„Тоа беше најтешкиот ден во мојот живот. За жал, утрото кога се разбудив воопшто не бев свесен за последиците што ќе следат. Рутински ја тргнав завесата и видов раздвиженост на мојата улица, познатата лондонска Флит стрит. Ах, да, луѓето одат на гласање… Капки дожд се лепеа на прозорецот. Го мразев тој многу ситен, досаден дожд, за кој ем ти треба чадор, ем како да не ти треба. Ми создаваше отпор да излезам на такво, лигаво време. Се премислив кога ми се јави Ричард: „Еј, ајде да одиме во новиот паб кај Ковент гарден…“.
„А референдумот?“
„Па, има доволно луѓе што ќе гласаат. Сигурно не зависи баш од нас двајцата…“
Во пабот имаше многу млади кои веројатно, исто така, си мислеле дека исходот не зависи од нив. Имаше такви и на пазарот. И на Трафалгар сквер. И во Хајд Парк. И во Сент Џејмс парк, и во Камден каде што подоцна заминавме на ручек… Оттогаш не сакам да видам ни пилешко во кари, ни темно точено пиво. Ме потсетуваат на оној глупав ручек поради кој заседнав во ресторан и со мака го довлечкав дома мрзливиот задник, полниот стомак и неодговорниот – себе.
Ме потсетуваат дека не излегов на гласање, за на крајот да сфатам колку многу зависело од мене. Од секого особено. Од мене, особено. Тој ден ја пропуштив шансата да испишам историја каква што сакам. Го добив она што не го сакам. Станав губитнички претставник на мојата генерација.
Никогаш нема да си простам. Но, што ми вреди тоа? Каењето нема вредност. Единствено гласот има вредност. Сега многу добро го знам тоа, но немам шанса да го сменам. Затоа никогаш не откажувајте се од својот глас, бидејќи се откажувате од себе и од посакуваната иднина!“
Ова е исповед на младиот Џон Флечер, еден од многуте Британци што се противеа на Брегзит, но од најбанални причини не го кажал тоа пред гласачката кутија. Не случајно, денес граѓани и политичари бараат нов референдум за договорот со ЕУ, со надеж дека ќе ја сменат одлуката за Брегзит.
Граѓаните на Македонија треба да ја имаат предвид оваа поука. Ако на големите и стари демократии им е потребна ЕУ, што да се каже за младата македонска држава, која на 30 септември е пред голема и НЕПОВТОРЛИВА ШАНСА за интеграциска перспектива, стабилност и безбедност?
Ако на големите и стари демократии им е потребна ЕУ, што да се каже за младата македонска држава, која на 30 септември е пред голема и неповторлива шанса за интеграциска перспектива, стабилност и безбедност
Секој македонски граѓанин има огромна одговорност, речиси двојно поголема од одговорноста на граѓаните во постарите демократии. Зошто? Затоа што Македонија е веројатно единствената земја во која пред историскиот референдум половина европски државници дојдоа да дадат поддршка за референдумот, а само нејзиниот претседател „патриотски“ си замина од Македонија. Тој срам може да го поправат само зрели и одговорни граѓани, кои ќе рефлектираат многу поголема одговорност и мудрост од оној што го плаќаат од свој џеб и никогаш повеќе да не дозволат да им се случи таков претседателски таксират. Срамно е да имате претседател што дезертира за да „дебатира“ за светски проблеми од говорницата на ОН, а око да не му трепне за најважната историска одлука пред која се наоѓа Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ е иста приказна. Само крајно неодговорна личност може да и порача на јавноста да чека да помине неговиот роденден, за да дознае дали ќе гласа. А ако славеникот „случајно“ е лидер на најголемата опозициска партија, како да им се лутиме на децата што прават аџамиски грешки на 17 години, тотално бенигни и неповрзани со судбината на замјата, за разлика од оние сериозни грешки што ги приредува полнолетниот, ем средовечен Мицкоски. Неговото шибицарење со ставот за референдумот веќе доживува епски димензии. Прочитан е како буквар од Брисел до Вашингтон, се разбира, и благонадежно од Будимпешта до Москва.
Прашајте се зошто во ВМРО-ДПМНЕ не ги интересира зошто странски политичари дошле да дадат поддршка за европската иднина на Македонија, ниту дека со тоа покажале огромна наднационална грижа и одговорност за регионалната и европска стабилност. Во ВМРО-ДПМНЕ нивното доаѓање интуитивно го чувствуваат како заверка на сопственото заминување од важните историски страници на македонската историја.
Токму таквите денес предупредуваат за фалсификат. Таквите денес му нудат на членството влечки за да си остане дома, само за тие да не се влечкаат по судови. Ги манипулираат граѓаните дека брзо ќе се вратат на власт. Ги с’скаат да прават народен отпор. Таквата „навигација“ нема врска со иднината на Македонија, туку со иднината на фамилијата.
Затоа и мижат пред клучните факти: дека Македонците биле и останале Македонци и тогаш кога немале држава. Дека останаа Македонци и во југословенската федерација. И замислете – три децении откако таа федерација е мртва, „патриотите“ инсистираат Македонците да си останат единствени чувари – не на своето име, туку на името на поранешната федерација, преку референцата Поранешна Југословенска Република Македонија.
Одредницата Северна, само географски ја прецизира местоположбата на нашата држава во однос на севкупната територија што го носи името Македонија од минатото до денес
Јас не сакам да бидам граѓанин на ПЈРМ. Сакам да бидам граѓанин на сегашна и идна просперитетна Македонија. Одредницата Северна само географски ја прецизира местоположбата на нашата држава во однос на севкупната територија што го носи името Македонија од минатото до денес. Тоа не е хендикеп.
Тоа е симнување на последната пречка, по која Македонија идентитетски призната ерга омнес повеќе нема да биде на ничие „мени“, туку ќе седи на главната маса – таму каде што ќе се носат одлуките. Таму каде што нејзиниот збор ќе има иста важност и тежина со зборот на ЕУ или НАТО – партнерите.
Имам разбирање за двоумењето на дел од граѓаните, кои, или немаат доволно валидни информации, или се затруени од пропаганда. Но, немам разбирање за тие што знаат колку е значајна оваа одлука, а само поради лични и матни интереси сакаат да ѝ врзат камен на Македонија и да ја повлечат уште подолу, во темните подруми на нивните криминални планови. Тие во успехот на Македонија го гледаат нивниот пораз.
„Кога политичарите на гласачите ќе им препуштат одлука што самите не се осмелуваат да ја донесат, тоа не е признавање на границите на своите овластувања. Тоа е прв начин за избегнување одговорност“, пишува Дејвид Рансиман (London Review of Books, 10.05.2018).
Тоа е тоа. Опозицијата, наместо лидерство и став, избра избегнување одговорност. Утре, ако не дај Боже, Македонија остане на опашката на светот, Мицкоски ќе се правда дека не кажал став, туку го оставил народот сам да си избере. Џабе ќе бидат сведоштвата кој и како под маса заговарал бојкот, ако Македонија ја испушти оваа шанса.
Да немате дилема: политичарите што денес се противат на Договорот и тајно се крстат во бојкот, си имаат резервни татковини во сите земји каде што си имаат банкарски сметки. Ние останатите имаме само една татковина
Да немате дилема: политичарите што денес се противат на Договорот и тајно се крстат во бојкот, си имаат резервни татковини во сите земји каде што си имаат банкарски сметки. Ние останатите имаме само една татковина. Ќе гласаме, за да не биде ограбувана и нагрдувана, туку збогатена и надградувана, за нас и нашите поколенија во неа.
Лажните светци и слепите водачи денес нудат еден пат: мрачно статус кво, во кое единствено може да прават обрт на нивните мизерни кариери и лукративни интереси. Искрените лидери и свесните граѓани имаат друга насока: излез од мрачната изолација, развој, напредок и интегрирање во големото европско семејство на партнери и пријатели.
Од полноќ е молк. Од утре нема да слушате политички пораки. Ќе можете да го слушнете само својот внатрешен глас. Најмногу ќе го слушнете кога ќе ги погледнете вашите блиски, деца и внуци, и ќе се прашате дали можете да им дадете нешто повеќе од она што сте им го дале досега: нешто повеќе од родителски бакнежи, топли прегратки, редовни оброци, бескрајна грижа за нивното здравје и образование.
Можете ли да сторите нешто што ќе ве направи особено горди, што ќе ве увери дека со својата мудрост и одговорност сте инвестирале во нивната безбедна и европска иднина, каква што живеат нивните генерации на европското тло? Патот кон тој идеал на сите им е на дофат на раката. Сите со истото пенкало можат да испишат по една многу клучна реченица од иднината на Македонија.
Како што генерациите пред нас оставиле битки вредни за почит, редно е и нашата генерација да ја реализира клучната битка и инвестиција за иднината на земјата, да ѝ отвори нови перспективи за да се развива слободна, независна, идентитетски призната и препознаена секаде во светот, според големи, свесни и одговорни Македонци, достојни да бидат нејзини чеда.