сценариото останува исто. Мицкоски, Филипче, Заев, Груевски, Ковачевски и другите се актери што се менуваат додека реториките и репликите остануваат исти

Безбројните меѓусебни обвинувања преку константни партиски пресови и изјави даваат илузија дека политиката во Македонија е жива и динамична. Но, овие „конфликти“ се инсценирани на ниво на реторики, додека системскиот консензус тивко се одржува стабилен на ниво на структура.

Чувството дека постојано живееме во динамични политички периоди е илузија. На прв поглед, навистина изгледа живо, владите се менуваат, партиите ротираат, лидерите се критикуваат. Сепак, ако си дозволиме една набљудувачка дистанца низ времето, јасно ќе видиме дека логиката на владеењето не е променета со децении, без суштинска разлика која партија е на власт.

Овој инсцениран политички конфликт има важна функција во уверување на луѓето дека политиката е жива и дека имаме избор. Бесот, лојалноста, стравот и надежта се мобилизираат токму на ова место.

Иако на прв поглед може да звучи како категоријална грешка, театрологијата, или науката за театарската уметност, може да биде изненадувачки корисна во разбирањето на овие политички динамики. Во студиите на театарот, поставувањето на сцена не значи креирање лага, туку претставува процес на организирање, кој има за цел нештото да биде доживеано на специфичен начин.

Со други зборови, инсценирањето ја продуцира реалноста како искуство, тоа не ја крие „вистината“, туку формира „вистина“ што резонира емоционално различно кај различните политички субјекти.

Кога велам дека конфликтот е инсцениран во политиката, јас не тврдам дека тој е лажен или одглумен, туку дека е внимателно кореографиран за да произведе политичко искуство без структурен ризик.

Поддржувачите на која било власт не се заинтересирани за доброто на државата и општеството, туку за тоа каде е нивното место во овој круг на моќ и привилегии, дали ќе добијат вработување…

Политичката сцена почнува да функционира исто како и театарската. И во двата случаи имаме видлива сцена на која се одигрува даден конфликт, препознатливи ликови, како херои или патриоти, негативци или предавници, повторени реплики, емоционални реакции на поддршка или гнев и јасна поделба на просторот „на сцена“ и „зад сцена.“

На политичката сцена имаме реторика, скандали, морални обвинувања, а зад сцената се одржува структурниот консензус заснован на пристап до моќ и корупција, клиентелизам и комплетна партизираност на институциите. Па така, кога избираме власт, ние не избираме луѓе и идеи што ќе го променат системот, туку оние што ќе владеат со него.

Зад овој провинциски политички спектакл, тивко и без вознемирување продолжува да опстојува структурниот консензус за тоа како се распределува моќта и ресурсите, како е организирана домашната економија, како се обезбедува пристапот до работни места, кои меѓународни и финансиски ограничувања се непреговарачки, до кој степен нееднаквоста е прифатлива и кои се оние што ќе го понесат товарот за оваа „стабилност“ на системот.

Овие динамики се прилично видливи кај нас. Народот добро ги знае и лесно ги препознава, а, сепак, реакцијата, и кога ја има, е недоволна. Во Македонија, поддржувачите на која било власт не се заинтересирани за доброто на државата и општеството, туку за тоа каде е нивното место во овој круг на моќ и привилегии, дали ќе добијат вработување, заштита и можности за индивидуализиран успех.

Партиската лојалност престанува да биде идеолошка и станува приватизирано и прагматично позиционирање во структурите на моќ.

Оние, пак, што се надвор од партиските структури, едноставно се повлекуваат од политичките процеси. Престануваат да гласаат, директно да учествуваат во процесите, и доколку говорат политички, тоа е исклучиво низ цинизам и сарказам. Тоа е повеќе од апатија, тоа е  опасна пресуда дека политичкото учество на граѓаните нема никаков ефект и е безначајно.

Оние, пак, што се надвор од партиските структури, едноставно се повлекуваат од политичките процеси. Престануваат да гласаат, директно да учествуваат во процесите…

И така, овој структурен континуитет се репродуцира себеси постојано, до бескрај. Поларизацијата ги одржува мобилизирани и обединети лојалните гласачи, а повлекувањето на другите ги отстранува критичките гласови од политичките процеси.

Во таков амбиент, системот останува заштитен и стабилен, без можности за промена. Во годините што ќе следат, ќе ги гледаме Мицкоски и Филипче еднаш како оптимисти, другпат како песимисти, еднаш весели, другпат намуртени, еднаш израдувани од снегот, другпат изнервирани од лизгави коловози, некогаш како премиери на просперитетна држава, другпат како обични жители на држава во колапс.

Сè додека не се осмелиме да погледнеме зад сцената, ќе останеме соучесници во сопствената политичка измама, убедени дека живееме во важни и динамични времиња со „стратешки“ потези и партнерства, додека во реалноста само сведочиме уште една реприза.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија