Протоколарната грешка на протоколарното новинарство

Погрешното поистоветување на државниот и јавниот интерес и не е некоја нова работа, меѓутоа мешањето на личните интереси, па макар тие биле и на највисоките функционери, со државниот, а потоа и со јавниот интерес само ја истакнуваат доминацијата на подаништвото кај „седмата сила“.

Како млад новинар во културната рубрика на „Нова Македонија“, меѓу другото, имав задолжение да ги следам Струшките вечери на поезијата. Онака, тркачки, односно информативно, а не коментаторски или аналитички, како што сега би се рекло. За тоа беа задолжени повозрасните колеги, бидејќи „Нова Македонија“ на СВП во тоа време испраќаше цели екипи и практично во Струга имаше своја дееташирана редакција.

Ова не го пишувам за да објаснувам како тогаш се следеа врвните културни настани, а како се следат денес, иако и тоа е тема која заслужува внимание, туку преку еден пример и една тогашна дебата да се обидам да ја илустрирам круцијалната грешка во односот меѓу протоколот, медиумите (информирањето) и јавните функции.

Имено, една година во тогашна Југославија Златниот венец на СВП го доби српската поетеса Десанка Максимовиќ. Беа тоа Струшки вечери со засилен политички наплив.

По тој повод Струга ја посети српскиот национален лидер во подем Слободан Милошевиќ мошне популарен во тоа време кај дел од македонското население. Ако не се лажам, тоа беше единствената негова, што би се рекло, официјална посета на Македонија, ако не се сметаат оние самити на републичките лидери непосредно пред почнувањето на југословенските војни од кои еден беше во Охрид.

Прес-конференцијата на тогаш 90-годишната лауреатка помина во една, ајде да кажеме, блага анти-албанска атмосфера со нејзината изјава „Има један народ који мрзим“ . Како и да е, во „Нова Македонија“ излезе протоколарна вест дека македонскиот премиер (претседател на Републичкиот извршен совет, како што тогаш се викаше таа функција) Глигорие Гоговски ја примил Десанка Максимовиќ. И тоа токму со тој наслов: „Претседателот на Извршниот совет Глигорие Гоговски ја прими Десанка Максимовиќ“.

Се разбира, под веста стоеја моите иницијали. Не знам денес дали некој и кој ги прима струшките лауреати, но воопшто не мислам дека има нешто погрешно во тоа премиерот да оствари една куртуазна средба со добитникот на Златниот венец. Кога веќе се среќава со „ZZ Top“, на пример.

На мое изненадување, оваа рутинска информација предизвика тивка, но значајна и важна дебата по „новомакедонските“ кулоари. Имено, основното прашање беше дали македонкиот премиер ја примил добитничката на Златниот венец или добитничката го посетила македонскиот премиер?

Тезата беше дека името на македонскиот премиер, ако е се’ в ред, ќе остане заборавено во колективната меморија многу бргу по завршувањето на неговиот мандат, односно ќе остане запомнето во историјата само ако премиерот нешто доволно добро упропасти.

На крајот на краиштата, премиерот, како и другите функционери, не е ништо друго туку само државен службеник. Додуша, висок, но сепак само службеник. Од друга страна, лауреатот на Златниот венец, ако е се’ в ред, по правило останува присутен во јавноста, па и во историјата, многу подолго. Со други зборови, неговото значење во некаков глобален и подолгорочен период е многу поголемо и поважно од она на македонскиот прв апартчик.

Како дигресија, но во прилог на темата, ќе споменам еден виц од тоа југословенско време. Малиот Трпе во, од тогашен временски дискурс, некоја далечна иднина, на пример 2015 година, учи за Стане Доланц. Бидејќи татко му не знае да му одговори кој бил тој, малиот го бара во политичкиот лексикон. И таму пишува: „Доланц Стане – политичар што живееше и работеше во времето на Лепа Брена“.

Денес, кога ја доживеавме таа далечна иднина, сведоци сме во милиметарската прецизност на тогаш духовитиот виц: генерациите родени во втората половина на 80-тите години од минатиот век (и подоцна, се разбира) немаат поим кој беше некогашниот комунистички страв и трепет, а и нивните родители едвај се сеќаваат, додека Лепа Брена…, благодарам на прашањето, е жива и здрава и уште може да ја наполни арената „Филип Втори“ во Скопје.

Оваа теза за неважноста на високиот државен службеник, како таков, во тоа време делуваше прилично револуционерно, па дури и со една анархистичка нотка. Тогаш државниот или државничкиот протокол по дифолт, што би се рекло денес, беше презентиран на првата страница. Било да се работеше за државничка честитка по повод некој национален праззник на некој братски африкански народ или за прием на некоја делегација од Узбекистан, беше сосема сеедно.

Словенечко „Дело“, од оние „органи на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ“, беше првиот весник што објави на шестата, а не на првата страница дека некој нивни висок функционер посетил некоја далечна држава. И оттогаш протоколот, барем оној што е очигледно туристички и формален, го зазеде своето место во рубриките од типот „Приеми и посети“, каде што беше преезентиран со ситни и едвај читливи букви („нон-парел“).

И потоа дојде плурализмот! И не само што не промени ништо, туку ја врати состојбата (барем во оваа смисла) три чекори назад! Барем кај нас.

Значи, целата оваа продолжена реминисценција не е ништо друго туку последица на начинот на кој се информира за активностите на нашите официјалиси, односно државни службеници.

Се разбира дека не велам дека премиерот Никола Груевски ќе остане заборавен во овдешната колективна меморија откога ќе му заврши мандатот. Напротив. Направи тој доста работи по кои ќе го помниме периодот на неговото владеење. Слично како што и Слободан Милошевиќ ќе остане запмнет дури и повеќе од Десанка Максимовиќ, на пример.

132780978

Посета на премиерот Никола Груевски во Струмичко | Фото: МИА

Прашањето што го поставувам е: што е тоа што е толку битно во пред-предизборната кампања на Груевски, па што го заслужило местото на ударните вести на најголемите медиуми: куртоазниот разговор со жителите на село Морани, отворањето 500-метарска канализација, давањето голови на рекреативен фудбалски натпревар, извршувањето „увид“ врз реновирањето на некое подрачно училиште…? Или, на пример, што воопшто важно направил претседателот на државата Ѓорге Иванов за да влезе во било какви вести? Дури не игра ни ревијални фудбалски натпревари!

Погрешното поистоветување на државниот и јавниот интерес и не е некоја нова работа (конечно, порано новинарите и официјално имаа статус на општествено-политички работници), меѓутоа мешањето на личните интереси, па макар тие биле и на највисоките функционери, со државниот, а потоа и со јавниот интерес само ја истакнуваат доминацијата на подаништвото кај „седмата сила“.

Ако премиерот и не знае што му е работа (градежништвото не спаѓа во тој домен, на пример), тогаш новинарот мора да знае да го одвои она што е важно за јавноста, од демагошките туристички активности.

Иако, се чини, дека онаа дебата од пред околу три децении уште не е завршена.