Кога една држава е заробена од партија, кога институциите се заменети со параинституции, не е чудно што нејзиниот суверенитет ќе се обидат да го бранат параструктури, еден вид неформални служби во испомош за враќање на редот, мирот, дисциплината и патриотскиот морал во државата.
„Патриотските здруженија“ кои никнаа за потребите на моралната, логистичка и „физичка“ поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, сега претендираат да се претстават како единствен и спонтан патриотско-идеен мониторинг врз националното ткиво, и како брза, мобилна и народна одбранбена оператива. Нивното фемили фото од чинот на обединување во Македонски национален фронт, е повеќе од илјада зборови.
Има таму партиско-тетовирани бицепси, комитски бради и многу други иконографски дребулии типични за кампусот во кој овие претставници на „јагнешки бригади“ ја поминале обуката и досегашниот стаж. Не верувам дека некој од нив седел на главната политичка маса каде што се алиментира лојалноста, но ги има на сите „шведски маси“ кои асортиманот го црпат директно од народните пари – буџетот.
Тоа што денес некои наши сограѓани се стројат во парабригади е срам и неуспех за сите досегашни политички елити изминатите 25 години, не само на оние што ги хранат со преродбенички порции или трошки
Постои една нужна мерка на отпор и срам кон злоупотребата на социјалниот капитал на земјата и манипулацијата со него, кои за жал, не успеавме колективно да ги развиеме, бидејќи многу луѓе исклучиво од егзистенцијални причини влетаа „боси в трње“ во таа манипулација. Тоа што денес некои наши сограѓани се стројат во парабригади е срам и неуспех за сите досегашни политички елити изминатите 25 години, не само на оние што ги хранат со преродбенички порции или трошки.
Да имавме ефикасна антикорупциска политика, функционални институции и независно судство, не ќе успееше криминалот толку драматично да навлезе во сите пори на општеството и да ги узурпира шансите на луѓето за еднаков пристап до пазарот на труд и други права. На оние кои остануваа на маргините, веројатно на крајот не им останало ништо друго, освен да прифатат аргатство во погоните на матните политики и нејзините пропагандни центри и филијали. Ќе речете – не морале, можеле да одбијат. Точно, но многу тешко е тоа да им го кажете на нивните деца кои чекаат леб.
Дисконтинуитетот во функционирањето на правната држава и на механизмите за елиминирање разни општествени девијации, на крајот нѐ доведе до стадиум да се делиме на бранители и предавници, дел несвесни дека сите заедно сме глинени гулаби пред рафалот на една деструктивна политика. Жал ми е што некои наши сограѓани се целосно заблудени за суштината на „одбранбената мисија“ што ја прифатиле. Нема мир со кревање рака врз сограѓани.
Многу слични „борци“ предоцна се увериле колкава несреќа предизвикале слушајќи ги налозите на нивните лицемерни политички икони. Толку лицемерни, што од една страна ги користеле гулабите на мирот како симбол на своето политичко дејствување, а од друга, такви гулаби јаделе за вечера, печени на путер и наполнети со ориз или чадено зелено жито. И по толку испратени, испромовирани и изедени гулаби на мирот, земјата ја донеле на раб на колапс и нова дезинтеграција.
Македонија не смее да си го дозволи тоа. Земјата мора да порасне во секаква смисла, а не да остане заглавена во „заостанат развој“, што сега го сведочиме. Таа диспропорција во развојот ги следи сите општества заблудени и затруени од деструкции и пропаганда. Таквата состојба филигрански ја опишува Гинтер Грас во романот „Ламаринениот барабан“, преку ликот на малиот Оскар. Кога на сцена стапува нацизмот, момчето престанува да расте, како неговиот духовен развој да е завршен во тој миг и станува первертит од најлош вид. Продолжува да расте по падот на фашизмот.
Македонија цела деценија е запрена во растот, оставена во тунелите на растечката пропаганда, а режисерите на таа десетолетка не сакаат луѓето да увидат дека може и поинаку, дека е време да се излезе од тунелот или од бункерот, сеедно
Изгубените години во созревање се знак на немоќ навреме да се спознае вистината, да се продре под пропагандниот слој со кој е покриена реалноста. Македонија цела деценија е запрена во растот, оставена во тунелите на растечката пропаганда, а режисерите на таа десетолетка не сакаат луѓето да увидат дека може и поинаку, дека е време да се излезе од тунелот или од бункерот, сеедно.
„Преродбата“ преведена во лукративна државна стратегија, и национализмот одржуван во силна кондиција преку партиско-медиумска пропаганда, се две глави на еден ист, изопачен политички организам, кој како крлеж е прикачен за ткивото на државата и дава отпор на сите обиди да биде екстрахиран по сила на волјата на мнозинството.
Оние што свесно или наивно му помагаат на тој паразит и натаму да го контаминира крвотокот низ кој течат демократските промени, прават криминален, а не патриотски чин. Тоа мора да го разберат денес, за да не се срамат и одговараат утре. И за да не се чувствуваат како гулаби наполнети со ориз, жртвувани пред олтарот на нивниот ментор, олтар зад кој е вграден добро маскиран сеф, преполн со патриотизам во банкнотните бои на Македонија, но и на други валути.
Мала надеж во големиот проблем е што не се сите исти на стеблото на десницата, па на местото на сувите гранки на партиското стебло наскоро ќе можат да никнат нови, ослободени од лицемерието, празнословието и моралниот дефицит на нивните претходници.
Од луѓе кои немаат морал, не може да се очекува дека ќе согледаат или ќе признаат оти направиле нешто лошо. Наспроти таа отуѓена врхушка, сите други можат да се обединат во граѓански фронт, без црни беретки, без локални амблеми, бидејќи Македонија е многу повеќе од МПЗ-амблем, држава чиишто сегашност и иднина не зависат од ад-хок здруженија кои во име на државата, всушност, ја бранат сивата зона на нечиј криминал.
Оние што ќе го разберат тоа, навистина заслужуваат да се наречат патриоти. И не им требаат ламаринени барабани за да повикуваат на мобилизација, бидејќи автентично ги слушаат во себе камбаните на општествената свест и потребата од промени.