Некој некогаш кажал дека она што се случува еднаш можеби никогаш нема да се повтори, но она што се повторило два пати, сигурно ќе се повтори и третпат. На ова се сетив кога прочитав дека Македонија постигнала историски раст на платите и дека за првпат во историјата просечната плата изнесува над 24.000 денари (поточно 24.025 денари).
Не знам од кога партијата на власт ја смета историјата, ама некако ми се чини дека историјата се повторува. И тоа не толку одамнешната историја. Се сеќаваме белки на низа историски статистички успеси што ја направија Македонија трета економија во Европа или најпривлечно место за инвестирање итн. Само што нема никој од Владата да одржи прес-конференција за степенот на сиромаштијата во земјата.
Не ја знам технологијата на пресметување на просечната плата. Не сум статистичар, туку само статист во ова општество, ама сепак не ми е јасна целата оваа бучава околу еден статистички податок. Конечно, тој не се мачка на леб. Дури не ја ни одразува куповната моќ на граѓаните.
Како и да е, дури и оваа историски највисока плата е најниска или меѓу најниските во регионот. Во Србија просекот за 2017 година изнесувал 396 евра, а во декември просечната плата стасала дури до 459 евра. За да ги стасаме пак, Босна и Херцеговина (околу 440 евра) или Црна Гора (512 евра,) министерот Тевдовски ќе треба да одржи уште многу пресови.
На крајот од краиштата, просечната плата како податок не служи за ништо друго, освен за определување на највисоката и најниската основица за плаќање на придонесите од плата. Со други зборови, или барем како јас ова го разбирам, колку поголема просечна плата толку поголем прилив во здравствениот и пензискиот фонд.
Дури и оваа историски највисока просечна плата е најниска во регионот. Во Србија просекот за 2017 година изнесувал 396 евра, а во декември просечната плата стасала дури до 459 евра. За да ги стасаме пак, Босна и Херцеговина (околу 440 евра) или Црна Гора (512 евра), министерот Тевдовски ќе треба да одржи уште многу пресови
Во ред, Владата има право да се гордее со овој „историски“ успех и да го припишува на своите економски (или какви и да се) политики. Имено, на што воопшто би се должело зголемувањето на просечната плата? На реално зголемено производство? На зголемена потрошувачка? На некаков нов инвестициски циклус? На отворање работни места во таканаречените јавни работи (градење авто-патишта и пруги, на пример)?
Не, се разбира, туку се должи на интервенцијата на Владата во секторите што (сѐ уште) делат плати. Проценка на Владата е дека покачувањето на минималната плата на 12.000 денари е главниот замаец што го предизвикал овој раст. На тој начин, како што тврди Владата, околу 90.000 вработени добиле зголемување на своите плати. И сето тоа би било во ред, доколку не се знае дека разликата во минималната плата главно се финансира преку субвенции од Владата. Односно од буџетот.
Тогаш, еве еден предлог: нека ги сведе Владата на минимум своите трошоци по кафеани и останати репрезентации, нека го намали буџетот на Собранието во делот на енормно високите патни трошоци, нека заштеди таму каде што самата може да заштеди и – со тие пари нека ја финансира разликата на минималната плата до некои 30.000 денари. Тогаш навистина просекот ќе ни стаса барем до кај 900 евра.
И мислите ли дека во тој случај ќе живееме подобро од сега? Се разбира дека нема. Затоа што тоа е договорна, а не реална економија. Како што сме се договориле еврото да биде некаде околу 60 денари, така можеме да се договориме едно евро да биде еден денар. И тоа никому и никаде (вклучувајќи нѐ тука и нас) ништо да не значи.
Затворените и нефункционални економии каква што е македонската не можат да направат никакво поместување во некаква глобална или поширока смисла. Ниту позитивно да влијаат, ниту пак, да направат некаков потрес со најмал интензитет. Во таа смисла, Владата е во право што троши пари за репрезентации и за други луксузирања. Во спротивно, повторно ќе бидеме сиромашна земја, само што државните службеници ќе се однесуваат во согласност со состојбите. А зошто воопшто би правеле така?
Затоа и не се сомневам дека следат уште вакви и слични историски економски успеси. На пример, за годинава Македонија предвидува раст на бруто домашниот производ за 3,2 проценти. И, еве, ако се остварат прогнозите, ќе бидеме бомбардирани со факти од типот дека во САД растот бил 1,9 отсто, а во Германија два отсто итн. Само што никој нема да ви каже дека целото светско стопанство е во подем и дека планираната стапка на раст на глобално ниво е 3,9 отсто.
Според познатото и единствено можно сценарио, доколку малите економии со ниска база сакаат да се приклучат на светскиот воз, неопходен им е раст од најмалку пет до седум отсто. На средните им е доволно три до четири отсто, а на најголемите –два отсто им е плафон. Тука лежи и објаснувањето зошто Кина и Индија растат од седум до десет отсто, како и Романија и Бугарија.
Кога во Германија БДП ќе порасне за два отсто, тоа се 64 милијарди евра (речиси колку седум годишни македонски бруто домашни производи) или 800 евра по глава на жител (67 евра секој месец). Кога нашиот БДП ќе порасне за 3,2 проценти, тоа ќе биде едвај 150 евра по глава на жител годишно или нешто над 12 евра месечно. Се согласувам дека споредбата со Германија е, најблаго речено, невкусна. Како што се, најблаго речено, невкусни и потенцирањата на овие „историски“ успеси.
Ќе доживееме, велам, илјадници вакви историски успеси, а кој ќе преживее – нека го изгаси светлото.