Пукај бе, братучед, пукај!

Направивме доволно компромиси со националниот идентитет. Ова не е изјава на македонски политичар, туку на бугарскиот службен премиер, на кого повеќето Бугари не му го знаат името. Последново не го велам јас, туку почитуваниот Иван Крастев во колумна објавена во „Фајненшл тајмс“.

Се разбира, тој не ги осудува Бугарите за незнаењето. Вели, а како би можеле да го запомнат името на премиерот, кога во последните три години во Бугарија се одржаа шест парламентарни избори. Четирипати, новоизбраниот парламент не успеа да формира влада. Во два наврати кога се формираше влада, таа траеше помалку од една година и ги покажа сите недостатоци на еден договорен брак.

Сега следува седмиот обид. Значи, службениот премиер на Бугарија, Димитар Главчев, коментирајќи ги последните пораки разменети меѓу Скопје и Софија, тврди дека Бугарија направила доволно компромиси со нејзиниот национален идентитет.

Очигледно, никогаш не се потрудил барем за миг да се стави во македонски обувки. Да се ставел, би му било крајно непријатно да изјави такво нешто. Не му беше непријатно ни на европратеникот од ГЕРБ, Андреј Ковачев, познаник и пријател на многу македонски пратеници, кој најави дека ќе бараат ЕНП да ја исклучи ВМРО-ДПМНЕ.

За да не биде само тоа, се потруди и лидерот на „Преродба“, Костадин Костадинов. Ќе барал бугарското Собрание да донесе декларација со која ќе ги информираат партнерите во ЕУ дека во РСМ има саботажа на паневропските политики.

Прво што ми дојде на ум по оваа канонода, беше една реплика од „Пред дождот“.

„Ацо, ќе пукам, Ацооо…“

„Пукај бе, братучед, пукај“, вели Ацо.

Братучедот распали. Испразни цел шаржер додека не го покоси Ацо.

Полн куфер добрососедство

До овде сме дојдени по многу испукани шаржери со рамковни позиции, вета, па условено вето, декларации и разни други подземни и надземни бугарски (и не само такви) блокади на интеграцискиот пат на Македонија. Да постоеше категорија „евроинтеграција преку ултрамаратонска трка со пречки на секој метар“, Македонија од 2005 година до денес ќе беше олимписки шампион.

Нека повелат, нека исштанцаат уште некоја декларација. Нека пратат уште еден објаснувачки меморандум до партнерите во ЕУ. Според шефот на дипломатијата, веќе испратиле некаква информација. Повторно нека пратат бугарски историчари во ЕП да ја објаснуваат „вистинската вистина“.

Полн ни е куферот, но може да направиме место за уште неколку „добрососедски реликвии“, ако бугарскиот парламент реши да ги усвои. Ама што со тоа? Дали тоа повеќе ќе ги доближи двете земји? Не.

Иако Софија тврди дека сака добри односи со Македонија и да ја види земјава во ЕУ, упорно работи по принципот слушај што зборувам, не гледај што правам. А тоа што го прави ниту е соодветно за прв сосед, уште помалку за членка на ЕУ.

За жал, соседите никој не може да ги избира. Ни ние, ни Бугарија. Настрана од прашањето за интеграцијата во ЕУ, изборот е едноставен: ќе живееме ли како еманципирани соседи во 21 век или ќе се балсамираме и ќе ги конзервираме односите во име на минатото наместо во име на иднината?

Додека во историската комисија го „исправаат“ средниот век, во сегашноста сведочиме на еден зовриен свет, во кој буквално секој ден се случува нова историја.

Им завидувам на некои земји, сега веќе членки на ЕУ, кои на тој пат, најголема и најискрена поддршка добија токму од своите соседи. Така се гради трајно пријателство. Не велам дека немало и нема грешки од наша страна, секако има на наша штета, но тие секогаш биле реакција на нечија акција. Никогаш не сме го повлекле ние „чкрапалото.“

Народната изрека вели: „Роди ме мајко со к’смет, па фрли ме на буниште.“ Ние имавме „к’смет“ да ни покажува мускули секој со асиметрична позиција во однос на нас. И имавме „к’смет“, членки на клубот да нè испраќаат на буништето на историјата, небаре сме без корен, без историја или без право на историја пред 1945 година.

Словото на протоколот

Небаре не беше доволна и досегашната сага, па мораше да биде приреден и случајот со отсуство на македонското знаме на средбата РадевСиљановска. Ако според протоколот на неофицијални средби не се истакнувало знаме на земјата на гостинот, зошто пак имало потреба да се објавува фотографија од неофицијална средба? Ако е неофицијална, нека биде комплетно неофицијална, и без знаме, и без кадросување.

До денес, пак, нема одговор кој „протокол“ важеше кога премиерот и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, на конгресот на Европската народна партија во ноември 2019 година, во Загреб оствари средба со Христијан Мицкоски, која беше снимана без знаење на Мицкоски, а потоа Борисов лично објави дел од неа?

Очигледно, „протоколот“ може да биде многу променлива работа, зависно од случај до случај, од потреба до потреба, па и од местенка до местенка. Вистински и искрени пријатели, дури и без обврска од протоколот би го истакнале знамето на гостинот како чин на добра волја. Таков чин ќе ѝ доликуваше на Софија. Ако суштински беше европска. Треба да размислат дали така се легитимираа.

А памтам многу официјални средби во Македонија, кога во желба да се промовира блискост и разбирање, по желба на гостите од Бугарија беше „прескокнат“ преводот. Никогаш не реагиравме на тоа, сметајќи дека и без превод добро ќе ги разбереме Бугарите, како што ги разбираме Црногорците, Србите, Хрватите, Словенците…

На сето тоа, но и генерално на овдешните заложби за добрососедство, беше одговорено со унилатерална изјава на Бугарија во Преговарачка рамка, во која Софија го декларираше ставот дека „секое повикување на официјалниот јазик на РСМ во официјални/неофицијални документи/позиции/изјави и сл. на ЕУ и нејзините институции, органи, служби и агенции треба да биде сфатено строго во согласност со Уставот на оваа држава и во никој случај не треба да се толкува како признавање од страна на Република Бугарија на ‘македонски јазик’“.

Без оглед на словото на протоколот, по сите пречки и услови од соседот, ниедно знаме не ќе може да го покрие таквото „добрососедство“ од Бугарија. Дури ни она на шипка, со димензии 10 на 6 метри, закачено на јарбол висок 22 метри.

Висината на јарболите не е секогаш доказ и за дострелите.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија