Уште еднаш се покажа и докажа дека Македонија е многу посебна и различна од остатокот на светот – еве, на пример, за сите останати „Русија 2018“ заврши изминатиов викенд, а за нас допрва почнува.
И навистина сме обесправени од Мечката во овие политички, дипломатски и шпионски игри. Додека во САД, односи со американски граѓани за руските интереси воспоставувала убавицата Марија Бутина, кај нас овде заштитата на историските сестрински сесловенски врски на колепката на словенството и Руската Федерација им се препуштени на Јанко Бачев, Мицов-Влахов и Мирка Велиновска. Ну, погоди, Кремљ, почекај малку, не може тоа така, давај нешто малку посвежо.
Има и мала иронија во сево ова, добро не баш мала, особено кога станува збор за начинот како се поттикнувале борците за одбрана на името во Македонија – имено, со пари од грчки бизнисмени. Па, добро бе, нели ние што бевме за компромис, бевме грчки платеници, не правете ни сега вакви проблеми со идентитетот.
Како и да е, Македонија, и покрај тоа што е географски мала и навидум небитна земја, не смее да седи со скрстени раце и треба остро да одговори на предизвикот и на фрлената ракавица од Москва.
- Првата практично веќе ја реализиравме, и тоа така што Русите речиси не ни забележаа: Бојкот на Светското првенство во фудбал! За да не биде очигледно, овој маневар беше изведен со маестрална симбиоза на државата и нејзините фудбалски дејци, така што бојкотот беше успешно замаскиран зад нашата божемна неможност да се квалификуваме за Мундијалот. Но, како што се расплеткува клопчето со последниве настани, сè повеќе станува јасно дека тоа беше смислен, субверзивен, добро камуфлиран скриен план на нашата држава за бојкот на првенството и на тој начин нанесување директни економски штети на домаќинот Русија. Се разбира дека Путин повеќе би сакал под својот чадор да го има Иванов наместо Колинда и затоа се сега овие нервозни реакции со потплатување фудбалски фанови на насилни протести. Не се само пари во прашање, на многу од тие навивачи им се стемнило пред очи кога разбрале дека само поради тајната дипломатија на Македонија тие се во „Жена парк“ наместо на „Лужники“.
- Втората контрамерка секако е од музикална природа, зашто таква е и природата на македонскиот народ. Имено, треба веднаш да се организираат концерти во 15 македонски градови на српската музичка легенда Бајага, под мотото „Није вотка ракија“. Целта би била трајно да се искорени овој пијалак од понудата во македонските кафулиња, со што на македонското алкохолоуживачко битие би му се предочиле сите предности на домашната ракија во однос на увозната руска вотка. Се разбира, треба да се има предвид опасноста од насилни контрапротести, кои не би биле организирани директно од ВМРО и од руската амбасада, но на кои би била испратена јасна и недвосмислена порака до сите евроатлантски ориентирани македонски граѓани, експлицитно посочена и преку слоганот: „Вотка није ракија, али ноќас удара“. При што, хулиганите што ќе се охрабрат македонската полиција да го почувствува слоганот на своја кожа, би добиле и екстра бонус, освен хонорар и две влезници за натпревар на ПАОК во Солун. Признајте, кога од ВМРО скандираа „Солун е наш“, не ни претпоставувавте дека еден ден ќе навивате за ПАОК.
- А кога сме веќе кај музиката, не треба да ги занемариме нејзините потенцијали, не само да го крева расположението и тонусот по дома, туку и да го деморализира противникот. Тоа, на пример, што македонската мегаѕвезда Лозано одби да пее на прославите за поканата од НАТО, сè уште не значи дека тој не може да биде ставен во функција на нашите државни интереси. Македонија треба да ја удвои понудата кон Лозано, но со обврска тој своите настапи да ги одржи пред руската публика. Ако може и пред руската армија, уште подобро. Убеден сум дека по извесно време, Москва ќе го моли Скопје за итна размена на видни личности и враќање на односите од пред поканата од НАТО. Ние да го примиме Лозано назад, а за возврат Русија да се откаже од намерите за активно или пасивно потечување на македонскиот евроатлантски пат. Би отишол и уште подалеку во оптимизмот, можеби ако факинг Лозано одржи серија антинато-концерти на руско тло, и самата Русија ќе се определи за членство во Алијансата, па ќе исчезнат и причините за оваа братоубиствена шпионска војна.
- Понатаму, со оглед на фактот дека во Македонија нема руски православни верници, а Руската православна црква со години ја „ребрачи“ нашата МПЦ во вселенските православни кругови, предлагам веднаш руската црква што се гради во Аеродром да биде пренаменета во студентски дом. По примерот како што тоа беше направено со фашизоидната бела палата на вмроните. Што, криминалното здание во Центар сè уште е нивно седиште? Упс, извинете, изгледа сум се зачитал предизборни ветувања…
- Не дека е од пресудно значење, ама сепак, во контекст на состојбите од пред избори, можеби треба да се размисли и за мала корекција на учебниците по историја. Имено, во делот на современата македонска историја, во лекцијата за уривањето на режимот на Никола Груевски, треба да се размисли дали да остане делот од реченицата: „…и тогаш Бранко Црвенковски се качи на белата „лада нива“ и со звуците на популарната „Бела чао“ практично ја почна револуцијата за смена на…“ Песната е океј, ама да размислиме уште еднаш околу возилото, може, сепак, погрешно да се протолкува.
Да, можеме веднаш, без никакво одлагање, да пристапиме кон овие пет контрамерки. Или, пак, не мора да направиме ништо од тоа (добро, бојкотот на Светското не може да се врати назад). Има и полесен начин. Може и едноставно да ѝ покажеме среден прст на Путиновата фаланга во земјава и да си влеземе во НАТО уште годинава. Прв чекор е да не нè боли ич ДИК за плачот на злосторничкото здружение и да се стави крај на агонијата.
Не сме „Pussy riot“ да протрчаме преку теренот на историјата и за тоа да разберат милијарда гледачи во светот, ама тоа не значи дека не треба да украдеме малку од нивната феминистичка дрскост, пркос и храброст.