Покрај толку актуелни теми и важни настани што ѝ претстојат на Македонија, а се најдиректно поврзани со нејзината иднина (не само евроатлантска), еден медиумски наслов прилично илустративно го откри нивото на кое симптомите на заробената држава остануваат самоодржливи, врз база на продолжени ирационалности.
Насловот гласи: „Каква порака им праќа Шилегов на скопјани со дрвото гинко билоба, плодовите на тоа дрво се користат за ерективни дисфункции“. Таман ќе помислите дека е шега, како крунски „доказ“ ви го нудат „реномираниот сајт Здрава линија, кој ова дрво го сместува меѓу 5-те лекови за третирање на ерективните дисфункции“.
Зошто вакви мистификации околу „пораката на Шилегов“, кога јавно беше соопштено што ќе симболизира дрвото. Дека на него ќе стои плочка со изгравиран член 10 од Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации: „Секој има потполно еднакво право на праведно и јавно судење пред независен и непристрасен суд, при одредување на неговите права и обврски и во услови на какво и да е кривично обвинение против него“.
Да не заборавиме, со уривањето на Ќосето беше испратена порака дека е урнато „стекнатото право“ да се суди исклучиво според инструкции од тефтерчето на Гордана Јанкулоска и по желбите на нејзините шефови.
Што тука не е јасно? Дрвото беше насадено на местото од каде што беше откорнат Ќосето со сите нови пиштоли, бомби, ножеви и други симболи за крвава егзекуција по кратка постапка, меѓу другото и братоубиствена. Пораката е дека правдата ќе се дели непристрасно во суд, а не по нарачки од политички центри на моќ со активирање динамити, фрлања во енденци, отпуштања од работа и монтирани случаи за елиминирање на неистомислениците…
Од каде тогаш извира сомнежот дека пораката на Шилегов до скопјани е поврзана со лечење на ерективни дисфункции? Дали можеби поради високиот степен на когнитивна дисфункција во оценката што му е потребно на едно општество за да биде во „функција“?
Да не заборавиме, со уривањето на Ќосето беше испратена порака дека е урнато „стекнатото право“ да се суди исклучиво според инструкции од тефтерчето на Гордана Јанкулоска и по желбите на нејзините шефови. Но, ако кај некои лица постои когнитивна дисфункција, односно привремена или трајно намалена способност да ги разберат информациите во стварноста, науката вели дека е сосема очекувано тие да прибегнат кон некое, за нив „логично“ објаснување, стекнато од претходно искуство коешто за нив било прифатливо.
Имено, оние кои спомениците со таков огромен димензиски и финансиски габарит ги доживувале како единствен валиден доказ за потентноста на нацијата (историска, патриотска, актуелна) и како компензација за институционалната дисфункција што беше оквалификувана како „заробена држава“, веројатно стравуваат дека со губење на спомениците од јавниот простор таа патриотска потентност ќе заврши во друг екстрем – патриотска импотентност.
Патем, не случајно когнитивната дисфункција се нарекува и „генератор на заблуди“. Денес нејзините симптоми, за жал, и натаму владеат во јавниот дискурс, на начин кој би бил смешен, кога не би бил тажен.
Ако дрвото гинко засадено спроти комплексот судови почне да се третира на таков тривијален начин, многу непријатни асоцијации ќе испливаат на површина во согласност со неговите лековити својства. Па можеби некој ќе предложи рочиштата во Кривичниот суд да не започнуваат пред обвинетите да испијат по една доза гинко „на гладно срце“, со оглед колку од нив досега изјавуваа дека не го разбираат обвинението. Ако екстрактот ги подобрува концентрацијата и меморијата, тој очигледно би им овозможил полесно да се потсетат на нивниот „минат труд“ наведен во обвиненијата. Или, ако гинкото ги ублажува и алергиите, а еднаш веќе слушнавме како новинар го прашува Груевски: „Како со кашлањето, намаливте ли, секоја есен/зима ве слушаме како многу кашлате, дали ви открија на што сте алергичен?“
Патем, не случајно когнитивната дисфункција се нарекува и „генератор на заблуди“. Денес нејзините симптоми, за жал, и натаму владеат во јавниот дискурс, на начин кој би бил смешен, кога не би бил тажен.
Подоцна ни откри дека е најалергичен на СЈО. Не верувам дека гинко ќе помогне во овој случај, но секогаш вреди човек да се обиде.
Пaтем, и целиот процес наречен „Вистината за Македонија“, односно објавувањето на „бомбите“ беше своевидна гинко-терапија за општеството: обид за отпушување на крвотокот на државата затнат од разни тромбови, згрутчувања настанaти од лукративнo-криминални интереси во коморите и преткоморите на срцето на државата, предизвикани инфаркти и мозочни удари со цел успешна внатрешна девастација на државниот организам, за политички и хедонистички потреби на оние кои нанаситно ѝ ја цицале крвта.
Можеме да зборуваме и за таква намерно продуцирана дисфункција. Овој термин, секако, не е врзан само за еректилната, туку означува длабоко пореметување или неусогласеност во функционирањето на општеството предизвикано од општествена појава, група на луѓе или поединечни активности. Ако таквото дејство предизвикува штети во функционирањето на општеството и неговата кохезија, тогаш – да!
Дрвото симбол на човековите права и непристрасната правда, испраќа и таква порака – стоп за општествената дисфункција. Оние кои не можат да го разберат ова, секако дека ќе останат на, за нив, единствената прифатлива страна на приказната. Тривијалната.