Првореформирана

Колумна на Сашо Кокаланов

Новиот филм на Пол Шредер „First reformed“ или „Првореформирана“ можеби ви звучи како уште едно во низата суперкреативни имиња за следната владина агенда за реформи, како „План 369“ и „План 18“, но сепак е „само“ филм. Зборува за нешто што ние веројатно никогаш нема да го реформираме, или во најдобар случај ќе го оставиме за последната рунда од овој макотрпен реформаторски процес – свеста.

Зборување за колективната свест преку дилемите на личната совест. Нам ова ни звучи како лоша излитена фраза од некој утописки нереформиран учебник по етика за трето одделение, зашто ние живееме во земја во која девојка може да скокне во река и да се удави бегајќи од глутница улични кучиња и за тоа никој да не понесе одговорност.

Но, големите мајстори како Шредер (Пол, не Герхард, м.з.) не бегаат од ваквите „излитени теми“, напротив, создаваат маестрално оригинално дело, кое визионерски ги предвидува следните полиња на кои ќе мора да се реформира светот, се разбира откако во секоја земја одделно (некаде побргу, накаде побавно) ќе завршат сите политичко-социјални реформи, промени на устави и факинг преамбули, сите планови, петолетки, 3-6-9-18-месечни агенди, ќе завршат сите идеолошки, религиозни, даночни, популистички, депопулистички, квазидепопулистички или какви уште не шијем-ти-га-ѓуро реформи.

Култниот сценарист на „Таксист“, во ова свое последно остварување, предвидува дека новите терористи-самоубијци нема да бидат ниту верски фанатици, ниту политички екстремисти, ниту борци за независност на Палестина, Курдистан, Баскија, Вевчани, Јужна Осетија, Северна Каледонија, Долна Чемерија или Горно Врановци, туку очајни борци за спас на планетата од еколошка катастрофа.

Нам се разбира дека ова ни изгледа смешно и банално. Впрочем, нашите мерни станици на загадувањето на воздухот во Ѓорче Петров и во Лисиче не работат, така што ние не ни можеме да бидеме сигурни дека планетава се соочува со некаква еколошка катастрофа.

Да, интуицијата и сетилото за мирис ни зборуваат дека тука нешто смрди, но тоа го решаваме на следниот начин – родителите преку вибер-група се договараат на учениците да им се купи нов вид наставно помагало – прочистувач на воздухот. На тој начин вие, за само 500 до 1.000 денари по ученик, на вашето дете му овозможувате непречено да ја следи наставата, односно смогот да не му пречи да ја види таблата од последната клупа, а истовремено добро е и за неговото здравје да внесува повеќе пи бројки во тетратката по математика, отколку пи-ем бројки во белите дробови.

Според едно старо верување, кога планетава ќе си ебе мајката, идентитетот на Македонците ќе се претвори во планктон, планктонот во амеба, амебата во охридска пастрмка, таа во врапче, врапчето во ВМРО, ВМРО во Левица и кругот на еволуцијата на Македонците ќе биде спасен, независно од пропаста на светот

Се разбира, во упатството за употреба на воздухот, јасно е нагласено дека отворање прозорец е строго забрането (што за наши околности носи и дополнителна безбедност, со оглед на актуелните игри со фрлање ученички низ прозор), а напуштањето на училницата за време на одморите мора да биде изведено со спринтерска брзина, колку да се оди по нужда или да се купи ужинка, а потоа веднаш да се пристапи кон враќање во училницата со чист, планински воздух.

Супер што имаме жешка политичка есен, па жешкиов ноември метеоролошки ни се вклопува во политичкиот амбиент. Нормално е да врие, та за идентитетот на Македонците се расправа, не за топењето на снегот на Северниот Пол. Зашто, според едно старо верување, кога планетава ќе си ебе мајката, идентитетот на Македонците ќе се претвори во планктон, планктонот во амеба, амебата во охридска пастрмка, таа во врапче, врапчето во ВМРО, ВМРО во Левица и кругот на еволуцијата на Македонците ќе биде спасен, независно од пропаста на светот.

На крајот од 2015 година, 195 земји, меѓу кои замислете и нашава ФИРОМ, со Парискиот договор се обврзаа глобалното затоплување да биде под 2 степени од прединдустрискиот период (иако кај нас фабриките наебаа со приватизацијата, сепак се смета дека дури и ние живееме во индустрискиот период, м.з.). Веќе е помината критичната точка од еден степен. За да запре на 1,5 Целзиусов степен, треба буквално уште од овој момент да се случи синхронизирана акција во целиот свет со која: нема да се вложи веќе ниту долар во нови термоелектрани, нема да се издупчи ниту една нова дупка во потрага по нафта, нема да се произведе ниту едно ново возило со внатрешно согорување…

Во македонски услови, тоа би значело да се направат некои ненормално тешки работи, како на пример да запрат вработувањата во РЕК Битола, градежните работи во Аеродром, да се зголеми акцизата за уште едно два-триесет отсто и некои други неостварливи и фрапантни мерки…

Во соседна Србија пресметале дека само од 2000 до 2015 година, овој еден степен разлика ѝ предизвикал штети на српската економија од пет милијарди долари! Отприлика исто колку и дуинг-бизнис програмата на братучедите во Македонија, изминатава декада. Со таа разлика што за украдените пари има бројчаници, па можеби некој долар и некое евро ќе се вратат од Белизе и од Панама, а засега единствениот бројчаник што ги мери ефектите од еколошките катастрофи е тој на портата кај Свети Петар. И тој бројчаник вели дека само до загадувањето на воздухот, во Македонија годишно умираат околу 1.500 луѓе.

Дајте да видиме до каде сме со преамбулата. Значи, вдишете длабоко и спремете ги тупаниците – следи крвава битка дали во преамбула на нашето „свето писмо“ да влезеле одлуките или прогласот од АСНОМ

Шредер во филмот предвидел дека ќе дојде ден кога на некои луѓе ќе им пукне филмот, основното човеково право на чист воздух, вода и земја, па и на живот, да го остваруваат преку лименки со кислород, уреди со капацитет од 20 до сто квадратни метри, ќе им прекипе од тоа да доплаќаат за лепешките што ги јадат да немаат ГМО, пластика итн., ќе стават смртоносен, експлозивен елек и ќе си ја истурат урната во нафтените дамки на колективната нечиста совест.

Уф, колку ова далечно звучи за Македонецот, кој три недели не може да го најде копчето за ресет на една ебена мерна станица во Лисиче!

Заради драматичност и потенција на конфликтот, авторот на филмот умешно одбрал сите овие морални отсечки да се испресечат во менталната утроба на еден свештеник. Во њујоршката црква со симболично име „Првореформирана“. Во црквата како семилошко минско поле. Таму каде што се сместени конзервативните дувла, таму каде што нѐ убедуваат дека ние може да ја силуваме планетата колку што сакаме, зашто некаков си син божји (никако ќерка), ќе се симне од небото и ќе нѐ спаси и нас и земјата.

Но, баталете вие ова, ние сме во друг филм. Дајте да видиме до каде сме со преамбулата. Значи, вдишете длабоко и спремете ги тупаниците – следи крвава битка дали во преамбула на нашето „свето писмо“ да влезеле одлуките или прогласот од АСНОМ.

Македонскиот народ не смее да стане дрво без корења! А што ако стане корен без дрвја? За тоа другпат ќе се тепаме.

Освен, се разбира, ако ова „Северна“ не е нашата прва реформска мерка против глобалното затоплување