Последната капка

„Што, нема вода?“, ечи незадоволен глас во маркетот.

„Има, има, не се секирајте. Еве го растовараат камиончето. Ова ни е четврта пратка, ќе има и нов дотур до крајот на работното време“, смируваат вработени во маркетот.

Да, денеска сите муабети беа за вода. И сите торби за пазарување доминантно беа наполнети со вода. Кога ги листам сликите од многу места во светот каде што питката вода е неостварен сон, гледам колку сме привилегирани, ама и разгалени.

Додуша, сликата е некако шаренолика. Едни се испаничени да купат што повеќе, други колку да се најде некое шише плус, трети се во тотална нирвана. Купувач пред мене, машала, си купи пет шишиња вино и две шишиња вода. Веројатно ја знае поговорката – кој вечера вино, доручкува вода.

Како и да е, само во вакви вонредни прилики, кога накратко ќе останеме без вода поради најавената репарација на шест критични сегменти на водоводната мрежа во Скопје, стануваме свесни за значењето на водата. Кога ја имаме, мислиме дека по дифолт ни следува. Ниту ја штедиме, ниту размислуваме за трајноста и ограниченоста на ресурите од неа.

Командант „Вентили“

И кога еднаш во 50 години ќе мора вентилите на еден ден да се затворат, нѐ фаќа блага паника. Домаќинки по терасите редат садови со вода, канистри, шишиња, некои и индискретно ѕиркаат во резервите кај комшиите.

„Како малку да сте купиле“, дофрла едната.

„Не гледај во излогов (терасата), дојди во магацинов да видиш (внатре во станот)“, одговора другата, и двете заразно се кикотат задоволни од обезбедените стокови резерви.

На некои не им е до шега. Ги мачи мислата што ако нешто тргне наопаку, ако се искомплицира или заврши во стилот „држи воду, док мајстори оду“?

„Во вакви ситуации се потребни луѓе со искуство. Не знам дали има такви“, загрижен беше повозрасен граѓанин.

Еден со „искуство“, кој го знаат сите, е командант „Вентили“. Тој, во 2001 година го затвори вентилот за довод на вода од Липковско Езеро по што населените места од кумановскиот крај немаа вода околу два месеца.

И покрај тоа злосторство, за него сѐ излезе како во народната изрека – „водата стои, тој не стои.“ Доби функција во Царина, па стана градоначалник на Липково, па министер за животна средина… Како од рубриката „верувале или не.“

А што се случи со судскиот предмет „Липковска брана“? Вода го однесе. Матна вода. Па, ми текна на едно писмо од комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, испратено до претходната влада, според кое, овој и некои други хашки предмети конечно треба да се разбистрат. И тој „вентил“ ќе треба да се отвори.

Тивка вода

Пладневниот слалом меѓу купувачи на вода, меѓу другото ме потсети и колку водата е присутна во нашите секојдневни фрази, поговорки, приказни… Во блиското кафуле, каде што ги собираа столчињата и масите пред утрешниот, за нив неработен ден, ечеше „Бистра вода“ на „Леб и сол“.

„Вода во ушите ли имате, ај потивко, што мора толку гласно“, им подвикна соседот од истиот станбен објект.

„Има вода во ушите“ или „Нема вода во очите“, се само дел од таа вербална ризница.

Второво, синоним за сиромашна личност, денес најчесто се користи за споредба кога некој ќе влезе како голтар во власта, а од неа ќе излезе како милионер. Заклучокот вообичаено гласи – „немаше вода во очите, а сега му тече од сите страни.“

Честа е изреката „Како риба без вода“, која, пак, набргу може да биде потисната и заменета со посовремена верзија „Како ДУИ без власт.“ Во политиката, водата често е и метафора за (не)квалитетот на политичарите. Често ја слушаме фразата „држи вода тоа што го кажа“ или „баталете го, тој е гола вода.“

За молчаливи, трпеливи и истрајни, генерално, важи изреката „тивка вода брег рони“, за итромани и користољубиви дека „си ја тераат водата на своја воденица.“

Како во животот, така и во политиката, честопати се случува и онаа фамозна „последна капка што ја прелева чашата“. Или предоцна да се сфати дека „водата по која плови еден брод е истата вода што може и да го проголта“. Или дека некој некого „го превеслал жеден преку вода.“

Додека тоа задоцнето се учи, овде сѐ уште најбргу се открива „топла вода“. Сепак, совладани се и многу поучни изреки за водата – „не го мати изворот од кој си пиел вода“ или „нов бунар гради – во стариот не плукај“. Оние што забораваат на ова или многу повеќе од тоа, обично се соочуваат со заклучокот – водата може да измие сѐ, само срамот не.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија