Наивно е да веруваме дека изјавата на македонскиот преговарач, Васко Наумовски, дадена по средбата со Нимиц, е израз на дилетантство и аматеризам, зашто тој, надвор од овластувањата, со неа ја рецензираше предлог-рамката за разговори за спорот со Грција, уште пред таа да биде разгледана од државно-политичкиот врв. Искрено, ќе беше добро ако навистина беше гест на аматеризам. За жал, не е.
Ја разбирам тактичноста на министерот Никола Димитров да не избрзува со оценката. Тоа е знак на одговорност кон функцијата и актуелниот момент. Но, да не се залажуваме. Ова е класично подметнување камен во шините на процесот, и колку појасно се разобличи, толку побрзо ќе се релаксираат разговорите од сомнежите каква песна пее Наумовски: „лична“ или „водњанска“.
Брзината и адресите од кои како „патриотско“ беше оценето неговото грубо злоупотребување на функцијата, само ги разобличуваат протагонистите на мракот, кои имаат многу причини против Македонија да излезе од сегашната изолација. Стравот е голем. Ако се дојде до компромисно решение, тогаш на површина ќе излезе целата шупливост на „патриотизмот“ со кој ја држеа земјата во децениско заложништво.
Ќе мора да одговорат зошто наместо со шанса за интеграција ја хранеа земјата висококалорично со контра-аргументи за тоа, излиени во мермер, бронза, митови, „достоинствени“ странски пасоши и цементирање на „достоинственото“ име со кое нѐ ословуваат во меѓународните организации – Поранешна Југословенска Република Македонија.
Ако се дојде до компромисно решение, тогаш на површина ќе излезе целата шупливост на „патриотизмот“ со коj ја држеа земјата во децениско заложништво
Лесно му е и на Иванов да дели „мудрости“, да изјавува пред дипломатскиот кор дека „имаме забрзана динамика и во однос на прашањето за името со соседна Грција, но, треба да се внимава, брзајќи да не излетаме од патот трасиран со Повелбата на ОН, резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата, бидејќи, само ако ги следиме тие насоки, ќе стигнеме до трајно и одржливо решение“.
И до каде стигнавме што ги следевме? На почетната станица. Но, на Иванов не му е проблем кога од брзање прв од патот ќе излета Наумовски. Ниту прашува – кој е тој да оценува каков е предлогот на Нимиц? Дури и да е најлош, има и кој да го каже тоа, како да го каже, и кога да го каже. Но, во мисловниот апарат на тој што го именувал преговарачот, дипломатијата одамна е сведена на парчиња неоплеменета иверка, на акредитирани камикази кои треба да го активираат вербалниот експлозив, божем да им скрескаат в лице на големите сили, да ги стресат од страв…
За волја на вистината, Наумовски има богат труд во сферата на таквото однесување. Доволно е да потсетам на карикатурата, која од позиција на вицепремиер за евроинтегерации му ја подари на амбасадорот на ЕУ, Ерван Фуере, на завршувањето од неговиот мандат. Се сеќавам како луѓе од сегашната опозиција, а тогашна власт, неартикулирано се кикотеа од радост за таквиот чин. Демек, како „јако“ го зафркнале Фуере.
Велат- будалиот се фали со она од што паметниот се срами. И што да правиш со таков кадар? Не вреди ни да се бара отповикување. Се отповика самиот. И добро е што процесот ќе премине на повисоко, министерско ниво, па Наумовски може да си прави јалови сценарија со тој што го именувал, и двајцата да се „оспоменичат“ како живи егемплари на штетниот политички и дипломатски провинцијализам.
Такви симптоми видовме и при посетата на Столтенберг. Стравови од глобализам, империјализам и ред други комитски бладања. Едни „конструктивно“ му го слушаат обраќањето, други го палат знамето на НАТО. Колку што не е здраво да се негува безрезервна идолатрија кон ЕУ или НАТО, толку е нездраво од дрвото да не се гледа шумата.
Трагично е да се нема претстава за времето во кое живееме, за геополитичките односи и за клучните интереси на Македонија во тој контекст- безбедносни и интеграциски. Слепило, незнаење, жртви на митови.., не знам што сѐ е измешано во главите на некои луѓе. Но, партија која претендира да биде силна опозиција и да се врати на власт, срамно е да му раскажува на Столтенберг дека во земјата има политички прогон, а аргумент за тоа да ѝ биде притворот за 27 април.
Како може да тврдат дека поддржуваат членство во НАТО, а да се против владеење на правото? Што му кажале на Столтенберг? Дали наводниот политички прогон треба да биде запрен по сила на партиското право? Во превод, Заев по примерот на претходникот да крева слушалка и да нарачува одлуки во судот. И таква ли „конструктивност“ ќе ја врати опозицијата во парламентот? Ако зависи од тоа, воопшто нека не се враќаат.
Смешно е, што приказните за прогонот му ги кажуваат на човек кој доаѓа со целосен скен на состојбите во земјава. И точно знае и до каде се реформите и уште колку е потребно да се сработи. А, да учеа малку од него? Не од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, туку од некогашниот премиер на Норвешка, Јенс Столтенберг.
Пред пет години, во изборна кампања, тој облече униформа на таксист, со капа и темни очила го маскираше изгледот, и возеше такси за изворно да слушне што мислат граѓаните за политиките на неговата партија. Не му требаа ставови од апологети по професија. Победи на изборите. На нашиве им е под чест да влезат во нешто, ако не почнува на „М“ или да влезат во партиско седиште ако нема големина на Лувр.
Најголем непријател на Македонија сме ние, нејзините граѓани, што со години ја браниме од некого и од нешто, несвесни дека најсилно ќе ја одбраниме ако почнеме да ја градиме со мудрост и визија
Ако им е за утеха, Столтенберг беше услужен со нивниот, сѐ уште непродаден, блиндиран и најскап „мерцедес“ во ЈИЕ, контрапункт на сите опозициски приказни за скромност, непосредност, контакт со народот и други приказни за големи деца. Патем, и неговата средба со Катица Јанева, сама по себе е симбол на силна поддршка на СЈО, а против принципот за неказнивост, на кој сега инсистира опозицијата најавувајќи предлог-закон за амнестија.
Индициите за парите и политиките криминално злоупотребени за интереси на власта, а против напредокот на РМ, ќе мора да добијат судска разрешница. Само така ќе дознаеме дали и во чии џебови и мермерни паркови завршиле нашите пари, наместо да завршат во болници, училишта, градинки, патишата, гасоводи, пречистителни станици, водоводи, филтри против ПМ-10 честички…
Патем, кога сите ќе се жалат на загадениот воздух трчајќи со децата на прегледи во „Козле“, не е лошо да се знае дека Детската болница за белодробни заболувања е изградена по земјотресот во Скопје од 1963 година, со помош од норвешката и данската влада, и норвешкиот Црвен крст. До нејзиното отворање во 1965 година, работите ги координирал Торвалд Столтенберг (тогашен секретар во норвешката амбасада во Белград), инаку татко на овој Јенс од „клетото НАТО“. Уште ја користиме таа болница. Сме можеле за половина век и нова да изградиме. Но, не сме. Популистички било поисплатливо да садиме коњи, воини, ќосиња, врби, галии…
И сега, голи како Прометеј пред да му стават гаќи, што им останува на ретроградните, освен да викаат „уа“. Потешко, но поодговорно е да се стави прстот на чело, да се размисли што правиме, каде одиме, како се однесуваме, и колку е тешко да се градат пријателства, а колку лесно да се губат.
На крајот, ако некој сакал да не постоиме како држава, идентитет, култура, ако некој сакал да нѐ нема, на Македонија ќе ѝ беше оневозможено да стане независна држава во 1991 година и немаше да биде признаена од толку држави. Полесно е да урнеш држава пред да застане на нозе, отколку кога е меѓународно етаблирана. Па, сѐ повеќе доаѓам до еден поразителен заклучок: најголем непријател на Македонија сме ние, нејзините граѓани, што со години ја браниме од некого и од нешто, несвесни дека најсилно ќе ја одбраниме ако почнеме да ја градиме со мудрост и визија.