Зошто во време на нашата политичка криза би било поприродно да се има кусок, а не вишок алатки за артикулирање на демократските процеси? Кој е тој што одредува до која цена ќе се толерираат изблиците на незадоволство? Има ли некаков лимит и треба ли да се воведе данок на штета од демократски протест?
Таман човек ќе се залаже дека сме влегле во фаза на некакви политичко коректни односи, макар и меѓународно навигирани, кога, ете ти го Градот Скопје, целосно подготвен да нѐ увери дека не сме мрднале од мртва точка.
Само еден ден по постигнувањето на документот кој Македонија ја врати од неизбежниот пад во амбис, Градот реши да соопшти колкава била штетата од кампувањето пред Владата: околу еден милион денари. Толку чинеле уништената трева и системот за наводнување „капка по капка“.
Не знам дали Договорот ќе се имплементира во одредените рокови, но, во едно сум сигурна: додека владее ваков пилјарски менталитет во зона каде што вредностите не се мерат ни на кило, ни со цена на должински метар канализациска цевка, сите ќе се давиме во талогот на еден атавистички приод кон реалноста.
Цената на формите и алатките за изразување протест чија цел е постигнување демократски и други вредности, никаде во светот не се пресметува на таков начин, освен во авторитарните и диктаторски режими, каде што цехот од „штетата“ се става во погон на брза постапка за елиминирање на опонентите.
Коце или „Градот“, како колективна персонификација за комунално-бирократските пресметувачи на оваа сума, треба да разберат еден факт: таму каде што не вирее демократијата, метафорички кажано, ни трева не расте. Ништо не може да пркне, освен глупоста.
Но, ако веќе решиле на ваков начин да ги порамнуваат сметките, тогаш со иста експедитивност се очекува да дадат пресметка и за други прашања: Колкава е, на пример, штетата од масакрираните дрвја во градот на чие место никна бронза, мермер или гипс?
Колкава е штетата од девастираното корито на Вардар во центарот на Скопје, каде што заради неколку нефункционални објекти во коритото драматично е загрозен хидрауличкиот режим на реката, а зголемен степенот на небезбедна регулација и на еколошкиот дисбаланс?
Колкава е цената на нетранспарентноста со која се бетонираше и неокласицираше фасадата на градското јадро? Има и ред други прашања, но не би било во ред „да му се мешам во штипките“ на идниот специјален обвинител, кому, меѓу другото, сигурно на маса ќе му стигнат и папките за цените и анексите на овие градителски подвизи.
Она што мора да се знае, дека најголем е трошокот од недејствувањето, односно од дозволувањето на нечие волунтаристичко однесување. Тој трошок е голем, не само во пари, туку и во опортунитет. Кој ги пресметува т.н. трошоци на опортунитет? Ако граѓаните чекаат реализација на приоритетни инфраструктурни проекти, кои бараат одредени финансиски средства, тие средства не може да се пренаменат за изградба на Панорамско тркало, на пример.
Тоа опозицијата мора да ѝ го каже на власта. Ако власта не сака да слуша, опозицијата ќе ѝ дојде во дворот, ќе постави камп и секој ден ќе ја предупредува за погрешните потези. Нејзина должност е да укаже на трошоците на опортунитет на владините проекти и да понуди алтернативни решенија.
По логиката на Градот Скопје, властите кај нашиот јужен сосед би требало да забранат каков било протест, ако се има предвид колкава штета досега имало во опожарени возила и објекти, потпалени од искрите на незадоволните маси собрани по плоштадите во сите поголеми грчки градови.
Со оглед дека земјата е во тешка должничка криза, вакви заштеди, според нашиот Град, би биле сосема „логични“.
Но, демократските вредности таму не се третираат меркантилистички како кај нас. И во должничка криза функционираат демократските перформанси на општеството, бидејќи токму преку нив, треба да се решава „прото-проблемот“.
А зошто во време на нашата политичка криза би било поприродно да се има кусок, а не вишок алатки за артикулирање на демократските процеси?
Кој е тој што одредува до која цена ќе се толерираат индивидуалните и групни изблици на незадоволство? Има ли некаков лимит? Дали можеби треба да се воведе данок на штета од демократски протест?
Ова не е апсурд. Ова е повеќе од тоа. Впрочем, граѓанскиот отпор се случи токму како резултат на напорите на оние кои во изминативе години сакаа општеството да го сведат на димензиите на една Прокрустова постела, како што луцидно оценува Сулејман Рушити.
Сето тоа во истиот стил на оној митски лик кој ги прилагодувал патниците во неговото преноќиште според димензиите на постелите што ги нудел. На повисоките, на кои нозете им излегувале надвор од постелата, им го сечел „вишокот“, а на пониските им ги развлекувал нозете до потребната должина.
Во таков стил се произнесе и нашиот докажан претендент за митско-антички јунак – Градот. Демек, колку е долга чергата, толку ќе биде растегната и демократијата. Според системот „капка по капка“.
Ако е така, некој можеби ќе треба веднаш да стави клуч на вратата. Но, тоа сигурно не е, ниту ќе биде граѓанското општество.