Ветинг е еден од најспомнуваните зборови во пресрет на изборите. Некои се залагаат за проверка на имотите на судиите и обвинителите, други велат – да, ама е нужен и ветинг за политичарите. Трети мислат дека тоа не е потребно, бидејќи со вкрстување неколку бази на податоци, лесно ќе можело да се види кому му пораснал имотот несоодветно според приходите што ги има.
Заедничко за сите позиции е дека станува збор за изборно шлајфување. Овие приказни наликуваат на „трла баба лан, да јој проѓе дан“, бидејќи, ако постоела искрена намера за тоа, досега и ќе се спроведела.
Уште во 2009 година, пратеникот Влатко Ѓорчев пишуваше за „Спомениците на црвената буржоазија“, шеташе по парцели и ги покажуваше имотите на тогашните функционери на СДСМ и на транзициските олигарси. Но, во целата деценија додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, оваа партија никогаш не предложи ветинг.
Штом се ближат избори, пак ечи стариот рефрен – „луѓеее, чујте и почујте, дваесет дена циркус во вашиот град“… се монтира бината, се најавуваат акробации на чесност, жонглирање со морални вертикали, нескршливи кичми и бетон цврсти политички интегритети
А сега Влатко да прошета само по улицата Славејко Арсов, не ќе може да ги доброи „спомениците“ само на еден сопственик, а да не зборуваме за другите од фамилијата, кои никако не се сметаат за потомци на т.н. црвена буржоазија, но повеќекратно ја надминаа, со капитал за најмалку десет поколенија.
СДСМ и ДУИ, додека беа на власт седум години, воопшто не го чепнаа тоа прашање, освен вербално, и најчесто со образложенија кој од „меѓународната“ ги советувал да не почнуваат таков процес.
Но, штом се ближат избори, пак ечи стариот рефрен – „луѓеее, чујте и почујте, дваесет дена циркус во вашиот град“. И веднаш почнува да се монтира бината, се најавуваат акробации на чесност, жонглирање со морални вертикали, нескршливи кичми и бетон цврсти политички интегритети.
Во тоа наддавање, предлог презентираше и претседателскиот кандидат на ДУИ: формирање меѓународен борд сочинет од претставници на НАТО, ЕУ и САД, кои заедно со нашите институции ќе ги (пре)сертифицираат носителите на јавни функции по две основи: дали имаат врска со рускиот интерес и дали се инволвирани во каква било форма на корупција.
Странски претставници навистина би биле гаранција за независен процес на проверка и еден вид брана против обидите за компромитирање на постапката, имајќи ги предвид овдешните навики за интервенции и протекции. Второ, но не помалку важно, е расчистувањето на житото од каколот по прашањето за руски врски, замешателства и нивни сателити во домашната политика.
Но, по прашањето за проверка на криминалот и корупцијата, не сум сигурна дали странски претставници ан блок би прифатиле да учествуваат во тој борд, без претходно да прашаат – а што сте направиле самите вие по тоа прашање досега?
Кажано во разговорна форма, потенцијалниот претставник од САД, на пример, би можел да рече: А зошто јас да се акам до Македонија и да исправам криви-дрини, ако за лице што е на „црната листа“ на САД, вие не сте виделе потреба ни да го дистанцирате од партијата, а камоли нешто повеќе? А може и да праша – ако сте толку загрижени за овие прашања, зошто лице санкционирано од САД е на листата на европскиот фронт за избор на пратеници?
Само кога се ближат избори, сите што не можеле да си го видат прстот пред носот, одеднаш добиваат визија! Сите што хибернирале, се будат од сон
Значи, ако тие лица го поминале филтерот на европската ДУИ, ако не биле спорни по ниедна основа, тогаш – или некој не разбира што значи ветинг, или само предизборно глуми потреба од криминална и безбедносна проверка.
Но, веќе се навикнавме сѐ што е „прогресивно“ да се најавува само пред избори, а по нив ништо особено да не се случува, сѐ додека не дојде време за нов изборен циклус. И така со години, затоа што кај нас мандатите на владите ефективно траат сто дена. Сите се трудат во првите сто дена да покажат дека стартувале динамично, да направат нешто, да остават впечаток.
А потоа – земја дембелија. По стоте дена си залегнуваат во фотелјите, не ги интересираат ни критики, ни мислења од граѓаните, со отчет воопшто не се замараат и така елегантно почнува фазата на одвојување во паралелни светови – едни во реалниот, другите во политичкиот, зад дебело тапацирани врати.
Само кога се ближат избори, сите што не можеле да си го видат прстот пред носот, одеднаш добиваат визија! Сите што хибернирале, се будат од сон. Подготвени се секој дефект експресно да го прогласат за подвиг, со очекување граѓаните да веруваат во тоа. И не се грижат како ќе го испорачаат ветеното, затоа што знаат дека сѐ ќе „трае“ додека не замине циркусот.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија