Европа за по дома

Ние сме општество, кое за себе не сака да слуша незгодни факти, особено не дека сме мрзливи и неодговорни како граѓани, како политички елити… А елитите не паѓаат од небо, туку се резултат на граѓанскиот избор, тие се наше огледало.

Какви сме ние? Чест на исклучоците, но во вкупноста на резултатот се прикажуваме како мрзливи, јаки на вилица, слаби на дела. Се надевам дека Црногорците нема да ни се налутат оти им крадеме дел од „идентитетот“, оној за мрзливоста, кој неосновано е претворен во стереотип за нив, иако ние отсекогаш сме биле посилната конкуренција во таа категорија.

Затоа и им се чудам на Бугарите што кренаа толкава врева околу „нашето присвојување на нивниот“ Свети Климент Охридски. Не треба Бугарите да се вознемируваат од нас. Ние сме толку мрзливи и неодговорни кон себе и кон оние што нѐ задолжиле со своите дела, што ни паднатата плоча со името на светителот не сме способни да ја вратиме на неговиот споменик, дури ни за празникот на патронот, а камоли да крадеме нешто што не е наше.

Ако евентуалното „зелено светло“ е параван зад кој рамковните позиции на Софија ќе бидат вметнати како услов во нашата преговарачка рамка, такво зелено светло не ни треба

На 18 ноември, денот кога одбележувавме 147 години од раѓањето на Крсте Петков Мисирков, (кој соседите го сметаат за „вистински Бугарин“), бистата на македонскиот великан тој ден го дочека бојадисана со спреј. На 50 метри од седиштето на градските власти. Тоа се случува и пред очите на секој што поминува незаинтересирано покрај тој споменик, или фрлајќи таму празна чаша од кафе, или без да го собере изметот од својот миленик, или што никогаш нема да се праша „шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?“

Не мислев на капитални дела. Далеку сме ние од таа приказна. За нас голем успех ќе биде да го вратиме изгледот на споменикот во пристојна форма. Барем толку. Тоа „барем“ ни стана како трансмандатен приоритет, бидејќи одамна сме се збогувале од големи планови. Истренирани сме и „лиценцирани“ (доброволно) на елементарен минимум во сѐ и сешто, како замена за крупните чекори, кои не станаа наша одлика. А не станаа затоа што секогаш чекаме некој друг да ни ги (до)заврши работите. Такви се денешните „македонцки работи“, без признак дека ќе смениме нешто.

Апсурдно е да тврдиме дека ние сите обврски сме ги завршиле, а сепак да чекаме нечија туѓа иницијатива за да тргнат работите напред. Тоа значи дека ние не ја контролираме приказната за тоа што ни се случува. Тешко на државата, во која надежите зависат од едно, па од друго, па од трето и од некое следно претседателство со ЕУ.

Живееме како номади во разни епизоди од иста евроинтеграциска приказна, која на секои шест месеци добива нов заплет, ама ние не сме ни сценаристи, ни режисери, туку натуршчици во таа сапунска серија, кои само ги собираат трошките надежи оставени за нас на масата на големите.

Не е добро кога двајца министри со ингеренции во таа сфера (евроинтеграции и надворешни работи) јавно си разменуваат пораки околу (не)потребата за кревање или спуштање на очекувањата за деблокада на бугарското вето. Тоа е сигнал дека ниту знаат точно што се случува, ниту, пак, со тоа разногласие внесуваат доверба во наративот дека ова е „клучниот момент“.

Дали е навистина клучен? Фактот што потенцијалниот премиер на Бугарија, Кирил Петков реши шефот на бугарската дипломатија да не биде од редовите на својата партија, туку од ИТН, за почеток – доволно кажува. Второ, тоа што Петков најавува дека проблемот со Скопје ќе се решава преку работни групи, кои ќе треба да се остават да преговараат шест месеци, може да значи само едно: дека новата влада во Софија на овој начин ќе му купи време и мир на шестмесечното француско претседателство со ЕУ, односно ќе го ослободи од обврската да се занимава со ова прашање сѐ додека работните групи се во шестмесечната „вежбална“.

Секако, Макрон го посочува Западен Балкан како еден од приоритетите на француското претседателство, и Франција најавува дека ќе организира конференција за Западен Балкан, ама погодете кога? Во јуни! Пред крајот на француското претседателство.

Сѐ друго, позитивно за нас, што евентуално би можело да се случи во периодот декември – јануари, или пред априлските претседателски избори во Франција, би било еднакво на чудо.

А чуда тешко се случуваат. Софија веќе соопшти дека останува на истиот став во однос на Македонија, и дека ќе се придржува на рамковната позиција утврдена од владата на 9 октомври 2019, и на Декларацијата на народното собрание од 10 октомври истата година.

Живееме како номади во разни епизоди од иста евроинтеграциска приказна, која на секои шест месеци добива нов заплет, ама ние не сме ни сценаристи, ни режисери, туку натуршчици во таа сапунска серија

На последните избори во бугарскиот парламент влегоа три нови партии, кои не биле ниту во тој парламент, ниту во таа влада кога биле утврдени тие позиции на официјална Софија. Тоа се новата победничка партија „Продолжуваме со промените“, „Има таков народ“ и „Демократска Бугарија“. Ако документите на едно претходно собрание и една претходна влада остануваат црвени линии на Софија, практично Македонија нема за што да разговара со Бугарија, бидејќи со тие документи се бара земјава да изврши идентитетско самоубиство.

Дури и под претпоставка дека билатералниот протокол „5+1“ ќе отвори можност за наш почеток на преговори со ЕУ, мора да знаеме под кои услови ќе биде тоа. Ако евентуалното „зелено светло“ е параван зад кој рамковните позиции на Софија ќе бидат вметнати како услов во нашата преговарачка рамка, такво зелено светло не ни треба. Тоа нема да води кон наше членство во ЕУ, туку кон деветтиот круг од пеколот.

Затоа, доста е со прикаски што да очекуваме од другите. Треба да говориме што очекуваме од нас самите. Тоа е потешкиот процес, зашто ќе треба да се соочиме со сите незавршени работи, од кои најголемиот дел немаат никаква врска со Бугарија, ама имаат голема врска со ветувањето дека Европа ќе ја донесеме дома.