Нам, на таканаречените обични луѓе, ни е тешко да ја рационализираме одлуката на Суад Мисини и неговиот син Исак, во чест на нивната сопруга и мајка, прерано починатата Азбија Мемедова, да ја донираат семејната куќа во хуманитарни цели.
Поточно, да ја пренаменат во еден вид сигурна куќа, безбедно место за напуштените и бездомни деца, за жртвите од семејно насилство, социјално загрозени категории или, со еден збор, за ранливите групи што егзистираат крај нас и на кои, ајде да не се лажеме, се навикнавме како на некаков вид фолклор, да не кажам како на неизоставен дел од нашиот идентитет.
Ние, значи обичните смртници, иако длабоко во нас чувствуваме дека станува збор за неверојатно голем емпатичен чин и инстинктивно му се воодушевуваме, сепак остануваме збунети пред мотивите на ова невообичаено завештание на таткото и синот Мисини.
Некако како повеќе да сме навикнати да изградеа некакво светилиште, црква, џамија или што и да е, отколку да се грижат за судбината на другите, колку и да се тие целосни аутсајдери во нашиот искривоколчен неолиберален систем.
Поинаков систем на вредности
Разговарам со моите пријатели за постапката на семејството Мисини. Едни бараат некакви скриени мотиви зад целта на овој потег („Хуманизмот е денес бизнис“). Други, едноставно, заклучуваат: „Што му треба да се меша во туѓи работи?“, во поттекст констатирајќи дека грижата за ранливите групи е првенствено задача на државата.
Во таа смисла, со самиот факт дека плаќаме данок, ние сме ослободени од обврската (или потребата) да се грижиме за проблемите на непознати поединци и групи во пошироката заедница. Односно, слободни сме да си ја гледаме својата работа и да се обидуваме да обезбедиме благосостојба за нас и за нашите блиски.
Трети, пак, се прилично преокупирани со сопствените животи и проблеми, евентуално со цената на горивата, па сосема бегло и незаинтересирано поминуваат крај оваа информација.
Суад и Исак го сфаќаат она што ние, пак ќе повторам, обичните смртници не сме во состојба да го разбереме. Тие сфаќаат дека не можат да бидат среќни покрај толку несреќа покрај нив. Тие разбираат дека овој свет е заеднички
Не можеме, велам, да ја видиме севкупната големина на ова дело, а камоли да ја сфатиме неговата целосна суштина. А, не можеме затоа што, за да се види каква било и чија било големина, главата треба да се држи високо исправена, умот да биде отворен и мислите да бидат бистри.
Ние, за жал, во сеопштиот наплив на малодушност и индиферентност, под тежината на фрустрациите што ни ги носи времето што го живееме, одиме со наведнати глави, следејќи ги сопствените или туѓите траги, сѐ за да успееме некако да ја мапираме суровата реалност.
Она што сакам да го кажам е дека големината на потфатот на Мисини постариот и Мисини помладиот не може да се мери само или единствено преку великодушната хуманост, туку повеќе или барем подеднакво толку преку практичниот обид за воспоставување на некој нов вредносен систем.
Систем во кој доброто дело не се огледа единствено преку семејните и пријателските врски и контакти, туку се отвора кон сите на кои таа добрина им е егзистенцијално потребна. На тој начин, можам да кажам, се модификува и онаа библиска морална поука да го сакаме ближниот свој. Во овој случај ги сакаме сите. Ама буквално сите.
Не постои тука филозофијата дека го правам она што сакам да ми го прават мене ако за тоа има потреба. Нема никакви калкулации од кој било тип. Напротив. Постои само една евидентна жртва. Жртвување на една недвижнина, нешто што во некоја пригода би значело извесна инвестиција. Можеби и обезбедување на дел од иднината или среќата на младиот Исак.
Но, не… Суад и Исак го сфаќаат она што ние, пак ќе повторам, обичните смртници не сме во состојба да го разбереме. Тие сфаќаат дека не можат да бидат среќни покрај толку несреќа покрај нив. Тие разбираат дека овој свет е заеднички. Не им припаѓа тој само на економските и политичките моќници, туку подеднакво и на оние на кои животот им доделил лоши карти.
Се плашам дека овој нивни потег нема да промени ништо во нашите сфаќања на моралот и функционирањето на светот, но доволно е барем да нѐ потсети дека може да постои и еден поинаков систем на вредности, во кого луѓето со емпатија и доблести нема да се третираат како слабаци и дека не се херои безобѕирните и алчните, оние што немаат скрупули во остварувањето на своите цели. Напротив. Работите се обратни.
Татко и син
Со Суад Мисини се запознав пред многу години. И тоа познанство главно се одвиваше преку некаква професионална соработка. Тој објавуваше некои свои анализи и текстови во медиумите, во кои што јас во тоа време бев некаков уредник. Значи, не би рекол дека сме другари во вистинската смисла на зборот, ама би можел да тврдам дека имаме некаква меѓусебна почит и уважување до денешен ден.
Во таа смисла, можам да кажам дека донирањето на семејната куќа за хуманитарни цели ме затекна, ама не ме изненади премногу. Едноставно, знам многу мал дел од неговото активистичко дејствување, ама, сепак, доволно за да создадам одредена слика за неговата сфаќање на правдата, па ако сакате и на среќата како таква. Знам, на пример, со каква енергија собираше средства и организираше купување храна (ланч пакети) и достава за бездомниците.
Ако не се лажам, мислам дека за таа цел дури и продаваше книги од својата лична библиотека.
Можеме и ние, обичните смртници, да бидеме среќни? Како? Така што ќе им помогнеме на Суад и Исак да ја реализираат својата благородна идеја
Но, знам и кога штрајкуваше со глад пред Собранието, присилувајќи го да ги смени целосно нехуманите законски мерки за мигрантите. И тоа беше некое време-невреме, како што е сега. Можеби и уште полошо. Но, тоа не го поколеба да истрае во својата борба, буквално ризикувајќи си го сопствениот живот за луѓе што не ги познава и кои несреќата ги присилила да поминуваат низ оваа кутра земја. И тогаш, слично како и сега, луѓето не можеа да разберат за што точно станува збор.
Неговиот син Исак не го познавам. Го знам само преку медиумите како иноватор, односно изумител на оној паметен чадор за плажа што се врти заедно со сонцето, така што капачите ќе бидат цело време под сенка. Морам да кажам дека, со оглед на моите годишноодморски искуства и сѐ помалата подносливост на сонцето, овој пронајдок навистина ме воодушеви. Навивав и навивам да се реализира и да биде широко достапен. Знам и дека е политиколог по образование. И тоа би било тоа.
Овие кроки-портрети ги наведувам само барем до некаде да се разбере генезата на нивниот чин, на она што некои би го нарекле „пробивање на границите на хуманоста.“
И знам уште нешто. Знам дека реализацијата на оваа идеја на Суад и Исак, семејната куќа да ја претворат во место за престој на ранливите групи, место за поддршка, еколошки хаб и место за обуки што ќе им овозможат нови почетоци во животот, реално ќе усреќи многумина. А тоа ќе ги усреќи и Суад и Исак. Знам дека сега нивната сопруга и мајка, ако ги набљудува од она подобро место каде што е сега, сигурно е горда на своето семејство.
И знаете што? Можеме и ние, обичните смртници, да бидеме среќни? Како? Така што ќе им помогнеме на Суад и Исак да ја реализираат својата благородна идеја. И ќе гледаме како ги усреќуваме луѓето.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија










