Сертификат за исклучителност

Може ли на сите – од последниот партиски член до првиот човек на ДУИ, да им се издаде сертификат за сеопшта, трајна, доживотна невиност и исклучителност, и како што би рекол еден поранешен претседател на ДКСК – еднаш засекогаш, за век и веков, да ја затвориме таа тема.

Не знам каков дебелокожец може да се биде, колку аздисан и колку одлепен од умот и реалноста, за да се нема грам одговорност да се признае грешка. Во овие две децении немаше ни едно такво признание. Тоа не е прашање на табиет, туку на дијагноза.

ДУИ денес е мерка за ароганција, цинизам и позерство, која говори за реформи и за неселективна правда, додека го врши последниот чин од устоличувањето на несанкционирано партиско варварство. Во политиката, тоа се смета за шизофрена ситуација, чии патолошки црти се гледаат, пред сѐ, во нагласената увереност за сопствена исклучителност.

Практично, секоја општествена пора е контаминирана со сметот на оваа позерска и пропагандна политика, со извитоперен поглед на моралните вредности и на јавниот интерес. Предозирани сме од производство и дистрибуција на тврдења „ДУИ нема ништо со ова, ДУИ нема ништо со она“.

Иако Ахмети во повеќе наврати повторуваше дека во ДУИ не се сите ангели, секогаш кога имаше шанса да покаже дека нема да ги толерира црните овци во партијата, кои се длабоко заглибени во корупција и криминал, веднаш потсетуваше дека тоа е работа на истражните и судските органи. Партиски никогаш не ги дистанцираше, а, благодарение на инсталирани кадри во правосудните коридори, лошите момци ни ги враќаше „чисти“. Како капут по хемиско чистење.

ДУИ денес е мерка за ароганција, цинизам и позерство, која говори за реформи и за неселективна правда, додека го врши последниот чин од устоличувањето на несанкционирано партиско варварство

Некогаш прашањето беше – зошто за пет години ниеден функционер на ДУИ не е осуден? Потоа беше зошто ниеден не е осуден ни за 10 години? Па, за 15. Надминавме и 20 години без одговор. Тоа е навистина голем „јубилеј“ на неказнивост, особено ако се има предвид дека партискиот врв како штука исплива и од мочуришното дно на случајот „Маѓар телеком“, па дури стигна и лекции да држи – да најавува ветинг. Врвен цинизам.

Да најавува ДУИ ветинг, е како волк да најави дека ќе проверува кој го напаѓа трлото што тој го „чува“. Ама во целиот жар со кој од Мала Речица се фалат самите себе, човек може да научи и нешто ново. Артан Груби, на пример, во желба да дообјасни дека ДУИ не била фатена во тесно по пораката од холандскиот амбасадор до Али Ахмети, го изјави ова: „За што е фатена ДУИ во тесно? Па, ДУИ има најголеми резултати и постигнувања од основањето до ден денес, гради автопат од две милијарди евра, гради автопат за Косово…“.

Значи запомнете: „ДУИ гради автопат од 2 милијарди евра“. Да не биде утре – зошто неправедно го мешате ДУИ. Оти за фалба се први, кога е за критика никаде ги нема.

А Ковачевски не мора да го чека 29 јануари. Може уште денес да си седне на кафе на улицата Македонија, како што го беше замислил „денот потоа“. И онака ништо ниту зависеше, ниту ќе зависи од него.

Олигархија од политичари одметнати од транспарентност и демократија, чувари на редот и на правдата одметнати од ред и закони, не можат да бидат решение за европска и демократска иднина, ниту да бидат извор на идеи, нова надеж и оптимизам.

Македонија ќе се ослободи од заробеноста, кога ќе се ослободи од најлошите политички и човечки особини во лостовите на власта.

Идеалот за европските стандарди кон кои божем ја водат земјата го удавија во длабока кал на тотално неевропско поведение. Тоа што се измислуваат нови кампањи за ЕУ, е само симулакрум, во кој со проевропски маски парадира политичкиот слој, кој убива сѐ што може да пркне како европско поведение.

Не се загрижија тие ни за ЕУ, ни за М-НАВ, ни за безбедноста во воздушниот сообраќај, колку еден синдикалец може да стане инспирација и многу други да кренат глас против вработување неквалификувани кадри и измислување на несуштински работни места. И кога Ковачевски ќе излезе со исти ставови како и разрешениот директор на М-НАВ, јасно е дека им се расипала игранката – можноста мирно да си нижат малку наши, малку ваши.

А Ковачевски може уште денес да си седне на кафе на улицата Македонија, како што го беше замислил „денот потоа“. И онака ништо ниту зависеше, ниту ќе зависи од него

А граѓаните и натаму потсетуваат – нема правда, нема мир. Тоа и не мора да е точно. Зависи од која позиција гледаш. На пример, гледано од улицата Славејко Арсов, има и правда, има и мир. Земете го за пример Мијалков. Ќе го повторам еднаш напишаното на овие страници. Да не беше неговата спогодба со обвинителството, не ќе знаевме дека за шест-седум години на власт може да се стигне до имот од 36 милиони евра – земјишта, деловни простори, апартмани… И тоа само за она што се дознало. А за колку не се дознало?

Еднаш прашав зошто улицата каде што биле начичкани најмалку 30-тина негови апартмани, сѐ уште го носи името Славејко Арсов, а не на тој што е стопан таму? Славејко Арсов, родум од штипско Ново Село е револуционер и војвода, борец во Илинденското востание, кој во 1904 година сам се застрелал само за да не падне во рацете на турскиот аскер.

За кого се жртвувал? Ете, за да може некој бате во слободна Македонија да се распостели на цела улица, не во еден – туку во десетици објекти. А и ако некој му биде конфискуван, пак да може да си го купи, преку децата. Мијалков му покажа среден прст и на Славејко, и на цела јавност, покажа колку е часот за правната држава и за други идеали за кои гинат будали.

Следниот пат, кога и други пријателски земји ќе ги стопираат проектите за правосудството и други компромитирани сфери, бесплатна обука нека се организира на Славејко Арсов. Со познат предавач. Кој подобро ќе ги објасни тајните на професијата поради кои стигнавме до овде?

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија