Веста за строги правила на облекување што ги воведе прилепската гимназија „Мирче Ацев“ предизвика бран на одобрување и поддршка кај голем број родители. Како што е редот, ваквите примери не останаа изолирани, па неколку средни училишта од различни општини решија да го сторат истото.
Веројатно, до крајот на првото полугодие ќе имаме посериозен број училишта на чии влезови ќе стојат табли со различни забрани за облека и украсување на телата. Нема бермуди, тренерки, хеланки, долги нокти, пирсови, а училиштата ќе блеснат во сиот свој сјај, враќајќи ги одамна изгубените углед и чест. Звучи позитивно и охрабрувачки, но тоа просто не е точно.
Како и многупати досега, македонското општество ја покажува својата опсесија со формата наместо со суштината на проблемот што наводно се обидува да го реши. Народ на кој најголемиот и најскапиот културен проект на кој бил подложен (финансиски, визуелно и урбанистички), всушност претставува квази-раскош изграден од гипс и стиропор, премачкани фасади од едната страна и неподвижни галии во река од фекалии, би требало лесно да препознава нешто што во најмала рака е глупаво и бескорисно.
Па, сепак, не смееме да заборавиме дека ние сме богови на формата од најлош вид, на чистата морализаторска поза. Народ кој упорно вложува во лажна слика на раскош, ред, сјај, углед и чест, со која се перчи пред светот додека внатрешноста ни гние и се распаѓа.
Носењето хеланки, тренерки, бермуди, долги нокти и слично не може да биде ниту причина, ниту решение за проблемот на врсничкото насилство, исто како што облеката на жените не може да биде алиби за силување
Без разлика дали се работи за училиште, суд, јавна институција или јавен простор, правилата на облекување мора да имаат причина за воведување, посакуван исход што ќе произлезе од нив и тие да бидат предмет на заеднички договор. Колку и да изгледа разумно ваквата одлука во првиот момент на слушање, вреди да се преиспитаат барем три клучни аспекти на воведување правила од каков било тип пред да се донесе суд.
Која е причината за воведување строги правила на облекување во Прилеп, а понатаму и во другите градови? Кој е проблемот што сака да се адресира со овие правила? Тие се воведени без никакво објаснување за причините. Некои аргументи што беа споделени од поддржувачите на оваа одлука, повторно се промашени: превенција на булинг, намалување на класното раслојување во училиштата и зачувување на редот и моралот кај младите или угледот на образованието.
Носењето хеланки, тренерки, бермуди, долги нокти и слично не може да биде ниту причина, ниту решение за проблемот на врсничкото насилство, исто како што облеката на жените не може да биде алиби за силување. Дури и во училиштата во кои сите деца носат исти униформи постои булинг, кој не е ниту помал, ниту поголем од другите училишта.
Проблемот со длабокиот класен јаз меѓу луѓето во Македонија, односно постоењето богати и сиромашни ученици и сериозните реперкусии што ги носи тоа во образовниот процес, не може да биде решен со промоција на одредени стилови на облекување. Класната раслоеност и сиромаштијата се решава со длабоки системски интервенции и промени, а не со наводно бришење на видливата манифестација на класата. Зарем не е поважно да ги опремиме младите со знаења и мотивација за промена на оваа нееднаквост отколку со вештини за глумење класна еднаквост?
И конечно, можеби најдлабоко промашување се морализаторските аргументи. Етиката не се учи преку облекување, а угледот на образованието не се чува со подобна костимографија, туку со квалитетни курикулуми, посветени просветни работници и секако учебници, кои во најмала рака би требало да стигнат во септември, а не во мај пред завршувањето на учебната година.
Доколку навистина се грижевме за младите, тие ќе беа прашани и директно вклучени во донесувањето правила што се однесуваат на нив
Како што отсуствуваат причини за воведените правила, така отсуствува и визијата што треба да произлезе од нив. Ниту едно од училиштата нема јасна идеја која е посакуваната промена што ќе се постигне со оваа интервенција. Исходот во суштина треба директно да произлезе од мапираните проблеми.
Во нашиот случај, ние ниту имаме проблем што го решаваме со правилниците, ниту имаме резултат што сакаме да го постигнеме. Освен, секако, морализаторски восклик, лајкови и поздрави на социјалните мрежи и секогаш одново воскреснување на лажната идеја дека возрасните посветено се грижат за децата како компензација на апсолутната општествена негрижа токму за младите.
Доколку навистина се грижевме за младите, тие ќе беа прашани и директно вклучени во донесувањето правила што се однесуваат на нив. Наместо тоа, возрасните им скроија забрани и казни, и само ги известија преку визуелен плакат на вратата од училиштето. Тоа нѐ води до третиот принцип на воведување правила, кој се однесува на партиципативност и вклученост во процесите на сите што се засегнати.
Ниедно училиште не ги вклучило учениците во носењето правила за нивно облекување. Па, кој би знаел подобро што е тоа што во одредени стилови на облекување е проблематично за добросостојбата и безбедноста на учениците од самите ученици? Зарем не се самите тие клучниот фокус на оваа одлука? На каква лекција ги учиме младите кога носиме одлуки за нивните тела и животи без воопшто да ги консултираме?
Да бидат послушни и примерни според нашето поимање на овие поими. Конформисти од најопасен вид. На тој начин, тие се воспитуваат (поточно би било дресираат) да бидат послушни и пасивни, да се лишени од одговорност затоа што се тоа политики што ги носат и спроведуваат други и да заборават на својата автономија како човечки суштества затоа што, и покрај негодувањата на возрасните, тинејџерите се луѓе со свој духовен и телесен интегритет.
Ваквите промашени интервенции, многу подлабоко го нарушуваат сјајот и угледот на образованието отколку што тоа можат да го направат сите македонски колена, раменици и долги нокти.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија