Американско-британскиот напад на Јемен, поточно на воените бази на Хутите, со цела жестина го отвори прашањето: што е поважно во глобалната геополитика – светската трговија или светскиот мир?
Иако прашањето е делумно реторичко затоа што многумина од нас, ако не го знаеја одговорот, со голема доза на сигурност го навестуваа. Меѓутоа, отворањето на новото воено жариште на Блискиот Исток, драстично ги разголи интересите на светските сили.
Ова се базира на неколку причини. Првата е врзана за трагичната судбина на Јемен.
Најголема хуманитарна криза во светот
Децениската граѓанска војна што се води таму, речиси до корен ја девастираше оваа земја. Војната во која учествуваат повеќе страни, па и држави (првенствено Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати со нивните сојузници), главно се води меѓу проиранските Хути и силите лојални на меѓународно признатата просаудиска влада.
Од 2014 година, кога политичката криза ескалираше во воени дејствија до денес, Јемен се наоѓа во најголемата хуманитарна криза во светот, во последните половина век. Се проценува дека дури на околу 22 милиони жители им е неопходна хуманитарна помош, што е околу три четвртини од вкупното население (се проценува на 34 милиони жители).
Кон крајот на 2021 година, Обединетите нации објавија дека речиси 70 проценти од жртвите на војната се деца помали од пет години! Во тој момент беше проценето дека војната однела 260 илјади животи (околу половина се директни жртви на војната, а другите индиректни, односно се последица од хуманитарната криза).
Се проценува дека дури на околу 22 милиони жители на Јемен им е неопходна хуманитарна помош, што е околу три четвртини од вкупното население
Вооружени десетгодишни деца се вообичаената слика во редовите на завојуваните страни. Според индексот на глад, Јемен е второрангирана држава, веднаш зад Централноафриканската Република. Секако, треба да се спомене дека Јемен со векови, поточно до катастрофалната граѓанска војна, бил просперитетно трговско подрачје, со големи пристаништа на Црвено Море и со завиден туристички потенцијал.
Целата оваа војна со ужасни разорувања и жртви како да помина и како да поминува под радарот на човештвото. Најдобар показател за тоа е константното кратење на буџетот на Обединетите нации за хуманитарна помош на Јемен. Од почетната помош за 13 милиони луѓе, таа се сведе на помош за околу три милиони загрозени жители на оваа земја. Треба ли да се каже дека и оваа помош стасува отежнато и нередовно?
Бунтовниците Хути
За цело ова време, побунетите Хути (кои ние и денес, токму поради непознавање на работите, ги мешаме со припадниците на племето Хуту, кои во првата половина на 90-тите години од минатиот век извршија геноцид врз ривалското племе Тутси во Руанда) растеа како респектабилна воена сила.
Нема релевантна проценка колку луѓе имаат под оружје. Во 2010 година, оваа цифра се движела меѓу сто и 120.000 вооружени припадници. Во 2015, организацијата објавува дека добила нови поддржувачи, надвор од нивните традиционални ресурси. Она што се знае е дека Хутите располагаат со балистички и крстосувачки ракети, артилерија, хеликоптери, авиони…
Колкава е нивната сила, покажува и фактот дека сериозно вооружената Саудиска Арабија не успеа да ги потисне од нивните територии (владеат со најголемиот дел од територијата на Јемен). Дури и во време на „црвеноморската криза“ и привременото стишување на воените дејствија, Хутите држат околу 50.000 војници околу градот Мариб, последното упориште на меѓународно признатата влада на Рашад ал Алими, која, патем речено, дејствува од егзил, односно од Саудиска Арабија.
Побунетите Хути, што ние поради непознавање ги мешаме со припадниците на племето Хуту, одговорно за геноцидот во Рунда, станаа респектибилна воена сила
Движењето на Хутите официјално се вика „Ансар Алах“ (Следбеници на Бога), а неформалното име „Хути“ го добива според својот основач Хусеин ал Хути (1959 – 2004). Ал Хути е млад и перспективен опозициски политичар со силни верски убедувања, член на Парламентот на Јемен од 1993 до 1997. По завршувањето на парламентарната кариера, како осведочен противник на тогашниот претседател Али Салех, го формира движењето „Ансар Алах“. Обвинет е дека сака да стане „имам“ на Јемен, по угледот на Хомеини (блискоста на Ал Хути со Иран не е спорна) и неговата глава е уценета на 75.000 долари. Убиен е во 2004 година. Оттогаш, неговото движење го добива името „Хути“, а во неговото раководство и денес се членови на семејството Ал Хути.
И сето тоа не беше доволно таканаречената меѓународна заедница или барем меѓународната дипломатија да преземе соодветни чекори и иницијативи. Требаше да се чека да бидат загрозени нивните финансиски интереси, па Хутите да дојдат во фокусот на вниманието.
Станува збор за напади врз бродовите што минуваат низ Црвено Море, а за кои Хутите сметаат дека се движат кон Израел. Најспектакуларната акција е изведена на 18 ноември минатата година, кога Хутите го киднапираат израелскиот товарен брод „Галакси лидер“ (плови под знамето на Бахами), со интернационален екипаж од над 20 луѓе, главно Филипинци (и ниту еден Израелец). Денес бродот е практично туристичка атракција за жителите од тој дел на Јемен.
Загрозени светските трговски патишта
Трговскиот поморски сообраќај е најевтиниот начин на дистрибуција на стоката. Рутите преку Суецкиот канал и Црвено Море се клучни во неговото реализирање (тоа е најкусиот пат да се стаса до Азија и до Африка) и заедно зафаќаат околу 30 проценти од целиот поморски сообраќај.
Како резултат на зачестените напади на Хутите, светските поморски гиганти се откажаа од овие рути, одејќи по заобиколниот пат (околу Африка), што значително ги зголеми трошоците на превозот, а со самото тоа и цените на производите што ги транспортираат. Првата реакција на нападите беше скокот на цената на нафтата. Тоа САД и Велика Британија не можеа да го толерираат. За разлика од сѐ друго!
Црвено Море е море на чуда. Мојсеј го пресекува со својот стап за да ги однесе Израелците до ветената земја. Денес Хутите го пресекуваат за да ги фрлат Израелците во море
Не може да се предвиди дали ова жариште дополнително ќе се интернационализира, односно ќе ескалира, на пример со директно учество на Иран. Сепак, проценките се дека до такво нешто нема да дојде. Саудиска Арабија и Иран минатата година воспоставија дипломатски односи, што се толкува како чекор кон мирот и смирувањето на тензиите.
Но, не треба да се заборави и Турција. Изјавата на Ердоган дека Американците, Црвено Море ќе го претворат во крваво море, иако помина под радарот на светската јавност, никако не смее да се потцени. Турција е членка на НАТО и како таква не смее да преземе никакви воени акции без дозвола на Сојузот. Тоа, сепак, не го спречи Ердоган своевремено воено да интервенира во Сирија и тоа да го направи без никакви последици.
Парадоксот е во тоа дека на САД и на Запад воопшто не им одговара проширувањето на блискоисточните конфликти, а се чини дека тие во моментов најмногу придонесуваат кон тоа. На пример, ако го ставеа фокусот на решавање на израелско-палестинската војна наместо да прогледуваат низ прсти, немаше да се случат ни нападите на Црвено Море. Но, таа војна не ги загрозува светските трговски патишта!
На крајот на краиштата, никој не може да гарантира дека Хутите нема да ја продлабочат кризата.
Црвено Море е море на чуда. Мојсеј го пресекува со својот стап за да ги однесе Израелците до ветената земја. Денес Хутите го пресекуваат за да ги фрлат Израелците во море. Само што удриле на посериозни интереси од оние за кои наводно се борат.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија