Претседателот на МАНУ во потрага по Жак Куз

Во култната британска хумористичка серија „Ало, ало“ има една легендарна сцена каде што германскиот поручник Губер го сонува духот на наводно стреланиот француски кафеџија и помагач на Движењето на отпорот Рене како го вперува прстот во својот наводен џелат и извикува „J’accuse! J’accuse!“ (Отприлика вака изговорено: Ж’акууз! Ж’акууз). Следниот ден го гледаме поручникот како се распрашува по француското село кој е тој Жак Куз што Рене му го споменува во сонот.

На оваа урнебесно апсурдна сцена со пародирање на еден од најпознатите восклици од поновата француска историја ме потсети актуелниот претседател на Македонската академија на науките и уметностите, Љупчо Коцарев. Имено, неговиот последен текст беше насловен токму како и славното отворено писмо на Емил Зола до тогашниот француски претседател Феликс Форе – „J’accuse…!“ (Обвинувам…!). И слично како и споменатиот фиктивен лик од „Ало, ало“ и академик Коцарев се повикува на Зола без притоа да има барем основно познавање за што станува збор.

Немам некоја особена потреба да ги коментирам патетичните наводи на почитуваниот академик за наводното велепредавство, за „поморот на македонскиот род“, за претпоставениот иден „…конечен, завршен удар врз македонската самобитност“…, но имам потреба да ја искоментирам целосно погрешната асоцијација на насловот на славниот текст на Зола.

Жално е што претседателот на МАНУ не успеа да сфати дека славното отворено писмо на Емил Зола е насочено токму против сето она за што тој се залага

Накусо: годината е 1894. Во Париз е во ек голема шпионска афера. Откриено е дека некој продава државни (воени) тајни на непријателска Германија. Во конкретниот случај станува збор за нацрт за производство на топови со калибар од 120 милиметри. Набргу е пронајдено жртвено јагне во ликот на младиот капетан со еврејско потекло Алфред Драјфус. Драјфус, како странски платеник и домашен предавник, е осуден за велепредавство на тешка робија што ја издржува на озлогласениот Ѓаволски остров во близината на Француска Гвинеја. Веќе две години подоцна е откриено дека капетанот е осуден врз основа на лажни докази, но властите одбиваат да ја ревидираат судската постапка. Во 1898 година, Зола, на насловната страница на весникот „L’Aurore“ (Зора) го објавува својот славен текст „Обвинувам…!“. (Патем речено, насловот на текстот му се припишува на тогашниот уредник на весникот Жорж Клеменсо, кој подоцна ќе стане француски премиер.)

Текстот буквално предизвикува тектонски промени во француското, па и во европските општества. Режимот не му останува должен на популарниот Зола и експресно го осудува на една година затвор за клевета. Пред судницата буквално се тепаат приврзаниците на Зола и на власта. На универзитетот, предавањата на либералните професори што го поддржуваат Драјфус се прекинуваат од страна на десничарски и националистички банди. Пратениците се тепаат во Парламентот. Медиумите водат безмилосна медиумска војна. Во јавниот простор се истураат незамисливи количества национализам, шовинизам и антисемитизам…

Франција е буквално поделена на два дела, на онаа „првата“ – монархистичка, конзервативна, реакционерна, католичка, милитаристичка, националистичка и антисемитска, и на онаа втората – републиканска, либерална, социјалистичка, прогресивна, антиклерикална, космополитска и граѓанска.

Станува збор, не само за политички, туку уште повеќе за општествен судир што се заканува дека ќе прерасне во граѓанска војна. На едната страна се војската, црквата, племството, селаните, богатите претприемачи и политичките олигарси, а на другата се интелектуалците, професорите, новинарите, уметниците, студентите, средната и работничката класа.

Што е уште важно да се каже? Во првата вистинска медиумска кампања, „антидрајфусовците“ ги обвинуваат „драјфусовците“ за велепредавство, за поткопување на францускиот идентитет, за уништување и распродавање на француските интереси итн. Ви звучи ли ова познато?

Меѓу „драјфусовците“, освен авторот на „J’accuse…!“, кому му се одземени сите почести, вклучувајќи ја и Легијата на честа, меѓу другите се и актерката Сара Бернар, социологот Емил Диркем, писателот Анатол Франс, математичарот Анри Поенкаре, споменатиот Жорж Клеменсо… Нив, конзервативните опоненти ги нарекуваат „интелектуалци“, користејќи го овој термин во пежоративно значење. Во секој случај „Аферата Драјфус“ е прва во која интелектуалците (од двете страни) земаат активна улога и прва во која јавноста се сензибилизира за сопствената иднина.

По падот на владата на Форе во 1899 година, Зола се враќа од принудниот егзил во Лондон. Судскиот процес против Драјфус е обновен во 1906 година, кога конечно е прогласен за невин, само што Зола тоа не го доживува.

Немам некоја особена потреба да ги коментирам патетичните наводи на почитуваниот академик, но имам потреба да ја искоментирам целосно погрешната асоцијација на насловот на славниот текст на Зола

Во оваа смисла можеме да тврдиме дека и Македонија имаше афери достојни на „Аферата Драјфус“, само што тогаш го немаше сегашниот претседател на МАНУ да го извикне своето „Обвинувам“. Еден од парадигматичните примери секако е случајот со новинарот Томислав Кежаровски. И Кежаровски е обвинет за издавање тајна (име на заштитен сведок). И Кежаровски е присилно затворен во простор со неподносливи услови, далеку од очите на јавноста. И за Кежаровски луѓето се собираа пред Судот. Слично како и Драјфус, обичен капетан што го вплеткуваат во една релативно банална шпионска афера, и Кежаровски беше „обичен“ новинар што на сила го вплеткуваат во една банална судска афера. И натаму: токму Драјфус беше една од причините за распад на Третата француска република, како што и Кежаровски беше една од причините за падот на режимот на Груевски. И против Драјфус, како и против Кежаровски беше демонстрирана силата на државниот апарат наспроти немоќта на поединецот.

Каде беа тогаш интелектуалците од Македонската академија на науките и уметностите? Или тој случај не им беше нешто битен за „одбрана на националните интереси“. Каде беше академик Коцарев да го воскликне своето „Обвинувам“? Сѐ нешто се мислам дека одеше наоколу и се распрашуваше кој е тој Жак Куз?

„Аферата Драјфус“ остави сериозни траги во европската историја и нејзиното наследство одѕвонува и ден-денес. Општествени привилегии или правата на човекот и граѓанинот? Реформи или статус кво? Европа или Русија? Запад или Исток? Слобода или стабилност? Ова се трајните напнатости меѓу либерализмот и конзервативизмот, меѓу левицата и десницата, меѓу индивидуализмот и колективизмот, меѓу космополитизмот и национализмот, меѓу толеранцијата и нетолеранцијата, меѓу глобализмот и трибализмот.

Жално е што претседателот на МАНУ не успеа да сфати дека славното отворено писмо на Емил Зола е насочено токму против сето она за што тој се залага.