Властољубивиот фанатизам и редукцијата на политички разум, ја носат земјата пред опасноста да одбележи триумф во обезбедувањето сурогат за демократија. Тоа е една политичка алхемија која треба да нѐ увери дека од оцет сме направиле добро вино. А знаеме дека тоа не е можно.
Дојде Хан. Не знам со каква одлука ќе си замине, и какви приказни ќе му раскажуваат домашните лидери, но претпоставувам дека европратеничката тројка веќе прецизно му ги пренела суштинските наоди.
Обидот земјава да се врати во демократски колосек преку реализација на Договорот од Пржино, повеќе се одвива како донкихотовска борба со ветереници, отколку врз докази дека е разбрано зошто има голема потреба извршната власт да се врати во нејзините уставни рамки, да не упаѓа и да не ги узурпира другите власти.
Ако комесарот Хан неговата петта постпржинска посета на Македонија ја темелел на надежта дека преку досега спроведените мерки државата конечно се одвоила од партијата, за жал, денес би требало да биде многу разочаран. Не само што не е одвоена туку таа прегратка е и дополнително зајакната.
Договорот од Пржино, на власта сосема добро ѝ послужи за симулирање конструктивност и исполнети обврски, додека зад кулисите и блиндираните врати на државните кабинети, непречено се одвиваше еден апсолутно спротивен процес: иритирачко игнорирање и опструирање на обврските, реставрирање и надградување на лошите политички практики, прилагодување на пржинските услови на владејачките потреби и интереси.
Денеска премиерот има на себе еден административен „панцир“, во форма на условна оставка, која треба да го прикаже ем како исполнителен, ем да скрие дека е зихераш, кој сака да оди само на сигурно.
Таа „исполнителност“ е многу релативна, ако се има предвид дека токму во пресрет на посетата на Хан, се извршија неколку атентати на Договорот. Наместо медиумски реформи, наместо екстракција на цензурата, автоцензурата и на медиумската контрола, повлечени се повеќе потези кои покажуваат дека воопшто не се менува менталитетот туку само се прекомандуваат и прегрупираат медиумските извршители на власта.
Наместо јавниот сервис да се извлече од канџите на политиката, оттаму се извлекуваат кадри кои на други приватни медиуми треба да ја продолжат старата мантра, небаре приватните медиуми треба да останат амнестирани од обврската да ги почитуваат професионалните стандарди.
Во општество за кое е оценето дека има многу висок степен на поларизација, култура на длабоки поделби и дискриминации од разни видови, токму некои од оние што одамна требаше да бидат клиенти на Комисијата за заштита од дискриминација, станаа нејзини членови. Сето тоа беше исфилувано со изливи на нагласена ароганција, која ја носи пораката дека овде и натаму ќе се знае „кој коси, а кој вода носи“. Односно кој е власт, а кој само наивно верува дека поради Пржино власта ќе си ги менува менталитетот и навиките, на своја штета.
Не само што не се разговара за реформи под палката на преговарачкиот формат туку нив ги нема дури ни како индивидуален порив. Како илустрација за тоа до кој степен е востоличена демагогијата, ќе се послужам со постапката на Ермира Мехмети. Со месеци ламентира за потреба од реформи во ДУИ, а кога дојде на дневен ред гласањето за составот на Комисијата за заштита од дискриминација (со дел скандалозни кадровски предлози), таа гласаше „за“.
Сега сум сигурна дека ДУИ е во таква нереформирана ситуација не заради некои анонимни туку заради конкретни демагози кои едно зборуваат, а друго прават. И добро е што најавила дека ќе молчи до крајот на мандатот, бидејќи со последното „за“, кажа сѐ!
Кога индивидуално се прават вакви компромиси со вредностите – било да се тоа европски, етички, професионални или други, уште потешко е да се очекува дека султански контролираниот партиски колективитет би имал моќ да направи некаков квалитативен исчекор. Слаби индивидуални карактери и силно контролирани партиски контингенти, се одлична комбинација за востоличување на перманентен застој.
„Пржино“ се покажа како одличен полигон за тестирање на отпорноста на оваа византиска стратегија. Договорот беше (зло)употребен од власта како добра формула за да се задржи привидот дека има некакво прилагодување на европските вредности, а од друга стана, продолжи да си го одржува и храни стариот систем на владеење, кој на коалициската дружина ѝ овозможува да не биде попречена од ништо во промовирањето нови варијанти на политички апсолутизам, секако, со „демократски предзнак“.
Таквото феудално третирање на Договорот, придонесе тој само технички да мрдне од мртва точка, а суштински – не. Брисел се измори од овдешното влечкање и бара начин како ова досие да го затвори „некако“.
Тоа „некако“ ќе биде пресудно „секако“, поради главната и основна причина: досега не се обезбедени услови за фер избори. Не се спласнати болните амбиции да се контролира апсолутно сѐ, да се компромитираат обврските со разни марифети и да се маргинализираат институциите кои имаат уставна обврска да го зауздаат режимското самоволие.
Притоа власта брза да го претекне детектирањето на сите лажни лични карти или возачки дозволи, на кои „се возеле“ минатите изборни циклуси. Сака што поскоро на избори, бидејќи откривањето на тие фалсификати ќе ја попречи репродукцијата на целата системска импотенција што таа ја спроведува 24/7, со став дека ако нема брзо избори, Македонија ќе падне во агонија, по што земјата веќе нема да ја биде. Демек, само тие можат да ја спасат.
Однесувањето на оваа партиско-лидерска аутархија, многу потсетува на страотната случка што летово ја пренесе „Индепендент“. На плажа во Дубаи, татко гледал како неговата 20-годишна ќерка се дави, но не им дозволил на спасителите да ѝ помогнат, иако молела за помош. Сметал дека спасителите ќе ја обесчестат со самиот факт што ќе ја допрат. Цената на така зачуваната „чест“, неговата ќерка ја платила со живот.
Македонија, за жал, е во слична ситуација. Се дави, се гуши, пропаѓа, ама власта не гледа благонаклоно на оние кои го нудат Договорот од Пржино како појас за спасување. Ако тој Договор им ја ускратува можноста земјата да си ја третираат како нивна партиска сопственост, тогаш, што ќе им е таква „обесчестена“ од странска рака? Ќе ја остават да се удави, ама нема да дадат да ја допре некој друг.
Тој властољубив фанатизам и таа редукција на политички разум, сега ја носат земјата пред опасноста да одбележи триумф во обезбедувањето сурогат за демократија. Тоа е една политичка алхемија која треба да нѐ увери дека од оцет сме направиле добро вино. А знаеме дека тоа не е можно.
Затоа Хан денеска не смее да замижи пред фактите. Не знам кој период е најпогоден за избори, но знам дека тие не смеат да се закажат пред да се завршат реформите. Сѐ додека антиреформскиот менталитет, демагогијата и популизмот држат главен збор во Македонија, избори не смее да има. Правото на избор, значи можност точно да се одреди вистинскиот момент за тоа.