Воздржаноста како став

Генералното собрание на Обединетите нации, со големо мнозинство гласови ја усвои Резолуцијата за моментален прекин на огнот меѓу Израел и Хамас. За оваа, инаку необврзувачка, резолуција гласаа 120 држави, 14 беа против, а 45 воздржани. Најголемите приговори на Резолуцијата очекувано дојдоа од Израел и од САД, а главната забелешка е дека Хамас воопшто не се споменува во неа.

Македонија гласаше воздржано. Од земјите во регионот, воздржани беа членките на Европската Унија, Грција и Бугарија, како и Србија, за беа Црна Гора и Босна и Херцеговина, додека Хрватска гласаше против. Од таканаречените „занимливости“, ќе споменеме дека и Украина, на пример, беше воздржана.

Суштински гледано, оваа резолуција е сосема небитна за развојот на работите на „теренот“, односно на фронтот. Впрочем, Обединетите нации уште од поодамна се една сосема ефемерна меѓународна организација, чие влијание уште од времето на бомбардирањето на Србија, а особено со руската инвазија врз Украина, стана сосема безначајно.

И нејзините таканаречени обврзувачки резолуции не се особено битни, а тек необврзувачките. Од друга страна, Резолуцијата е поднесена од Јордан, така што е разбирливо зошто е напишана така како што е напишана, односно зошто во неа не се споменува Хамас, туку само Израел.

ЕУ не можеше да усогласи заеднички став за таканаречената „хуманитарна пауза“, инаку предлог на Шпанија, актуелниот претседавач со Унијата

Сепак, гласањето за Резолуцијата е некаков (иако недоволен) индикатив на мерењето на геостратешките сили, односно потврда на „кој на чија страна се наоѓа“. Она што може да се забележи е „конфузијата“ во рамките на Европската Унија и нејзиното разногласие.

Впрочем ЕУ не можеше да усогласи заеднички став за таканаречената „хуманитарна пауза“, инаку предлог на Шпанија, актуелниот претседавач со Унијата. На овој предлог се спротивставија Германија и Италија. Германија, првенствено поради своето историско наследство и затоа што по дефиниција мора да застане зад Израел без никакви дополнителни услови.

Да се потсетиме: не е само холокаустот во прашање, иако и тоа е повеќе од доволно, туку на нејзина територија, на Олимписките игри во Минхен, 1972 година, први во Германија по нацистичката Олимпијада во 1936 година, палестинскaтa терористичка организација „Црн септември“, афилијација на Фатах, уби 11 членови од израелската олимписка репрезентација.

Од слични историски, иако не и исти, причини тоа го прави и Италија. Образложението е дека моменталното примирје може да му одговара само на Хамас и да му даде време за престројување.

Што се однесува до Македонија, нејзината одлука да биде воздржана во овдешната јавност е пречекана различно, но доминантно негативно, односно како доказ дека отворено сме застанале зад Израел. „Уште еден показател на вазалската политика“, „Срамота“, „Протекторат“… се само дел од реакциите на социјалните мрежи по повод воздржаноста од гласањето.

Немам никакви информации врз што се базира одлуката на Македонија да биде воздржана, како што, на пример, ниту во хрватските медиуми не можат да се најдат релевантни текстови зошто Хрватска решила да биде против Резолуцијата, но ќе си дозволам да кажам, а и да се обидам да образложам дека оваа одлука во оваа фаза на израелско-палестинската војна ја сметам за правилна.

Она што треба да се знае е дека израелската доктрина секогаш се базирала на краткотрајни војни. Без оглед на нашата перцепција, Израел нема капацитет за долги и исцрпувачки војни, како што тоа, на пример, го прави Русија со инвазијата на Украина.

Втората работа е дека на Средниот и Блискиот Исток се распознава само јазикот на силата. Секое покажување слабост е само повик на непријателските страни да извршат уште еден напад.

Во таа смисла, копнената офанзива воопшто не му одговара на Израел, но тоа е она што во шахот се нарекува „изнуден потег“. И, очигледно е, Израел ќе ја води војната сѐ додека не извојува јасна и недвосмислена победа.

Парадоксот е во тоа што, без оглед на крајниот исход на војната, Израел не може да излезе како победник, затоа што потфрлањето на нивните фамозни и, би рекле, преценети тајни и разузнавачки служби при терористичкиот напад на Хамас доволно ја експонираа израелската ранливост.

Од друга страна, треба да се земе предвид дека Хамас суштински е терористичка организација, на која, парадоксално ваквата израелска офанзива ѝ е потребна. Хамас не се ни обидува да ја прикрие својата тактика, која може да се сведе на мотото: „колку полошо, толку подобро“.

Хамас, во своите основачки акти има зацртано дека води џихад до оној момент додека не го избрише Израел од географските карти. Можам да се сложам со српскиот новинар Жељко Пантелиќ, кој наведува дека основната разлика меѓу Хамас и Израел е во тоа што ако Израел сака(л) да ги уништи Палестинците, тоа ќе го направи, а ако Хамас може да ги уништи Евреите, тоа ќе го направи без никаков пардон.

Една од илустрациите за ова тврдење на Пантелиќ му е дека убиените 1.400 луѓе во Израел по нападот на Хамас се еквивалент на, на пример, терористички напад на Курдите во Турција, при што ќе загинат 14.000 луѓе. Како тогаш би реагирал Ердоган, кој сега го нарекува Хамас „ослободителна војска“, прашува Пантелиќ.

Македонија направи добар чекор што се воздржа од гласањето во и онака прилично небитните Обединети нации

Со други зборови, ако идејата на Израел била геноцид над Палестинците, досега тие ќе го направеле тоа, ама статистички податок е дека бројот на Палестинците во последните половина век повеќекратно е зголемен.

Се разбира, ништо од ова не е оправдување за начинот на војување на Израел, кое ги прекршува сите правила на воената етика, на сите конвенции за водење војни и кое директно ги загрозува цивилите.

Блокадата на Газа, уништувањето на инфраструктурата, водоводот, прекинот на струја, оневозможувањето дотур на хуманитарна помош, недостигот од енергенси и храна… сето тоа се одразува токму врз цивилите и се заканува со хуманитарна катастрофа од невидени размери.

Сегашната влада на израелскиот премиер Бенјамин Натанјаху е веројатно најдесната во историјата на оваа земја, што речиси по правило значи дека е и најмилитантната. Јасно е дека прокламираната цел дека војната ќе трае додека не се уништи Хамас е целосно нереална, затоа што и Хамас е токму производ на агресивната и окупациска политика на Израел.

Ако не постои Хамас, ќе се појави некоја друга организација, која, многу веројатно, ќе биде уште поекстремна од својата претходничка. Она што е уште потрагично е фактот дека од околу два и пол милиони жители на Газа, речиси половина се малолетници, што значи дека најголемите жртви на војната ќе бидат децата.

Дури и американскиот претседател Џозеф Бајден прати порака до Израел да не ја повторува грешката на САД по 11 септември 2001 година, односно дека не се води војна против воена тактика, а тероризмот тоа секако е. Војна се води против идејата, без оглед дали станува збор за уништување народи и држави или за освојување територии. Можно е САД да ја елиминираа Ал каеда, ама не го елиминираа тероризмот. Напротив.

А Израел токму тоа го прави – ја повторува грешката на својот моќен патрон.

Во најновото геостратешко распределување на силите навистина мислам дека Македонија направи добар чекор што се воздржа од гласањето во и онака прилично небитните Обединети нации.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија