Поради добри советници растеле империи, поради некадарни – пропаѓале. Ова не е приказна за нас. Далеку сме од империја (не стигнавме до „империја“ дури ни со истоимената и несудена песна за Евросонг), но многу блиску сме до моментот советници да ѝ пресудат на власта во процесот на тековното кадровско проветрување.
Историјата е полна со приказни, поуки и анегдоти на оваа тема. Не мислам на подалечната историја, кога, на пример, и еден Франческо Петрарка (1304- 1374) во Авињон работел како дворски советник. Мислам на современата, онаа во која именуваните и посебните советници се наоѓаат на платни списоци, не поради професионална супериорност, туку поради егзистенцијална инфериорност (!) или најлошо – од атер.
Перцепцијата за советничката каста можеби би била и поинаква, да не беше признанието на премиерот во случајот со несудениот советник за безбедност, Џезаир Шакири, дека „и тој треба да си го заработи лебот“. Помал проблем е дури и ако сите таму се вдомени заради „лебот“. Поголемиот проблем е кога некои се таму за атер на некого, а некои за чалам. Кога нема јасни критериуми, и оние ретките кои навистина го заслужуваат тој статус, се мешаат со кадровското шаренило во кое има сѐ, но малку вистински работни биографии соодветни за надворешен советнички ангажман, 39 на број. Толкава советодавна чета немаат ни многу помоќни и побогати земји.
Но, и тоа не е мерило. Ако си ја вршат задачата, нека бидат и двојно повеќе. Дискрециско право на премиерот е да ги ангажира, но бидејќи ги плаќаме од буџетот, би било добро да знаеме дали тој трошок се ефектуирал или завршил во бунар. Патем, ако правото за ангажирање е дискрециско, дали тоа ги елиминира основните критериуми за избор?
Чест на исклучоците што не надминуваат една третина од советничкиот список, но останатите се типичен израз на нашата просечност и менталитет, во некои случаи и на покондиреност
На ова ме потсетуваат објаснетите контакти со кабинетот на Макрон, на некој нашинец што живее во Париз. Тоа е врска по дифолт, или има поконкретно објаснување? Бидејќи многу наши живеат во Париз, и секој ден поминуваат покрај Елисејската палата, но самиот тој чин не ги прави подобни да бидат советници.
Чест на исклучоците што не надминуваат една третина од советничкиот список, но останатите се типичен израз на нашата просечност и менталитет, во некои случаи и на покондиреност. Во тој регистар на имиња и (не)познати карактери, за жал, меѓу тие што имаат причина да бидат таму, присобрани се и многу лица, кои дури и во нивните локални средини никој не би ги прашал за совет, преку пишувачи на бизнис-панегирици, текстови за песни, бар-менаџери, па сѐ до лица за кои е создадена перцепција дека би придонеле за нашето мешање со светот – инвестициско, културно итн.
Велам – перцепција, бидејќи за евентуален резултат не сме добиле отчет. Не отфрлам дека во некои случаи името е повеќе симболика за намерата за негување контакти со светот, и постои таква практика. Но, тоа се многу ретки и исклучителни примери.
Ако на одговорност подлежат функционери од разни ешалони со секојдневни обврски мерливи според резултатите, зошто не и групацијата чие работно темпо е крајно растегливо, некаде еднократно, некаде симболично.
Ако го гледаме во контекст на промените во извршната власт, тој советнички список наликува на најгласен аларм. Ако на одговорност подлежат функционери од разни ешалони со секојдневни обврски мерливи според резултатите, зошто не и групацијата чие работно темпо е крајно растегливо, некаде еднократно, некаде симболично. Од друга страна, отсуството на отчет ги прави нивните резултати незадолжителни, необврзувачки или ослободени од транспарентност заради дискрецијата при нивниот избор.
Тоа е една прилично удобна позиција која може да произведе повеќеслојно недоволство од непостоењето воедначени мерила на оценка на трудот. На една страна е одот по трње низ институционалните сокаци и калдрми до неопходните и проверливи учиноци, а на другата – еден алтернативен атлас на советничка лежерност во атмосфера идентична на објект со пет ѕвезди и без опасност за вознемирување од страна на политичкиот персонал.
Ваквата извртеност, сеизмографски навестува тресење на тлото на промените. Не е доволно тоа што премиерот ја преполовил бројката на советници во споредба со неговиот претходник. Ако Груевски имал 91 надворешни советници за кои годишно се трошеле 1,7 милиони евра, а Заев има 39 за кои годишно се исплаќаат 307.000 евра, тоа е едностран податок.
Можеш да имаш и еден советник што ќе го плаќаш 1 милион евра, а неговите совети да ѝ овозможат на земјата да реализира десеткратно повеќе. Значи, прашањето е каков е ќарот од советниците? Не сакам да го употребувам зборот зијан или трошок. Тоа е инвестиција. Ако е добра, ќе се врати. Ако не, и тој тим треба да се менува.