Прво кујната, па сѐ друго

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Кога во светот на политиката предолго доминираат мажите, многу битно е што во претседателската трка има и жена. Притоа, уште побитно е тоа учество да не биде демократски украс или некакво алиби за родовата застапеност, туку чин на силна кандидатска компетентност.

Колку е кревка ситуацијата на овој план, доволно зборува фактот што каков било исчекор на жена во политиката, или макар обид за нејзино вмешување на традиционално машкиот терен, редовно завршува со проценки од типот – „дали се покажала како поголем маж од мажите“ (секогаш мажот е репер), дали „имала поголеми м..а  од мажите“ и ред други стереотипи – производ на мачоистичкиот поглед низ кој сѐ уште се третира жената, особено во политиката.

Неслучајно, кога Радмила Шекеринска стана министерка за одбрана, првата оценка беше дека „таа ќе раководи со најмашкиот ресор“. А потоа ќе дојде Осми Март, па ќе слушаме колку многу се заслужни за општеството жените и мајките. А во документите со кои се заведени децата што ги раѓаат жените (од школски свидетелства до секакви дипломи) задолжителната формулација гласи вака: име, ТАТКОВО ИМЕ, презиме. Мајчиното име не е предвидено. Помалку е важно или тотално небитно?

Треба ли да потсетувам и дека второто име за државата ни е „татковина“. Именката е од женски род, но е изведена од зборот „татко“. Имаме и збор мајковина, ама речиси и не е во употреба. Многу повеќе се употребува „родина“, во смисла – родната земја, таму каде што сме се родиле. 

Можеби треба да ги спуштиме очекувањата. Да не бараме баш голема разлика меѓу тоа што е приоритет – подготовка на „преспански клен“ или „преспанска перспектива“. Ниту да фаќаме кусур кој е наратор на кујнскиот рецепт, додека кленовите се чистат со долги ножеви

И сега, кога во битката за претседател, покрај кандидати за „татко на нацијата“ имаме и кандидатка за „мајка на нацијата“, повторно се соочуваме со стереотипи,  кои остават сомнеж дека, и навидум современите жени, сами придонесуваат за ваквиот третман. Еве зошто. Гледам изборен спот на кандидатката Гордана Силјановска Давкова, професорка со респектабилен научен опус во сферата на правото, а првата сцена почнува во кујна, каде што таа сечка некаков зеленчук и го подига капакот од тенџерето да види до каде е ручекот. 

Не e проблем и така да почне видеоматеријал, доколку е тематски посветен – дали и како таа се снаоѓа во кујната. Но, во спот каде што таа е портретирана од повеќе аспекти, овие инсерти би требало да бидат последни. Добро е ако таа успешно се снаоѓа и во кујната, но тоа не е најважно во овој случај, бидејќи спотот не повикува на избор за најдобра готвачка, туку за претседател на државата. А тоа е нешто многу повеќе од сечкање моркови во прв план. Особено што нејзината професорска аура е главната референца со која таа влезе во изборната трка.

Не знам дали на кандидатката ѝ пречи тој редослед при нејзиното кусо видеопрезентирање, дали спотот пред објавувањето ѝ бил даден на одобрување, дали самата се согласила во првите инсерти да биде сместена во кујна. Дали и таа е приврзаник на стереотипот дека „љубовта доаѓа преку стомакот“, а по истиот принцип и – љубовта за политиката!?

Да не забораваме дека колку што има „традиционалистки“ во електоратот, толку има и жени кои со години ги бојкотираат производите што се рекламираат исклучиво преку ликови на баби и мајки што успеале најдобро да зготват, исперат, измијат, исчистат… Ги купуваат оние кои преку реклами пропагираат заеднички активности на мажите и жените, бидејќи така се гради свест за заеднички поделени обврски, за свет во кој жената нема да биде само готвачка, чистачка и домаќинка, или прво тоа, па дури потоа професорка, лекарка, војник, пилот, шивачка, продавачка, до кандидатка за политичка функција.   

И сега, кога во битката за претседател, покрај кандидати за „татко на нацијата“ имаме и кандидатка за „мајка на нацијата“, повторно се соочуваме со стереотипи,  кои остават сомнеж дека, и навидум современите жени, сами придонесуваат за ваквиот третман

Општеството нема да созрее, ако не созрееме индивидуално. А примерите особено треба да ги создаваат тие што претендираат да дојдат до високи функции, и на тој пат да ги рушат посочените стереотипи. Toa се прави на многу поангажиран начин, од вербалниот исказ „ако жена не ги среди работите, нема кој“.

Вториот кикс во спотовите на кандидатката доаѓа со ангажирањето на женскиот глас, кој на крај порачува: „Правда за Македонија. Татковината повикува“. Ќе беше добро ако тој глас беше на Силјановска, но не и на актерката, чиј последен јавен настап беше запаметен по повикот дека тоа ќе биде „ноќ на ножевите“ (15.12.2016), ноќ во која улицата требаше да ја крои правдата, преку закани „Ќосето е жив“ и други ептен „правни термини“.

Не знам како професорката по право прифатила токму тој глас да ја персонифицира нејзината заложба за правда и да биде глас преку кој „татковината повикува“, кога тој потсетува на сѐ што е спротивно на тоа, во пакет со поделби и пресметки.

Но, дали проблемот е во филтерот на кандидатката и на нејзиниот тим, кој ненамерно пропуштил вакви „дребулии“, или е израз на нејзиниот вредносен став, а спротивен на очекувањата дека конечно „нешто ќе менува, кој, ако не жена?“ Можеби треба да ги спуштиме очекувањата. Да не бараме баш голема разлика меѓу тоа што е приоритет – подготовка на „преспански клен“ или „преспанска перспектива“. Ниту да фаќаме кусур кој е наратор на кујнскиот рецепт, додека кленовите се чистат со долги ножеви. Туку, да се фатиме за работа и да ги измиеме тавите, бидејќи, ако жена не ги среди работите, нема кој. Кујната повикува.