Далеку од македонските внатрешни и надворешни политички проблеми, далеку од бугарско-македонските „идентитетски“ спорови, далеку од протестите, митинзите, штрајковите…, далеку од фокусот и интересот на „слободните“ мислители и интелектуалците, па и на медиумите, со еден збор далеку од радарот на јавноста се одвива една од решавачките битки за слободата на информирањето, а со тоа и за самата демократија, воопшто.
Имено, во петокот, министерката за внатрешни работи на Велика Британија, Прити Пател, ја потпиша одлуката за екстрадиција na Џулијан Асанж на САД. Таму Асанж ќе се соочи со 17 обвиненија според тамошниот закон за шпионажа и му се заканува казна од дури 175 години затвор.
Покрај обвинувањата за откривање класифицирани воени и државни тајни, како и сензитивни податоци со кои се загрозуваат животи, Асанж е обвинет за помагање и поттикнување на некогашната американска воена разузнавачка аналитичарка Челзи Манинг да украде околу 750.000 дипломатски депеши и воени досиеја, што Асанж ќе ги објави во 2010 година на страницата „Викиликс“ и во повеќе светски медиуми. Адвокатскиот тим најавува дека ќе вложи жалба на одлуката на Петел, но проценките и досегашните искуства со жалбите на Асанж се дека изгледите за промена на одлуката се прилично мали. Ако биде одбиена жалбата, тогаш Велика Британија е должна да го предаде Асанж на САД во рок од 28 дена.
Документите што се третираат како државна тајна, а ги откри Асанж, всушност најмногу се однесуваат на американските воени дејствија во Ирак и во Авганистан. Овие документи, како што пишува „Њусвик“, откриваат дека САД убиле стотици цивили во дотогаш неоткриените инциденти. Преку „протечените“ документи, исто така, се дознава дека ирачките сили убиле 66.000 цивили и дека затворениците биле мачени и подложувани на нехумана тортура.
Далеку од фокусот и интересот на „слободните“ мислители и интелектуалците, па и на медиумите, со еден збор далеку од радарот на јавноста се одвива една од решавачките битки за слободата на информирањето
Во истиот момент, со најавата на објава на тајните документи, „Викиликс“ станува светска сензација, а Џулијан Асанж инстантно се претвора во икона на борбата за слобода на информирањето.
Се разбира дека ваквата позиција на „Викиликс“ и на нејзиниот основач никако не може да им одговара на оние чии тајни се откриени, значи на американската администрација, а преку нејзините притисоци и на другите земји од таканаречениот слободен свет.
Така, веќе во истата 2010 година, Шведска ќе покрене обвинување против австралискиот новинар за наводно силување. Врз основа на таканаречениот европски налог, Асанж е притворен во декември истата година. Во февруари 2011, британскиот суд наредува негова екстрадиција во Шведска.
Во јуни 2012 година, Врховниот суд на Велика Британија ја одбива жалбата на Асанж, што е директен повод Асанж да побара (и да добие) политички азил во амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што поминува цели седум години.
Во 2019 година, Шведска се откажува од гонењето на Асанж „поради неубедливи докази и изминато време“. Истата таа година, Еквадор ја повлекува одлуката за давање азил на Асанж и тој експресно завршува во затвор поради „кршење на гаранциите“. Таа година и САД официјално бараат Асанж да им биде предаден.
Во јануари 2021 година, британскиот суд го одбива барањето на САД да го испорачаат Асанж. Меѓутоа, причините се исклучиво од хуманитарен карактер (сомневање во правичниот однос кон Асанж, неговото ментално здравје и можноста за самоубиство). САД доставуваат гаранции дека Асанж ќе има правично судење и фер однос. Врховниот суд во март годинава ги уважува гаранциите на САД и одобрува екстрадиција. Во април, Вестминстерски магистратски суд наредува негова екстрадиција и го упатува предлогот до министерката Пател.
Во меѓувреме, соработникот на ФБИ, Сигурдор Тордарсон, преку сторијата во исландскиот весник „Стундин“, признава дека лажно сведочел против Асанж во замена за сопствениот имунитет. Во едно истражување на „Јаху! Њус“, повеќе американски службеници и функционери сведочат дека ЦИА планирала киднапирање на Асанж од еквадорската амбасада во Лондон, па дури и негова ликвидација. Овие наводи судот не ги зема предвид.
Ова, според исландскиот истражувачки новинар и сегашен главен уредник на „Викиликс“, Кристин Храфнсон, е само доказ дека процесот против Асанж не е правен, туку станува збор за политички прогон.
Каква порака праќа одлуката на британската министерка? Освен заплашувањето на истражувачките новинари, на медиумите и нивните издавачи, станува збор за сериозно губење на кредибилитетот што наводно демократските земји досега го имаа во воспоставувањето на демократските правила во остатокот од светот.
Ниту еден починител на тешките воени злосторства, обелоденети во документита на „Викиликс“, не одговарал за своите злодела. Ниту бил гонет. Освен Асанж
Кога, на пример, репортерката на Би-би-си ќе бара одговори од претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, на тешките прашања за слободата на печатот во неговата земја, тој ќе одговори со контрапрашања: „Што се случува со Асанж? Колку години беше во еквадорската амбасада? Зошто е во затвор? Дали е тоа израз на слободата на печатот?“ И секако самиот ќе одговори: „Тој е во затвор поради новинарски активизам“. Името на Асанж за иста цел го користат Русија, Кина, Турција…
Агнес Каламар од Амнести интернешнел вели дека екстрадицијата ќе го доведе Асанж во голем ризик и ќе прати застрашувачка порака до новинарите ширум светот. Сопругата на Џулијан, Стела Асанж, во петокот изјави дека ова е само почеток на новата правна битка: „Џулијан не направи никакво злосторство, тој не е криминалец. Тој е новинар и издавач и казнет е затоа што ја работеше својата работа“.
Со падот на ѕвездата на Асанж како да беше означен и падот на кредибилното новинарство. Или што би се рекло, слободата на говорот не е доведена во прашање. Во прашање е доведена слободата по говорот.
Земјата што се гордее со изјавата на таткото на нивниот Устав, Томас Џеферсон, „Нашата слобода зависи од слободата на печатот“ и со Првиот амандман на истиот тој Устав што ја гарантира слободата на говорот, има сериозни шанси на таа цивилизациска придобивка да ѝ го зарие судбоносниот нож во грбот.
Ете, затоа ќе имаме сѐ поголема медиумска неписменост и сѐ повеќе лажни вести. Затоа што истражувачкото новинарство станува слабо платена, високоризична професија, професија која, едноставно, не се исплаќа да се практикува.
На крајот не е на одмет да споменеме дека ниту еден починител на тешките воени злосторства, обелоденети во документите на „Викиликс“, не одговарал за своите злодела. Ниту бил гонет. Освен Асанж.