Пожар во куќата, вода во ушите!

Неодамна, Скопје го обележа својот „тркалезен“ патронат, 80 години од ослободувањето. И тоа, токму онака како што ѝ доликува на македонската метропола. Како еден од најзагадените градови во светот, град во кој возењето во вечниот сообраќаен метеж е веќе влезено во списокот на екстремни спортови, каде што брзото дочекување и безбедно влегување во градски автобус влегува во зоната на добивки на европската лотарија, каде што ѓубрето е одамна урбана опрема, а бездомните кучиња дел од фолклорот…

И како да не беше сето ова доволно за „славеничкото“ расположение, мораше, ете, цинично би рекол, целата „церемонија“ да заврши со – жртви. Според известувањата на медиумите, во ноќта меѓу 13 и 14 ноември се запали куќа во викенд-населбата во близина на скопското село Морани, при што животот го изгубиле еден маж и една жена. (Во овој момент не е битна мојата фуснота дека селото, според мене, се вика Моране. Така го нарекуваат неговите жители, а така пишува и на таблата на влезот во селото. Но, со оглед на тоа дека медиумите и официјалните карти го користат топонимот Морани, ќе го користиме и ние. Главната намена на оваа фуснота е мое лично оправдување пред моите соселани).

Она што е битно е дека соседите што тогаш се затекнале во своите викендички и кои го виделе пожарот и ги алармирале полицајците и пожарникарите, всушност не можеле ефективно да им помогнат на своите комшии! Зошто? Затоа што во викенд-населбата немало вода! Зошто?

Во штурото соопштение на МВР се наведува „поради уличен дефект“! И уште се наведува дека пожарот бил пријавен во 4 часот изутрина, а бил угаснат во 9.30. И дека пожарникарите пронашле две мртви тела. И толку.

Време, води…

Кога малку погоре ги спомнав „моите соселани“, сакав да кажам дека моите родители одамна изградија викендичка во таа населба. Би рекол, меѓу првите. Таму некаде во раните 80-ти години на минатиот век. Таму татко ми правеше вино и ракија. Таму јас ја печам мојата ракија, општопознатата „ѕвездановка“. Таму живее мајка ми, веќе навлезена во својата десетта деценија од животот и без никаква сериозна идеја да го напушти својот двор, своите кучиња и мачиња и да се пресели во градот.

Но, без разлика на тоа кој и како мисли, тука е важно да се каже дека несреќите можат да се превенираат. Дури и оние што се нарекуваат природни катастрофи. Или барем да се намалат нивните последици

Сакам само да кажам дека сум присутен таму, еве, четири децении, а можно е и повеќе. Знам како се собираа пари за да се асфалтираат некои патчиња, како беше носена струја и како беше направен своевиден „самопридонес“ да се направи – водовод.

И знам кога локалната водоводна мрежа му беше предадена на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ на управување, со надеж дека станува збор за професионалци што многу посериозно ќе се грижат за водоснабдувањето, отколку сопствениците на викенд-куќите. И, секако, знам дека за таа услуга се плаќа одреден надомест, главно одреден според состојбата на водомерот.

Но, она што, исто така, го знам, а сум го доживеал прилично стресно е фактот дека таму, во таа викенд-населба често – нема вода. Премногу често. Не знам дали ќе претерам, ама во просек нема барем два дена во неделата. Нема таму викендичка, која нема десетина шишиња и канистери полни со вода. Ако за ништо друго, тогаш за лична хигиена, за варење кафе, а и кучињата и мачињата да се напијат, ако „претече“ нешто.

Банален е мојот пример, ама замислете дека нема вода кога печете ракија. А ја плаќате редовно. Не можам ни да замислам како изгледа да нема вода кога гориш жив во запалена викендичка. И нема ни да замислувам.
И банално е да кажам дека нема толку улици во Скопје, колку што има таму „улични дефекти“!

Невиност и заштита

Но, без разлика на тоа кој и како мисли, тука е важно да се каже дека несреќите можат да се превенираат. Дури и оние што се нарекуваат природни катастрофи. Или барем да се намалат нивните последици.

Не мораа да изгорат толку луѓе во онаа модуларна болница, само ако се следеа протоколите за нејзината изградба. Не мораа да се удават толку луѓе во поплавата во Стајковци, само ако скопската сообраќајна обиколница имаше прописна атмосферска канализација. И, конечно, не мораа да изгорат овие несреќни луѓе во Морани, само ако ЈП „Водовод и канализација“ ја вршеше својата работа.

Се случувале несреќи и несреќи и во оној дел од светот што го нарекуваме „цивилизиран“. Актуелни се катастрофалните поплави во Шпанија, но тамошната јавност упорно бара одговорност на локалните власти за ненавремените предупредувања за временските услови, кои, како што веројатно со право сметаат тамошните жители, ќе спасеа десетици животи. Властите, во најпогодената провинција Валенсија веќе му се извинија на локалното население за пропустите, но тоа очигледно не е и нема да биде доволна сатисфакција.

И додека „политичките фактори“ меѓусебно политички се уценуваат на штета на граѓаните, нам не ни останува ништо друго, туку да набавиме пуканки гледајќи ја неподносливата шпанска сапуница, да чекаме некои којзнае кои по ред избори

Сите се сеќаваме на катастрофалниот земјотрес во Турција, кога речиси експресно беа уапсени десетици луѓе од градежната струка и од локалната администрација што дозволиле изградба на куќи и згради без почитување на соодветните стандарди. Упатените велат дека оттогаш во Турција се гради многу повнимателно и побезбедно.

Во Србија уште траат протестите поради уривањето на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад, кога загинаа 14 луѓе, меѓу кои и еден македонски државјанин. Тамошниот министер за градежништво, Горан Весиќ поднесе оставка, но граѓаните бараат и кривична одговорност за оние што дозволиле ова да се случи.

Ниту во Морани, ниту во Скопје, ниту во Македонија нема да има протести за несреќниците што си го изгубија животот во пожарот, во нивната викендичка. Во ЈП „Водовод и канализација“ нема да има ниту морална, а уште помалку кривична одговорност за „уличниот дефект“. Во Градот Скопје се зафатени со решавање на политичкото инаетење што го блокира јавниот превоз за да мислат на некакви „дребулии“ од типот на пожар во некаква викендичка, која не спаѓа ниту во нивниот атар.

Во Општина Студеничани, на чија територија е Морани, исто така не чувствуваат никаква одговорност, затоа што одржувањето на водоводната мрежа и снабдувањето со вода е во надлежност на Градот Скопје.

Министерот за не знам точно што, Александар Николоски, деновиве, токму по повод колапсот на јавниот превоз во главниот град, изјави дека е недозволиво градоначалничката функција да биде единствената што не подлегнува на смена. Како божем јас да им ги усвојував законите, а не пратениците од неговата партија. И уште вели дека работите експресно ќе се решат по локалните избори, кога, како што веројатно очекуваат, ќе победи кандидатот на нивната партија.

Како што се решија и на претходните локални избори, кога, гледај чудо, победи кандидатката на нивната партија! Од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска нѐ уверуваат дека сите решенија на проблемот се блокирани токму од ВМРО-ДПМНЕ и од нивните советници.

И додека „политичките фактори“ меѓусебно политички се уценуваат на штета на граѓаните, нам не ни останува ништо друго, туку да набавиме пуканки гледајќи ја неподносливата шпанска сапуница, да чекаме некои којзнае кои по ред избори и некој заскитан автобус на јавниот сообраќај и да ги полниме канистерите со вода по дома. За не дај боже!
Затоа што ако во Морани нема вода, ние имаме вода во ушите.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија