Во Македонија и врапчињата знаат дека Христијан Мицкоски, ниту е лидер на партија, ниту е вршител на каква било политичка должност, тој не е ниту домар или клучар на злосторничкото здружение кое го претставува како што го нарекуваат некои, човекот си има јасен, еднозначен и недвосмислен капацитет со кој настапува на политичкиот мегдан – преговарач за амнестија. Неговата задача е проста како референдумско прашање – треба да се обиде да договори со власта и со меѓународниот фактор неговите работодавци да не одат во затвор. Просто како грав.
Мицкоски е бик, а амнестијата е црвен чаршав. Тоа значи дека што и да е темата фрлена на мегданот, Мицкоски ќе се обиде да убоде амнестија. Не ДИК, не референдум, не име, не презиме, не ЕУ и НАТО интеграции – закон за вештачко оплодување на пеперутки да треба да се донесе со двотретинско мнозинство, тој бесно ќе трча во арената, ќе рине со копитата и ќе исфрла пена од устата, барајќи со очите само една работа – црвениот чаршав.
Мицкоски е бик, а амнестијата е црвен чаршав. Тоа значи дека што и да е темата фрлена на мегданот, Мицкоски ќе се обиде да убоде амнестија
Оваа битка, во која цела држава е ставена во позиција на матадор и, наместо да си брка своја работа, постојано треба да бега од забревтаниот бик, веќе трае предолго, исцрпувачка е и е мачна, не само за неа самата и за нејзините граѓани и институции, туку и за тоа кутро животинче, за бикот.
Референдумското прашање би било токму какво што бара злосторничкото здружение, јасно и гласно: Дали сте за ослободување од гонење, запирање на судските постапки и ослободување на осудените затвореници за кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите?
Резултатот, доколку се исполни цензусот секако и ако мнозинството гласа „за“, би бил обврзувачки за Собранието, односно, ако граѓаните одобрат амнестија, законодавецот ќе мора да донесе закон за амнестија и ова прашање ќе биде затворено. Ако не, се знае…
Многу поевтино и многу попрагматично е Македонија да ги затвори двете прашања, она за евроатлантските интеграции што не може да се сучат без договорот со Грција и она за амнестијата во два одделни референдума, кои, меѓутоа, би се одржале истовремено. Зошто да се малтретираат вработените во Клубот на пратениците со нови повеќедневни јалови лидерски средби, а целото општество да се држи во агонија. На власта ѝ е битно да добие пас за договорот од Мала Преспа за да може да продолжат интегративните процеси. Добро. На опозицијата ѝ е од животно значење амнестијата. Добро. Нека си ги состават прашањата, секоја од страните за референдумот што ѝ е важен и граѓаните ќе си го кажат своето.
Се чини само на Зоран Заев во земјава не му е јасно дека е залудно да се очекува од Мицкоски оти ќе трча низ Републикава во пламен и ќе го гасне пожарот во кој неговите работодавци пеплосаа сè, од институции, па до перспективи на државава. Го кани да се качел на меѓународниот воз за Европа!? Каква Европа, какво меѓународни линии, не го интересира пусти Кико како да се качи, трча тој по металната композиција, се беси за кваката од затворената врата на вагонот во движење, нозете му се рендаат од камењата крај шините, барајќи начин како да ги симне браќата и братучедите Далтонови од локалниот шинобус што вози за Идризово.
Зошто садистички да го гледаме ова измачување? Зошто да сме безмилосни? Зошто да го убиваме бикот во коридата?
Ако граѓаните со пенкало се ослободија од режимот што една деценија ги силуваше, дајте им со пенкало да решат дали да ги ослободат силувачите или да ги остават да горат во пеколот на пожарите што ни ги подметнаа.
Се чини само на Зоран Заев во земјава не му е јасно дека е залудно да се очекува од Мицкоски оти ќе трча низ Републикава во пламен и ќе го гасне пожарот во кој неговите работодавци пеплосаа сè, од институции, па до перспективи на државава
Не само што на кутар Мицко ќе му олесни зашто тој нема да мора да води тајни дистописки преговори, туку сетете се каков камен од срце ќе падне и каква фешта ќе биде во вилата на Водно во кругот на семејството Иванови. Зашто неуспехот на двоецот Мицко-Каракамишева, топката ја префрла право во дворот на поглаварот на Хунзите во Македонија, великиот Хорхе, од кого ќе се очекува блиц-крик трансакција во последниот ден од преодниот рок со која ќе им овозможи на братучедите и нивните компањони да се вратат на политичкиот маркет како слободни играчи.
Ваквиот потфат на ослободување на Хорхе од таа обврска, покрај политичките и социјалните бенефити, може да биде и со поволни земјоделски реперкусии. Имено, не е исклучено, во наплив на радост од товарот отстранет од неговите плеќи и неограниченото слободно време што одеднаш ќе се создаде до крајот на мандатот, Хорхе, не само да присуствува и да ја посматра пасивно следната калинкијада, туку во еуфорија на радост и сам да го собере целиот род на калинки и да го посложи во гајби спремни за пласман на домашните и странските пазари.
Ма не, не само тоа, ќе ја испече целата валандовска ракија, ќе ги води лично турите со хималајски туристи во посета на Паљурци, па ако треба и лично ќе се фати за лопата и ќе го најде гробот на Александар. Само ослободете го човеков од обврската за амнестија и чуда ќе направи во преостанатите нецели десет месци од десетгодишното поглаварување со античката православна заедница во Македонија!
Да завршиме еднаш веќе со таа проклета амнестија и заради тие што ќе се „истакнат“ од новава елита на власт (веќе и не е толку нова, ама заглавени сме во времето). Чесно е да знаат луѓето за кој воз си купуваат билет денес денсајќи лудо и иновативно на песната „лав ми тендер“.