Нема ни мир, ни слобода, ни демократија без одговорност. Оние од МПЦ кои велат дека не го прочитале текстот што напишал членот на Синодот, митрополитот повардарски Агатангел, а што и да напишал тоа е негов „личен став“, се надевам дека слушнале како завршува таквата неподнослива лесностија на недоговорноста и мижењето пред реалноста. Завршува со протест пред домот на пратеникот на СДСМ од Велес, Панче Иванов. Имало слични протести и пред домови на пратеници во други градови. Браво!
Многу човечки и„христијански“ е десетици и десетици вжештени грла и закрвавени очи да направат обрач околу нечиј дом, дојдени, не со леб, туку со камен во срцето. Вам во Синодот, верувам дека не би требало да ви е удобно да седите молкум дома, да си го чувате своето спокојството, и да не ве интересира какви последици произведуваат писанија, изјави или проповеди на ваши владици, оние што се почесто осветуваат и благословуваат симболи на т.н. патриотски организации (пиштоли, ножеви, ками…) и кои подолго време литургиите ги заменуваат со политичко-националистички проповеди. Особено што на некои тоа им стана практика.
Најмалку што може МПЦ-ОА да направи, е со ширум отворени очи да се соочи со срамниот факт дека во нејзините највисоки редови седат луѓе кои не проповедаат мир, разбирање, прошка и љубов, туку делат, подбуцнуваат, мотивираат на пресметка, прогласуваат предавници, најавуваат нивно екскомуницирање.
Најмалку што може МПЦ-ОА да направи, е со ширум отворени очи да се соочи со срамниот факт дека во нејзините највисоки редови седат луѓе кои не проповедаат мир, разбирање, прошка и љубов, туку делат, подбуцнуваат, мотивираат на пресметка, прогласуваат предавници, најавуваат нивно екскомуницирање.
Ако не можете да се сооочите со тоа, тогаш, со што можете? Се лутите кога ве критикуваат дека најмногу сте посветени да се наметнете како заднинска екстензија на секоја политичка гарнитура, дека умешно се затворате под стаклено ѕвоно од кое имате поглед кон верниците, но не и плодотворен контакт со нив. И по критиките за таквите слабости и грешки (никој не е безгрешен, нели) не направите видлив чекор што ќе укаже дека нешто се менува кај вас. Никој од вас не истопори пред ќосињата во мантии да им каже: Доста е!
Нема дури ни симболички потентен потег кој би навестил дека ќе ги прочистите сопствените редови од отровните говори кои гo контаминираат општеството. Да, се согласувам дека и владиката Агатангел има право на личен став. Но, правото на личен став не подразбира и право неказниво да дистрибуира мислење кое поттикнува и мотивира осуда и загрозување на други луѓе, без подготвеност да се понесе одговорност за тоа.
Во тоа е разликата. Патем, може ли мирно да гледате како луѓе со златни крстови околу вратовите палат фотографии на други луѓе, најавуваат дека ќе ги снајде најлошото, и се крстат во тој завет додека ги изговараат гнасните закани. И тие се претставуваат како верници, а вие никогаш не сте се оградиле од таквото силеџиско промовирање и практикување на „верата“, никогаш не сте излегле на некоја ТВ јавно да ги осудите и да повикате на разум и толеранција.
И не ми се забелешките само за вас, во Синодот. Голем дел од забелешките ми се за пратениците. По завчерашниот ден на бројни закани и навреди до нив, некои најавуваат дека извесно време нема да излегуваат, за да не иритираат. Па каква порака испраќаат со тоа?
Тие повеќе иритираа со вчерашната расправа за измените на Законот за заштита од пушењето, на кое му посветија време небаре е прашање од највисок државен приоритет. Не можам да разберам дека само еден ден по тензичното усвојување на Законот за употреба на јазиците имаа повеќе време за анализа на тутунскиот чад во рестораните, отколку да продуцираат дебата за опасноста од контаминирање на општеството со тензии со меѓуетнички предзнак.
Што да ви кажам? Седете си дома, и онака за „иритирање“ доволни се новинарите. Тие се „претплатени“ да бидат на удар на јавноста во секое време, тие се боксерската вреќа за секој што ќе посака да ги навреди, да ги исплука, да ги навредува, да им испрати погребен венец, да ги вознемирува, да им се заканува…
Не можам да разберам дека само еден ден по тензичното усвојување на Законот за употреба на јазиците имаа повеќе време за анализа на тутунскиот чад во рестораните, отколку да продуцираат дебата за опасноста од контаминирање на општеството со тензии со меѓуетнички предзнак.
А по природата на работните обврски, новинарите го немаат луксузот да можат да останат дома. Освен оние кои се без работа. А вие господа пратеници, ако потрошевте барем десет минути (и со бројка:10) од времето што го потрошивте за измените на Законот за заштита од пушењето, ќе можевте да изгласате законски измени со кои нападите врз новинарите ќе се третираат како напад врз службено лице. Не прифаќам никаква илјадита по ред вербална осуда на заканите и нападите врз новинарите, ако не се направи таа заложба да заврши со законски одредби и конкретни санкции.
И не се грижете. Додека седите дома, новинарите и натаму ќе бидат надвор, на улица, во Собрание, пред Собрание, среде поплави, пожари, кризи, ендеци, или пред вашите куќи, да известуваат за дострелите на нашето недоизградено општество, поради разни молкови и калкулации.
Благодарение на тоа, некои ликови одамна станаа симптом за системско саботирање на идејата за заедништво, преку проповедање најмрачен национализам, „духовен“ модус вивенди што води кон разни антагонизми, загрижени што Македонија може да стане држава каква што сака да биде, во која тие не ќе можат да ги прават нештата што сега ги прават! Ако нив не треба да ги „иритирате“, тогаш проверете каде ви е изгубен компасот. Можеби на некоја патарина…