Овие протести се толку важни, затоа што претставуваат никулец на создавање компетентна и релевантна граѓанска класа. А силна граѓанска класа значи и силно демократско и компетентно општество и во некоја конечност, силен и компетентен печат на тоа општество.
Протестите не се ниту непозната, ниту нова појава во македонската понова политичка традиција. Ги имало разни: и социјални и политички. Од протестите на вработените во Железара уште од времето на социјализмот, па сѐ до штрајкот со глад на средношколците и студентите поради воведувањето на албанскиот јазик на тогашната Педагошка академија, предводен од тогашните средношколци, а денес водечки членови на владејачката политичка елита.
Но, почетокот на она што би можело да се оквалификува како граѓански протест, секако се протестите по повод убиството на Мартин Нешковски (петгодишнината од смртта на младиот Нешковски ќе биде одбележена токму на денот на закажаните вонредни избори – 5 јуни). Кон крајот на 2014 година, со појавата на Студентскиот пленум, граѓанските протести како да ја добија вистинската смисла, одбележувајќи го поголемиот дел од минатата година.
Ниту феноменот на таканаречените контра-протести не е нов. Токму паралелно со протестите за убиството на Нешковски се појавија и првите контра-протести. Иако прилично несмасни и недоветни, како по своите мотиви, така и по својата организација. Веројатно ќе се присетите на збунетото пелтечење на нивните учесници пред телевизиските камери. Поради нечија проценка или нечие мислење, тие станаа константа не само како принцип на контрирање на секој протест туку како форма за контрирање на речиси сите општествени феномени во државата.
За волја на вистината, деновиве видовме еден нов облик на овој феномен – контра прес-конференција. Имено, по закажувањето на прес-конференцијата на Специјалното јавно обвинителство, премиерот „во сенка“, Никола Груевски, закажа прес-конференција во истиот термин и (гледај чудо!) можеби за првпат во својата политичка кариера ја започна на време!
Медиумската релативизација на протестите преку наводниот вандализам е само дополнителен доказ на гнилоста на медиумскиот простор и негова целосна обесчестеност.
Сепак, актуелните протести, предизвикани од одлуката за аболирање на политичката корупција од страна на претседателот Иванов, носат ново ниво на граѓанската свест во земјата. Тие се резултат на четвртвековната акумулација на бедата и гневот на развластената и осиромашена средна класа, токму колку што трае и акумулацијата на капиталот и моќта на владејачките елити, родени во општествено-економската транзиција од социјализам во капитализам во 90-тите години од минатиот век.
Промената на системот, барем кај нас, донесе бенефити само на транзициските муватори, нивните политичари, свештенството, таканаречените академици во служба на партиите, националистички и ини демагози во одбрана на власта и на класичните спин-мајстори. На сите останати, особено на таканаречената средна класа (иронијата е во тоа што токму средната класа би морала да биде главниот погон на капиталистичките, односно западните вредности), оваа вечна транзиција им донесе деиндустријализација, невработеност, брутално осиромашување, задолжување, газење на човековите и социјалните права…
Фото: Роберт Атанасовски
Без волја за амнестирање на која било од владејачките елити (та не сме ние претседателот Иванов!), сепак мора да се констатира дека кулминацијата на политичкото самоволие е токму оваа деценија на владеење на ВМРО-ДПМНЕ со придружните му политички партнери, а врвот на безобразието е токму обидот на Иванов да го амнестира политичкиот, изборниот и финансискиот криминал. И тоа, внимавајте, поради национално помирување!
Затоа медиумската релативизација на протестите преку наводниот вандализам е само дополнителен доказ на гнилоста на медиумскиот простор и негова целосна обесчестеност. Квалификувањето на протестантите како вандали, без притоа да се покаже најмалку волја за објаснување на нивните девастирани животи, во овој момент, најблаго речено, претставува невкусен цинизам.
Демолирањето на Канцеларијата на претседателот Иванов и фарбањето на Порта Македонија не е уништување на јавниот имот туку демолирање на симболите на злото, на корупцијата, на грабежот, на деструкцијата на цела една култура. На крајот од краиштата, кој беда сее, тој гнев жнее!
Под пресијата на таканаречениот „баланс“, се упаѓа во дилетантската грешка за подеднакво известување од протестите и од таканаречените контра-протести.
Медиумите, па дури и оние што сакаме да ги наречеме професионални, повеќе или помалку се изгубени во ситуацијата во која се наоѓаат. Под пресијата на таканаречениот „баланс“, се упаѓа во дилетантската грешка за подеднакво известување од протестите и од таканаречените контра-протести. Едноставно, не може да се стави знак на равенство меѓу оние што се обидуваат да си го вратат достоинствосто со оние што ги бранат своите коруптивно стекнати позиции и оние кои се присилени тоа да го прават во нивно име. Има разлика, што би рекле од партијата на власт.
Дека протестот, па дури и оној со уште посериозни уништувачки намери кон симболите на злото, не само што е легитимен туку е и неопходен, можеби најдобро покажа токму претседателот Иванов во она сега веќе славно интервју, каде што, во манирот на Бранко Коцкица од некогаш многу популарната детска емисија, ги нареди уредниците од повеќето телевизии околу себе објаснувајќи им го необјаснивото, споредувајќи ја својата одлука за колективна аболиција со општите повоени амнестии, ширејќи теории на заговор и, конечно, навредувајќи ја интелигенцијата на граѓанството.
Овие протести се толку важни, затоа што претставуваат никулец на создавање компетентна и релевантна граѓанска класа. А силна граѓанска класа значи и силно демократско и компетентно општество и во некоја конечност, силен и компетентен печат на тоа општество.
Впрочем, да не ја заборавиме и онаа фамозна мисла на Томас Џеферсон: „Ако на мене остават да донесам одлука дали ни треба влада без печат или земја со печат, а без влада, не би се двоумел туку веднаш би се решил за втората опција“.