Правдата не е нешто од интерес единствено на тие што го прекршиле законот или биле оштетени на различни начини од други лица, туку состојба, која е предуслов за квалитетен и достоинствен живот на секој човек.
Да се живее во неправедно општество, значи да се живее небезбеден живот.
Оттука, правдата е многу повеќе од правичен судски процес. Тоа е идеја што е проткаена во основата на секој систем и институција изграден од луѓето. Кога оваа идеја е врамена во принципи на нееднаквост, тогаш можете да замислите какви се институциите и системите што се втемелени врз неа.
Пресудата за „Ласкарци“ одекна силно во јавноста токму поради тоа што во себе таа ја носи сликата на системот во кој живееме: 4 години затвор за газдата на фирмата и 14 години за возачот на автобусот.
Човекот што за време на насилствата во Собранието на 27 април ја искуба за коса тогашната пратеничка Радмила Шекеринска доби 4 години затвор. Во мојата професија сум била сведок на бројни случаи на семејно и партнерско насилство врз жени, кое резултирало и со тешки телесни повреди, било практикувано во континуитет со години и сериозно влијаело врз неповратно нарушување на менталното и физичкото здравје на жртвите.
Спротивно на сиромаштијата не е богатството, туку правдата – ќе рече еден адвокат на осуденици на смртна казна во САД. И за мене тоа е еден од најјасните описи на состојбата и едно од клучните решенија. Не можеме да зборуваме за правда, ако не зборуваме за класна припадност и за моќ
Ене ги, живи и здрави насилниците, слободни и во нови врски со нови жртви.
Каде се моќните функционери и олигарсите што требаше да бидат дел од процесите на СЈО, знаеме сите. Наспроти нив, затворите се полни со осуденици, кои доаѓаат од сиромашни и маргинализирани заедници и култури. Нашите животи не вредат исто, и тоа треба да нè плаши.
Кога се слушаа најгласно извиците – „Нема правда, нема мир!“, пропуштивме да се осигуриме дека ја разбираме правдата во сета своја комплексност. Постоеше едно интуитивно разбирање на правдата како процес, кој треба да ги стигне моќните, но истовремено отсуствуваше препознавање на неможноста таков процес да се изведе во систем што е изграден да ги штити токму нив.
Лишувањето од слобода, како казна за извршено кривично дело, е исклучително тешка и комплексна казна. Тоа е лишување на едно човечко суштество од еден од предусловите за живот што е вреден за живеење – слободата. Јас не тврдам дека возачот на автобусот или дедото што скубе пратеничка се невини, туку несразмерно казнети. Оваа несразмерност произлегува од моќта на некои од виновниците (како во случајот Ласкарци) и моќта на некои од жртвите (како во случајот Крвавиот четврток).
Правдата не е само прашање на вина, туку и на фер казна.
Светот во кој живееме е неправеден, не само поради корупцијата што постои во правосудните системи, туку поради базична нееднаквост, која ги обележува нашите животи, животите на оние што не можат да се наречат успешни и богати.
Спротивно на сиромаштијата не е богатството, туку правдата – ќе рече еден адвокат на осуденици на смртна казна во САД. И за мене тоа е еден од најјасните описи на состојбата и едно од клучните решенија. Не можеме да зборуваме за правда, ако не зборуваме за класна припадност и за моќ.
Еден од најголемите парадокси на демократијата е неправичниот правосуден систем. Тој никогаш не може да биде правичен, кога е изграден врз идејата на нееднаквост. Оваа системска деградација претставува темел на нашето заедничко живеење. Токму затоа сум песимистка дека реформи од различен тип можат да поправат нешто што е, како што гледаме, погрешно склопено.
Ако се најдете во ситуација да бидете обвинет во судска постапка, тогаш многу јасно ќе ги искусите разликите што доаѓаат од класата на која припаѓате. Мал дел од луѓето можат да си дозволат добар и скап адвокат, да го употребат својот социјален и политички капитал за да обезбедат влијание, да тргуваат со добра и услуги со тие што ја одредуваат казната.
Затоа и тој мал дел слободно врши кривични дела и ужива во слободата.
Ние ја немаме таа привилегија. Па така, еден расипан систем најлесно може да создаде илузија на функционалност врз грбот на слабите. Драконските пресуди не се правда, туку спектакл за масата изигран токму врз нејзиниот грб.
Ако се најдете во ситуација да бидете обвинет во судска постапка, тогаш многу јасно ќе ги искусите разликите што доаѓаат од класата на која припаѓате. Мал дел од луѓето можат да си дозволат добар и скап адвокат, да го употребат својот социјален и политички капитал за да обезбедат влијание
Случаите за кои зборувам не се единствените, ама се највпечатливите во моментов. Тоа не се преседани, туку само видлива манифестација на едно правило што владее предолго. Разочарувањето доаѓа од сознанието дека овие случаи не успеваат да создадат мобилизирачки потенцијал.
Освен негодувања на социјалните мрежи, кои дури и не успеваат да ја надминат моралната параноја предизвикана од значително помалку важни ситуации, како, на пример, слика од двајца геј-мажи фатени за рака на наставен лист во училиште, ништо друго не се случи по овие две пресуди.
Системот успеал да нè убеди дека тоа не нè засега нас, дека ние не сме како тие луѓе, дека тоа не е наш проблем. Каква победа на системот!
Отпорот е единствено возможен кога ќе почнеме да се препознаваме во овие луѓе, да градиме припадност врз основа на тоа колку системот во кој живееме ни гарантира безбедност, еднаквост и правда. Овие линии на поврзување ќе треба внимателно и посветено да ги градиме на сметка на оние што досега ги познаваме.
Па, кое е тоа НИЕ што може да биде политички потенцијално за заговарање?
Ние што мора да ги отплаќаме казните на нашите газди, што мора да го полниме буџетот за да ги задоволиме апетитите на олигарсите и функционерите, ние што мора да ја проектираме функционалноста на еден расипан систем врз нашите слаби и истоштени тела и души.
Во тоа „ние“ сме и Македонци, и Албанци, и Роми, и Турци, и мажи, и жени, и транс, и хомосексуалци и хетеросексуалци, и млади, и стари. Сите ние, кои на прашањето „како оди животот?“, тивко одговараме „туркаме“, наспроти оние за чиј живот вратите сами се отвораат.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија