„За ова исклучително значајно прашање (спорот за името), што нè влече надолу и ни ја попречува иднината повеќе години, потребно е лидерство“, рече шефот на македонската дипломатија Никола Димитров по вчерашната средба со претседателот Иванов.
Лидерството, само по себе, не е можно без храброст и визионерство за вистинската, исправна насока во која лидерот го трасира патот. Историјата познава многу „големи лидери“ кои околу себе успеале како магнет да привлечат огромни маси приврзаници, но тотално ја промашиле насоката. Таквото лидерство предизвикало војни, страдања, милиони изгубени животи.
Зарем Хитлер не е вистинска илустрација за тоа? Бил слепо следен како „големиот водач“, но неговото лидерство со болна визија за „новиот светски поредок“ заврши на неславната страна на историјата, поточно на нејзиното буниште.
Визијата и антиципирањето кон што води една одлука, чекор, подвиг, но и храброста и ризикот да се влезе во таква битка, се суштината на лидерството. Без тоа, лидерството е празна фраза.
Очекувањата да се најде минимум лидерски штоф на адресата вила „Водно“, девета година по ред го носи епитетот „пиши пропаднато“. Побрзо тој ќе го најде гробот на Александар, отколку што ние ќе откриеме логична арументација зошто шефот на државата во сите овие години, токму во 89-тата минута од важните „натпревари“ и сместуваше автогол на државата: незаконска аболиција, недавање мандат за формирање вада, условување на мандатот со гаранции, контраверзна улога во увертирата за 27 април, најавено вето за ерга омнес…
Ќе му беше полесно на Иванов ако немавме со кого да го споредиме. За среќа имаме. И Киро Глигоров, и Борис Трајковски, во клучни и критични моменти за земјата покажаа вистинско лидерство
Во политичкото портфолио на Иванов и по девет години нема активност која ќе сведочи за додадена вредност на државните потреби и предизвици. Колку драматична трансформација треба да помине еден човек, за денес да прашуваме кој е всушност Ѓорге Иванов? Од левичар, кому во младоста политички идол му бил Вацлав Хавел, кој во ’90-тите го носел Зоран Ѓинѓиќ на политички дебати во Македонија, и од омилен професор кај неговите студенти, тој се претвори во антипод на самиот себе и на хабитусот на неговите идоли: националист, човек кој со своите потези предизвикува поделби во опшеството, нешто што не би требало да му се случи на некој што докторирал на тема „Демократијата во поделените општества, со посебен осврт на Република Македонија“.
Денес негови политички идоли се Путин, Орбан, Ердоган…За вкусовите не се расправа, особено кога тие би останале во сферата на приватното. Но претседателот на држава не е „приватно лице“. А кога тој како трговец-поединец се обидува низ идеолошката призма на неговите идоли да влијае врз утврдените надворешно-политичките приоритети на Република Македонија, тогаш дебатата е легитимна и повеќе од потребна. Особено, ако постојат индиции дека се обидува зад своите „црвени линии“ да прикрива црвени линии и интереси на неговите политички икони од држави со илиберален предзнак.
Во образложението дека не прифаќа решение за прашањето за името за севкупна употреба, вели дека неговиот „принципиелен став е конзистентен и со ставовите на сите досегашни претседатели на Република Македонија“. Второво е целосно неточно бидејќи преговорите за името никогаш досега не дошле пред завршна фаза, за кој било претседател досега да биде соочен со изјаснување околу грчкиот услов ерга омнес. Но, дури и овој став на Иванов да го третираме како точен, неговата принципиленост и конзистентност паѓаат во следната реченица: „Целиот процес наликува на личен договор меѓу премиерот Заев и премиерот Ципрас, за што нема обезбедено национален консензус во Република Македонија“.
Во политичкото портфолио на Иванов и по девет години нема активност која ќе сведочи за додадена вредност на државните потреби и предизвици. Колку драматична трансформација треба да помине еден човек, за денес да прашуваме кој е всушност Ѓорге Иванов?
Што сака да каже Иванов? Дека разговорите не треба да се одвиваат на „ниското“ премиерско ниво или дека е „проблем“ што сите досегашни средби и контакти Ципрас-Заев се јавно и транспарентно соопштени. Лошо ли е тоа?
Најверојатно. Од „бомбата 33“ слушнавме како треба да се водат преговори. На Милошоски, како тогашен министер за надворешни работи кој во моментот е во Сараево, Груевски му јавува и му соопштува дека заради разговори за името „Сашо (Мијалков, тогашен директор на УБК) утре ќе оди таму на средба, да се види со тој на буквата ‘А’“. Патем, го информира дека заради подготовка на состанокот претходно во Македонија биле дојдени „тие двајцата“, кои во разговорот се опишани како „едниот подебелкиот“ и „тој другиот што не е асли Грк, туку малку мешавина“.
Во друг разговор, Груевски и вели на Силвана Бонева дека „грчки претставник дал еден предлог, кој е нешто како компромисен“: „Го мислевме неколку дена и го прифативме. И он вика – е сега јас треба моиве да ги убедам“.
Македонската јавност во тој период немаше никакви информации, а камо ли обезбеден национален консензус, каков што сега бара Иванов, околу тоа кој, кога и каде преговара за името. Јавноста ни пост-фестум не дозна дека некаков предлог бил прифатен од Владата на Груевски, но пропаднал, бидејќи Грците не се изјасниле за него.
Дали Иванов и тогаш бил „вака“ принципиелен и конзистентен? Дали реагирал кај „своите“ со изјава дека тоа му личи на личен договор, но за жал, не меѓу премиери, туку меѓу Сашо, тој на „А“, „подебелкиот“ и „оној што не е асли Грк туку мешавина“. Дали ова друштво што тајно преговарало за името на државата било повисоко ниво од денешното јавно, транспарентно министерско и премиерско?
Очигледно не. Но, врз вакви демагогии Иванов денеска се обидува да подметне уште една мина на процесот за името. Од неговата шуплива аргументација веќе се наѕираат крупни солзи што разговорите се извлечени од кампусот на бизнис-десничарски и националистички кругови од овде до Москва, и што главниот збор не му е препуштен на некој на „П“. И да не се лажеме: ова не е неговата „црвена линија“, туку класична вазалска жица што завршува на плочниците на Црвениот плоштад.