Послушајте „патриоти“

Многу незгодно и непријатно е да се биде националист во време кога се динамизираат шансите за евроатлантските интеграции на Македонија. Тој националистички дискурс долго време продуцираше резултати на контото на ВМРО-ДПМНЕ. Најчесто предизборно, кога редовно ја бранеа Македонија од Албанците со чии претставници беа во коалиција, а постизборно повторно ја обновуваа.

Ја бранеа Македонија и на 24-ти декември 2012 година. Не сакаа никој да им се меша во буџетот, небаре се работи за нивна партиска, а не за државната каса. Ја бранеа државата и на 27-ми април 2017 година со крвничко тепање Македонци и Албанци. Сметаа дека имаат „поседовен лист“ да бидат на власт за век и веков.

Секогаш кога беа доведени во прашање парите и власта, произведуваа перцепија дека „државата е нападната“, за да си отворат можност да ја „бранат“. Во таа авантура инволвираа добро алиментирани пропагандисти и џубокс-историчари, со квази-историски тези за да ја зацементираат единствената, од власта одобрена, историска вистина.

Сега, кога на државата широко ѝ се отвораат шансите да ја реактивизира својата надворешна политика во регионот и да ги надмине пречките на патот кон интеграциите (договорот со Бугарија и решавање на спорот за името), повторно се обидуваат да ги закочат процесите со изветвени тези за губење на идентитетот, непризнавање на јазикот и ламентација по напуштената грижа за малцинствата.

Партијата која 11 години беше на власт, од толкава тага за малцинствата, заборави дури и на потребите на овдешните граѓани, па со непостапување по нивните, пред сѐ, егзистенцијални проблеми, произведе околу 100.000 Македонци со бугарски пасоши. Така, освен дел заедничка историја, со Бугарија имаме и дел заедничка сегашност. Освен желбата за добрососедски односи, заеднички именител ни се тие наши сонародници, на кои Бугарија им стана втора татковина.

Практично, историјата ни е сведена на класична „патриотска дисциплина“, чија клучна задача не е да сведочи за минатото туку да биде ставена во погон на сегашноста и иднината, но не за поука туку за изградба и надградба на националниот идентитет.

Па, покрај ваква реална слика во огледалото, прашувам: кое е моралното алиби на ВМРО-ДПМНЕ да го критикува договорот со Бугарија и да зборува за продажба на националните интереси? Дали овие наши, а истовремено и бугарски државјани, сега се „замаец“ за градење или за уривање мостови?

Очигледно, ВМРО-ДПМНЕ одамна ја изгуби темата, бидејќи претходно сама ја произведе својата стапица по ова прашање. Па сега имаме парадоксална ситуација, кога токму оваа партија стана жртва и на сопствениот производ и на сопствената пропаганда.

Треба ли како противаргумент да се занимаваме со прашањето кој од најгласните „патриоти“ против Договорот со Софија имаат бугарски пасоши? Апсолутно не. Може да зборуваме за причините што довеле до тој чин, бидејќи, како што има македонски државјани со бугарски пасоши, така ги има и со американски, швајцарски, германски, италијански, австралиски и други.

Но, пред да истрелаат нови ќор-фишеци кон Бугарија, треба да се потсетат барем на три ноторни факти. Бугарија беше земјата која прва ја призна независноста на Република Македонија, Бугарија имаше најголем придонес во убедувањето тоа да го стори и Русија (Жељу Желев), а за време на грчкото ембарго, Бугарија беше нашата порта за спас. Има и многу други (донација на оружје во 1999 година и разни видови помош секогаш кога ни било потребно), но се задржувам на клучните.

Дали Бугарија би го правела сето тоа, доколку имала интерес Македонија да ја нема? Сигурно не. Затоа е срамно што вакви приказни сѐ уште виреат во нечии глави. Тоа се, пред сѐ, лица кои бараат разни начини да го кочат развојот на Македонија, бидејќи егзистираат според криминален принцип: колку полошо за земјата, толку подобро за нив.

И сега прашуваат дали Договорот бил симетричен или асиметричен? Јас би ги прашала какви беа досега односите со Бугарија? Дали тоа што беа неправедно и необјасниво запоставувани, беше симетрично или асиметрично во споредба со односот кон другите соседи?

Ако и во двете опозиции мислат дека губат, тоа веројатно го рефлектира стравот оти се растураат тезгите на „патриотите“ на двете страни, и дека не ќе може и натаму да продаваат националистички ветер и магла, во мали и големи пакувања

Статистиките за дострелите во економската и културна размена доволно зборуваат за тоа. Оние кои не сакаат да анализираат бројки, барем нека се запрашаат – зошто постојано гледавме шпански, турски, хрватски и српски серии, но никогаш и бугарска серија или филм (освен во еден до два изолирани случаи). Дали некогаш на радио сте слушнале бугарска песна? Дали знаете нешто за тамошните естрадни или уметнички ѕвезди, како што овде детално се знае за српските, босанските, хрватските? Не. Дали тоа ви изгледа нормално, кога станува збор за еден од нашите први соседи? 

И наместо да шири фобии за Договорот, ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да одговори зошто толку години биле запуштени политичките, економските, инфраструктурните и културните врски со Бугарија. И зошто историјата овде нема функција на објективна и критичка опсервација на минатото туку идеја допрва да создава митолошка и авторитарна свест и претстава дека отсекогаш постоела само една историска вистина – нашата!

Практично, историјата ни е сведена на класична „патриотска дисциплина“, чија клучна задача не е да сведочи за минатото туку да биде ставена во погон на сегашноста и иднината, но не за поука туку за изградба и надградба на националниот идентитет. Неопходната мултиперспективност, односно потребата еден историски настан да се прикаже од различни позиции, од позиции на сите учесници во него – е избркана од нашата историја и практика.

Сето тоа, создаде еден затворен систем, заштитен и блиндиран од сѐ што е историски поврзано и во одредени сегменти кохерентно со „македонцките работи“. По долги години на таков напорен тренинг, сето тоа заврши со највисоки дострели на нетолерантна политичка култура, тривијално претставена како „сите нѐ мразат“.  

Структури кои се противат на Договорот, секако, има и кај источната сосетка. Тамошната опозиција обвинува дека со него „се признаваат основните тези на македонизмот“, а овдешната опозиција – дека е „штетен за македонскиот народ“. 

Ако и во двете опозиции мислат дека губат, тоа веројатно го рефлектира стравот дека се растураат тезгите на „патриотите“ на двете страни, и дека не ќе може и натаму да продаваат националистички ветер и магла, во мали и големи пакувања. 

„Компромис е кога двете страни се подеднакво незадоволни“, рече во една прилика германската канцеларка Ангела Меркел. Оваа изјава колку важи, толку и не важи за Договорот со Бугарија. Бидејќи, станува збор за искрена желба на двете земји за затворање на едно непродуктивно поглавје во односите меѓу нив, што значи дека мнозинството е задоволно од првиот чекор.

Владата нема комодитет да го троши времето на граѓаните за лечење на нечии лукративни и комерцијални национализми, бидејќи има многу други внатрешни прашања (економски, инфраструктурни, образовни, здравствени, социјални…) кои допрва треба да ги решава

За жал, незадоволните овде веќе прават планови за различни сценарија, по прашањето на која локација би се одржало заедничкото чествување на Илинден. За да дојдат, да вреват, да критикуваат, да го „бранат“ Гоцета Делчев, на пример, од неговиот став дека „светот го разбира како поле за културен натпревар меѓу народите“, а не за плукање и омаловажување како што го разбираат некои „патриоти“.

Притоа, несвесни дека не вршат никаква голема мисија туку само голема нужда диригирана од нивните мали (по морален формат) налогодавци, а ризикувајќи да бидат искористени и наместени идентично како и нивните колеги со МПЗ-амблеми, кои се „прославија“ на 27-ми април и заглавија во коридорите на Јавното обвинителство. 

За жал, кај нас веќе 26 година главен национален спорт е да се работи, наводно, во интерес на државните интереси, а всушност – најдиректно против нив. Тажно е да се гледа како симулираме среќа при сечење ленти за огромни успеси од типот „уште едно тениско игралиште“.

Што има полесно од тоа? Подлога, мрежа, набавка на реквизити  и – спортскиот терен е готов! Но, никогаш не беше направен главниот терен за вистински исчекор на државата. Никогаш не постоеше ни минимум доза на храброст да се промени сегашното статус-кво, да се создаде додадена вредност во политиката, да се зачекори по патот кој одамна покажува дека глобализацијата стана посилна и од гравитацијата.

Тој процес неминовно ќе се случи. Но Владата нема комодитет да го троши времето на граѓаните за лечење на нечии лукративни и комерцијални национализми, бидејќи има многу други внатрешни прашања (економски, инфраструктурни, образовни, здравствени, социјални…) кои допрва треба да ги решава.

Сѐ што навреме ќе се реши, без одлагање, со јасна визија и лидерство, ќе го стеснува просторот на деструктивните структури и ќе ги жнее првите плодови од градењето мостови. А оние што и натаму го разбираат светот единствено како поле за кавга и меѓу своите и меѓу народите, нека си џавкаат и нека си го тренираат омилениот спорт во сопствените куќи. Македонија не е полигон за нивните фрустрации.