Стар репертоар

Половина година помина во јалови пресметки за уставните измени, а остатокот до Нова година ќе помине во дискусии за потребата од спојување на изборите. Без оглед на епилогот, секако ќе се занимаваме со понудата на претседателски кандидати, па со техничка влада со ограничени надлежности и со разни комбинаторики за настапот на партиите на парламентарните избори.

Рефрените се однапред познати и паролите веќе испишани – кој е проевропски, кој антиевропски по што ќе следи пребројување на учесниците во таборите, но и на нови „независни“ партии, кои во последен момент никнале во партиските инкубатори, како бројлери за логистика.

Нема да изостане ни „унитарното“ прашање – дали и овде ќе фати корен идејата за заедница на албански општини, како што бараат Србите на Косово, со оглед дека не е првпат туѓи проблеми да се решаваат преку грбот на Македонија. Во пакет со тоа сигурно ќе оди и прашањето – откако Албин Курти ја среди работата на Косово, колку брзо ќе се израдува и на никулец на „Самоопределување“ во Македонија.

Ние сме три децении тренирани да немаме очекувања дека партиите ќе го трошат времето за проекти од јавен интерес, без разлика дали е тоа во редовна, или во фаза пред избори

Ќе следат анализи колку тоа ќе му ги затресе гаќите на Али Ахмети и левата трепка на Артан Груби, на кого сѐ ќе му се скрати од асфалтниот крем ако заради големата цел во друштвото, мора да се приклучи и некој друг што ќе треба да мачка на леб од истиот.

Алијанса за Албанците сигурно ќе продолжи интензивно да бара лек за канцерот на општеството и да му пожелува апдејт и среќен пат во опозиција, додека заедно со канцерот шурува во Владата…

Ете, тоа ќе биде репертоарот во нашиот мал театар, каде што рутината одвреме-навреме може да ја прекине само веста дека некоја мечка се сретнала лице в лице со Стојaнче Ангелов таму некаде во Жировница, го погледнала сериозно в очи и му дала бел лист на кој пишува „ги сакам луѓето, но повеќе ги сакам мечињата“, додека очевидци ќе сведочат дека на крајот го поздравила со зборовите „safety first“.

Не помалку може да нѐ изненади и веста дека во некои одделенија учениците конечно добиле учебници, во кои ем точно била наведена висината на Монт Еверест, ем конечно избришан податокот дека Македонија на исток граничи со Албанија, а на запад со Бугарија.

Крупна вест секако би била и дека е регистриран ден во кој не е нападнат ниту еден полицаец и не е претепана ниту една жена. Или, дека напаѓачот во еден скопски мол, фрустриран што не може да го најдат, на крајот сам се пријавил во полиција. Единствено веста дека застарел и последниот предмет на СЈО нема да изненади никого.

Бизнисмените се жалат дека во изборна година, бизнисот е во лер, чекаат епилог, бараат предвидливост. А има ли поголема предвидливост од тоа дека од октомври до јули ова ќе биде главната агенда, активност и секојдневие?

Не дека ќе нема епизоди од типот „што носи денот, не носи годината“, но тоа одамна нема големо влијание врз нашиот силен имунитет, изграден со силата на традиционалната терапија „секое чудо за три дена“.

Кај нас отсекогаш улога имала само големата слика, но, за жал, не погледнале да видат колку бедно изгледаме во неа

И ете го, дошол јули 2024 година. А тоа не е малку изгубено време. Што да правиме, кога не постојат казни за злоупотреба на службената положба поради трошење на најскапиот ресурс на граѓаните – времето. И да ги има, први би биле укинати со измени на Кривичниот законик.  

Ние сме три децении тренирани да немаме очекувања дека партиите ќе го трошат времето за проекти од јавен интерес, без разлика дали е тоа во редовна, или во фаза пред избори. Второво, пак, никогаш не било во игра поради заклучок дека некој може да извлече изборен ќар, кој е пред сѐ, и нас сѐ. И така во круг.

Ако треба да се исцрта габаритот на претпоставен минимум заеднички простор, во кој оперативно може да дејствуваат партиите во корист на државата, тој сигурно би наликувал на арена, жестока, гласна, пристрасна, комплетен антипод на секаква замисла за мирна атмосфера во која сите од власта и сите од опозицијата цивилизациски дебатираат за актуелни проблеми.

 А малку ли се? Каде и да чепнеш, проблем. Но, кого го интересираат тие „мали“ небитни нешта? Кај нас отсекогаш улога имала само големата слика, но, за жал, не погледнале да видат колку бедно изгледаме во неа.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија