Деновиве онака скромно, што би се рекло во кругот на моето семејство, телевизорот и далечинскиот управувач, прославувам еден мал јубилеј – половина век откога не ме интересира фудбал.
Клучниот датум, како што може поупатениот, да не кажам постариот читател да заклучи е Светското првенство во фудбал во Германија 1974 година. Тогаш со огромен фанатизам ја следев југословенската репрезентација низ нејзините неизвесни квалификациски борби, сѐ до „мајсторката“ со Шпанија и влезот меѓу 16 најдобри репрезентации на светот (колку што тогаш настапуваа на Мундијалот).
Всушност, Југославија, иако само со една победа (ненадминатите девет спрема нула против Заир, чиј тренер беше некогашниот голман на „Вардар“, Благоја Видиниќ), влезе во следната фаза на турнирот, односно меѓу осумте најдобри светски фудбалски репрезентации. Впрочем, тогаш, како млад тинејџер го пополнив првиот, а ќе се испостави и последниот албум „Панини“ со сликички од фудбалерите и репрезентациите што настапуваа на тој Мундијал.
Зошто не гледам фудбал
Но, без оглед на овој несомнен успех и на некои извонредни партии (нерешениот резултат без голови на отворањето на Првенството против тогаш уште актуелниот светски првак Бразил), јас бев страотно разочаран од играта на моите миленици, а особено од за мене неразбирливата тактика на тогашниот селектор Миљан Миљаниќ.
На пример, се сеќавам дека не можев да сфатам зошто во првиот тим нема место за искусниот Кирил Дојчиновски (човекот за кого Пеле своевремено рече дека најдобро го чувал), а на негово место се форсира младиот Владислав Богичевиќ. Подоцна се рашири шпекулација дека резултатот на Мундијалот, всушност, не бил ни битен, туку дека целта била да се „продадат“ што повеќе играчи. Лесно поверував во оваа теза.
Дојчиновски веќе играше за Марсеј или некаде во Франција, а Богичевиќ беше „фришка стока“ за продавање. И тоа беше доволен мотив да го изгубам целиот интерес за репрезентативниот, но и за клупскиот фудбал.
Зошто Јавниот сервис проценил дека е поважен јавен интерес преносот на натпреварот на Србија против Англија (на Европското фудбалско првенство на кое нѐ нема) од директното вклучување на прес-конференцијата на мандатарот Христијан Мицкоски, каде што тој ги соопштува имињата на кандидатите за министри во новата влада?
Не велам дека оттогаш немам гледано фудбалски натпревари. Ги гледав и потоа, но без страст, без интерес и без каков било адреналин. Секогаш во заднина ми стоеше мислата дека постојат некои многу поинакви интереси отколку да се пружи најдобрата можна игра и да се постигне оптималниот резултат.
На пример, две години подоцна, во 1976 година, го следев и Европското првенство во фудбал што се одржуваше во Југославија (Белград и Загреб). За да биде појасно, во тоа време не се одржуваше европско фудбалско првенство онакво какво што го знаеме сега. Она што тогаш се одржа во СФРЈ, всушност, беше финален турнир на кој учествуваа четири репрезентации: Југославија, Западна Германија, Чехословачка и Холандија.
Многу добро го помнам полуфиналниот натпревар против Западна Германија, тогаш актуелен светски првак. Во првото полувреме водевме 2-0. Ги ставивме во шише, што би се рекло со навивачкиот речник. Во второто полувреме, Германците дадоа еден гол, а при крајот на натпреварот во игра влезе извесен Дитер Милер и при првиот допир со топката ни даде гол и избори продолжетоци.
Истиот тој Дитер Милер (да не се меша со големиот Герд Милер) во продолжетоците ни даде уште два гола и Западна Германија отиде во финалето против Чехословачка. Тогаш не постоеше нешто што се нарекува статистика, ама верувам дека Милер вкупно трипати ја допре топката и ја имаше во посед во време што се брои во секунди. Ама тоа беше пресудно.
Ако некого го интересира, Југославија изгуби од Холандија во натпреварот за трето место, ама тој меч веќе не ме интересираше. Доволно бев разочаран од полуфиналето. Тоа за мене беше дефинитивна потврда дека со фудбалот нешто не е во ред.
Таа година, Чехословачка стана европски првак, победувајќи ја Западна Германија на пенали. Ако по ништо друго, тогаш ова првенство ќе остане забележано во историјата на светскиот фудбал, по последниот пенал за Чехословаците што го изведе Антонин Паненка. Тој, со еден храбар и првенствено дрзок удар, го совлада германскиот „ѕвер“ меѓу стативите Сеп Маер.
Оттогаш до денес ваквата изведба на казнениот удар се нарекува „паненка пенал“ или „паненка удар“. Дитер Милер (кој им даде гол и на Чехословаците) не направи некоја голема фудбалска кариера. Едноставно, го снема од радарот. Или барем го снема од мојот радар.
Еден народ, една држава, еден спорт
Што е тоа тогаш што ме тера да пишувам за фудбалот, а не, на пример, за кадровскиот избор на новата влада?
Или: зошто Јавниот сервис проценил дека е поважен јавен интерес преносот на натпреварот на Србија против Англија (на Европското фудбалско првенство на кое нѐ нема) од директното вклучување на прес-конференцијата на мандатарот Христијан Мицкоски, каде што тој ги соопштува имињата на кандидатите за министри во новата влада?
За разлика од феномените предизвикани од која било влада што кога било егзистирала на овие простори, за фудбалот на глобално ниво се испишани илјадници и илјадници страници. Затоа што тој го има оној квалитет што дневната политика го нема – забавен е!
Но, фудбалот може да се толкува и како своевидна религија. Има свои институции, свои култови, свои ритуали и обреди што се одраз на општествената стратификација – постојат структури на моќта, политичка инструментализација, класни, па и етнички судири…
Настрана што сум алергичен на споменување во иста реченица на синтагмата „еден народ и една држава“ (недостасува уште „една партија“), ама тезата за идентитетската вредност, односно националните обележја на културата и спортот е проблематична по многу основи
Натаму, фудбалот е и национален и интернационален. Токму преку дел од тие обреди – пеење химна (државна или клупска), бакнување знаме (државно или клупско), држење рака на срцето итн. – тој е доволен амалгам за будење на националниот, па и националистичкиот адреналин.
Од друга страна, фудбалот истовремено е и интернационален, односно глобален. Речиси и не постои национална селекција со играчи од исклучиво една нација. За фудбалските клубови не сакам ни муабет да правам. Се сеќавам кога Пандев играше за Интер (или за Наполи?) случајно гледав некој нивни натпревар во некој од меѓународните купови и во второто полувреме влезе Марио Балотели.
Коментаторот прокоментира дека во тој момент тој е единствениот Италијанец што е во тимот на Интер. За оние што не знаат, Балотели има изразито црна боја на кожата. Другите играчи беа белци.
Значи, фудбалот е и бизнис. И тоа голем бизнис. И интернационален бизнис. Со други зборови, зад општата забава за „широките народни маси“ и подигањето на националниот набој, најчесто се кријат некои други, многу полукративни интереси, далеку од очите на „обичниот“ гледач. И врз база на тие интереси се составуваат тимови, се „купуваат„ и „продаваат“ играчи, се „купуваат“ и „продаваат“ натпревари, првенства, дресови…
Сѐ зависи од газдата и како тој ќе го одреди својот бизнис-план. Или дали екипата треба да се „продаде“ во тој момент или нешто подоцна. Така што, треба да знаете дека оние што се држат за срцето додека свири химната, всушност најчесто се држат за својот паричник.
Впрочем, во прилог на поширокиот јавен интерес на (и за) фудбалот говори и фактот што токму мандатарот Мицкоски го „крена“ спортот на ниво на министерство. Не знам дали добро го слушнав, ама ми се чини дека тој, претставувајќи ги кадровските решенија за владиниот кабинет, рече нешто во смисла дека културата и спортот се најголеми промотори на идентитетот на „еден народ и една држава“.
Настрана што сум алергичен на споменување во иста реченица на синтагмата „еден народ и една држава“ (недостасува уште „една партија“), ама тезата за идентитетската вредност, односно националните обележја на културата и спортот е проблематична по многу основи.
И зад неа се кријат некои други интереси, далеку и од спортот и од културата.
И ако уште мислите дека не го коментирав кадровскиот состав на новата влада, тогаш ќе ве замолам да го прочитате текстот уште еднаш. Од почеток до крај. Внимателно.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија