Потрошувачко-трговска верска заедница

  • 1
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Одамна се подготвувам  да иницирам формирање нова верска заедница, а деновиве оваа идеја само добива на интензитет. За волја на вистината, не станува збор за нова религија, оваа вера веќе има илјадници поклоници, прашањето е само на нејзина формализација и официјализација. Станува збор за една меркантилистичка религија, односно за Потрошувачко-трговска верска заедница (ПТВЗ).

Припадниците на оваа вера, своите обреди, литургии, миси, крштевки, венчавања, молитви и парастоси ги извршуваат во своите верски храмови, наречени маркети, молови, продавници и дуќани. Тие му се клањаат на врвниот бог на шопингот, познат под името Бог-шоп. Верниците на оваа Црква, својата религија ја консумираат така што секојдневно се молат во некој од божјите храмови, најпрвин пред иконите, наредени на рафтовите, а потоа и кај свештеникот, односно свештеничката, отелотворени во продавач (продавачка) или касиер (касиерка).

Иако оваа религија ги има сите елементи како и секоја друга религија, има свои догми и заповеди, легенди и митови, светци и маченици, распетија и воскреснувања…, таа е сепак дискриминирана во однос на другите верски заедници. Нејзиното формализирање се наметнува како нужност, пред сѐ, затоа што нејзината паства секој ден станува сѐ побројна, но и за да се обезбеди гарантираната слобода на вероисповед.

Имено, за да може ПТВЗ успешно да ја остварува својата функција, таа, во духот на добрите традиции, не треба да плаќа данок. Впрочем, станува збор за духовно, а не за световно прочистување. Тоа подразбира дека светињите кои оваа религија ги слави, треба да ѝ бидат достапни без ДДВ и акцизи, вклучувајќи ги тука и мошне важните бог-шоп џипови, без кои ПТВЗ не би била целосна. Натаму, ПТВЗ би можела да докаже дека нејзините свети објекти се всушност нејзина сопственост и да си ги бара назад, односно да ги стави во свое владение. Тоа е и логично, затоа што на тој начин точно ќе се знае кој и зошто не плаќа данок.

Од друга страна, факт е дека во оваа вонредна состојба, храмовите на ПТВЗ се почесто затворени, отколку отворени, што доведува до духовна испразнетост на нашите верници, плус ги става во подредена положба во однос на другите верници. Во случај ПТВЗ да беше веќе регистрирана, тогаш со право можеше да очекува финансиска помош од државата, која барем донекаде би ја ублажила нејзината духовна болка.

На крајот на краиштата, докажано е дека маркетите и дуќаните се свети храмови и таму никој не се заразил од никаква болест. Напротив, има безброј докази на луѓе кои со соодветна молитва, односно соодветен шопинг, успеале да ги залечат своите рани

 ПТВЗ, како што се гледа од досега приложеното, нема други средства за финансирање, освен средствата што се добиваат од неплаќање данок на нејзините поданици. Евентуални приходи од евентуални недвижнини не се пресметуваат, како што тоа се прави и со другите верските заедници.

Во случај државата да не покаже слух и не одвои соодветна финансиска помош за нашиот Факултет за трговско-богословски науки, тогаш ќе ги отвориме сите наши храмови и ќе ги повикаме нашите верници да го слават богот на шопингот. Како што можеше деновиве да се види, тие тоа прилично ревносно го прават и не ги пропуштаат шансите за да му ја покажат верноста на сопствениот бог.

На крајот на краиштата, докажано е дека маркетите и дуќаните се свети храмови и таму никој не се заразил од никаква болест. Напротив, има безброј докази на луѓе кои со соодветна молитва, односно соодветен шопинг, успеале да ги залечат своите рани. Така пишува во светите меркантилистички книги, а богами има и бројни сведоштва што говорат за чудата на шопингот.

Колку ли само сме прославиле Црни петоци и колку само сме се тепале за тоалетна хартија во Сити мол, па никој не се разболел. Напротив. Лицата на луѓето што излегуваат од некој од храмовите, и тогаш, а и денес, изгледаат среќни, насмеани и весели. За разлика од оние кои не стасале ни да влезат и да ја прочистат својата душа.

Во секој случај, државата треба сериозно да размисли за потребите за извршување обреди на нашите верници. Ако ние ги отвориме храмовите, тогаш нема да направиме од државата Бангладеш, како што се ветуваат некои наши колеги, туку од неа буквално ќе направиме – Америка.

Добро, не знам точно на што мислеше реисот кога рече дека ќе направи од Македонија Бангладеш, само ако ги отвори џамиите. Ако мислеше на заразата со Ковид-19, оптимизмот дека со молитви ќе се случи чудо, се чини сепак претеран.

Бангладеш, во моментот на пишување на овој текст, има регистрирано 621 случај на Ковид-19, од кои 34 се починати. Или ако сакате статистички, на милион жители има четири заболени и 0,2 починати. Наспроти тоа, Македонија има 828 регистрирани случаи и 34 починати, односно на милион жители отпаѓаат 397 заболени и 16 починати. Ете, ПТВЗ и во овој случај е пореална. САД, да не ги редиме тука сите цифри, на милион жители има 1.693 заразени и 67 починати.

Всушност, не станува збор за реалност, туку за моќ. Еден ден ПТВЗ ќе стане реалност, ние ќе бидеме Америка, а моќта и вака и онака ќе нѐ убие.