Тоа обично така се случува. Разговарам со двајца млади колеги, момчиња од оние генерации што некогашната држава ја помнат само преку митологијата што се шири за неа. Ме прашуваат за едноумието и за методите на постигнување унисоно мислење. Им зборувам за полемиките меѓу „модернистите“ и „реалистите“.
Добро, тоа се прашања од литературата, а не од политиката. Им кажувам дека во времето кога бев студент или млад новинар (и мене сеќавањето ме напушта) во белградското списание „Социјализам“ се појави голем, масивен полемички текст, да не кажам цела студија, за третманот на Македонија во одредниците на Енциклопедијата на Југославија на Југословенскиот лексикографски завод од Загреб. Тој текст во продолженија го пренесуваше Третата програма на Радио Скопје.
Се сеќавам дека со нетрпение го чекав секое продолжение, небаре се работи за ординарна телевизиска сапуница, а се работеше за текст, фундиран на бројни факти, потпрен на методологиите врз кои се пишуваат енциклопедиските одредници, аналитички обоен и преполн со тези и антитези.
Им велам на колегите дека автор на текстот беше тогашниот главен уредник на „Социјализам“, Борис Ноневски. Ме гледаат малку чудно и сфаќам дека ова име ништо не им значи. Им велам дека е тоа долгогодишниот директор на Кинотеката на Македонија. Не слушнале. Не можам ни премногу да им забележам.
Борис Ноневски беше човек што себеси никогаш не се ставаше во прв план. Сите успеси беа успеси на тимот. Секогаш го почитуваше туѓото мислење и секогаш знаеше да слуша (таа денес ужасно ретка особина)
Во оваа земја има сè помалку места каде што нешто воопшто може да се слушне. Им ветувам дека ќе им организирам средба со Ноневски и од прва рака ќе можат да слушнат „како се создава унисоно мислење“. Ете ми можност и мене по неколку години да се видам со стариот пријател.
Тоа така обично се случува. Два дена подоцна ме стаса веста дека Борис Ноневски починал! Не е доволно да кажам дека се потресов, дека ми остана мака што никогаш не го завршивме нашиот одамна започнат дијалог, дека се гледавме премногу ретко, а можевме почесто.
Она што вистински и буквално го почувствував е празнината што зад себе ја остави Ноневски, чувството дека имаше уште многу работи да каже, дека токму сега му беше времето за сериозни општествени промислувања, допрва требаше да ги запише своите размислувања за културата и обликувањето на општеството, конечно за филмот како негова трајна љубов.
Ноневски го запознав набргу по неговото доаѓање во Скопје. Знам дека имав ужасна трема при нашите први средби. Едноставно, ми беше страв од тоа дали ќе бидам барем малку достоен соговорник на човекот што го замислував како интелектуална планина уште пред воопшто да го видам. Очекував дека ќе ме бомбардира со бројни цитати, референци, разно-разни „-изми“ и други помошни говорни средства со кои имав искуство во разговорите со овдешните „интелектуалци“.
Се разбира дека не бев во право. Првото изненадување ми беше дека воопшто ме знае, не само како име и презиме, туку и преку моите текстови, а тогаш едвај да имав две години професионално искуство. Всушност, речиси секогаш нашите разговори почнуваа преку некој мој објавен текст што беше само повод за една поширока дискусија, во која секогаш уживав.
Одамна Македонија не е истата земја. Одамна нема сериозни обмислувања за културата и за општеството. Одамна нема духовити, интелигентни и смирени соговорници. Сега го нема и Борис Ноневски. Остана само празнина
Втората работа што секогаш благопријатно дејствуваше врз мене беше неговиот нескриен преспански дијалект. Токму овој убав ресенски говор на секоја дебата ѝ даваше некаков „нормален“, „овоземски“ призвук, разбирлив и за лаици како мене. Да, тој преспански јазик беше една прекрасна алатка за Ноневски најпрецизно и најдостапно да ги протолкува и најкомплексните теории на политичките и филозофските науки, дури и на лаик каков што сум јас.
Третата работа (само по редот на набројување, а никако по важност) беше неговата, би рекол природна духовитост. Духовитоста, чувството за суптилен хумор, не е само некој вид мирудија што дава непосредност на разговорот или на исказот (како што тоа, на пример, се сфаќа при јавните настапи на американските официјалиси), туку е уште една метода на „приземјување“ на „страшните“ и „недопирливи“ теми за обичните смртници. Кој го познаваше Борис Ноневски, знае за што зборувам.
Иако не располагам со некои релевантни податоци, датуми, години и признанија што ја обележаа кариерата на Ноневски, редно е тука да се каже некој збор и за неговата професионална кариера.
По враќањето од Белград, каде што го заврши Факултетот за политички науки и каде што долги години беше главен уредник на веќе споменатото теоретско списание „Социјализам“, кое играше важна улога во општествено-политичките текови на тогашната држава и кое, тоа мора тука да се каже, негуваше плурализам на политичката мисла), значи во 1985 година станува директор на Кинотеката на Република Македонија. Би рекол дека тоа е една среќна околност и за Кинотеката, но и за самиот Ноневски.
За него затоа што целосно се вложи во својата работа. Се сеќавам на неговиот ентузијазам и како просто му светеа очите кога зборуваше за плановите и програмите на Кинотеката. Се сеќавам на неговата речиси детска радост кога Кинотеката ги доби на располагање Хамзи-пашините конаци во Бардовци, како ги подготвуваше да бидат најсовремени депоа за чување филмови и архивска граѓа. Помнам како и колку беше среќен кога Кинотеката конечно се вдоми во просториите на библиотеката „Другарче“, па кога се отвори киносалата („Аман, дој да видиш, ќе те бендиса“).
Борис Ноневски беше човек што себеси никогаш не се ставаше во прв план. Сите успеси беа успеси на тимот. Секогаш го почитуваше туѓото мислење и секогаш знаеше да слуша (таа денес ужасно ретка особина) и секогаш со смирен тон го образложуваше она што го мисли, без оглед колку било спротивставено од мислењето на неговиот соговорник.
Одамна Македонија не е истата земја. Одамна нема сериозни обмислувања за културата и за општеството. Одамна нема духовити, интелигентни и смирени соговорници. Сега го нема и Борис Ноневски. Остана само празнина.