Религијата и короната: Господ нека ни е напомош!

И покрај невообичаената прослава на Велигден, како што се впрочем сите прослави во време на карантини и полициски часови, некои прашања останаа отворени. Зошто, на пример, Црквата, односно религиозните заедници се привилегирани наспроти останатите општествени дејности и институции?

Црковните храмови, наспроти „глувиот“ Велигден или токму поради него, за разлика од театрите, библиотеките, музеите, киносалите, училиштата, градинките, факултетите… беа и остануваат отворени.

Ако на Велигден немаше верници во црквите (иако, според она што можеше да се види на снимките, свештениците не беа ригорозни во сопствената заштита, чувањето дистанца и собирањето повеќе од пет луѓе на отворен простор), голем дел од нив се причестија во четвртокот, односно пред стапувањето на „празничниот“ полициски час, а нова тура носење бојадисани јајца и причеста се очекува веднаш по неговото завршување. Едноставно, тешко е да се објасни зошто собирањето во цркви, без оглед какви мерки и да се препорачани, е побезбедно отколку одење во библиотека, на пример?

Ако ги оставиме настрана приказните за исцелителските својства на црквите и за волшебното сребрено лажиче со кое се врши причест, тогаш ни останува објаснувањето на политичарите дека државата не смее да задира во верските слободи. А смее да задира во сите други слободи!

Веќе слушам како ми се објаснува дека во црквите (ќе) се почитуваат сите препораки на здравствените власти, па опасноста од зараза ќе биде минимална. Ајде да кажеме вака, и возрасните луѓе (ќе) ги почитуваат препораките на здравствените власти и опасноста од зараза ќе биде сведена на минимум, ама за нив, ете, се најавува полициски час до крајот на годината! Поттекстот е претпоставката дека возрасните се недисциплинирани, наспроти верниците кои се – дисциплинирани!

Зошто се тогаш затворени театрите? Да не заборавиме, верниците во црква пеат, се молат, мрморат молитви цело време, оставаат пари, љубат икони и крстови… Со еден збор, оставаат безброј од оние капки за кои се тврди дека се најголеми преносители на вирусот. Наспроти ова, театарската публика е тивка и дисциплинирана. Да, зошто не се отворени театрите, ете со почитување на сите мерки? Или музеите?

Едноставно, тешко е да се објасни зошто собирањето во цркви, без оглед какви мерки и да се препорачани, е побезбедно отколку одење во библиотека, на пример?

Верата, на крајот на краиштата, е индивидуално, да не кажеме интимно чувство што секој си го носи со себе. Со други зборови, не мора да се оди по храмови и светилишта за да се води крепостен живот во согласност со верата што ја практикувате.

Културата, уметноста, творештвото… од една страна имаат колективен белег, а од друга мораат да бидат видливи во формата во која се застапени. Културата е едно од главните обележја на една нација или држава, ако сакате. Таа го зазема најголемиот простор од колективниот идентитет. Никој не ги препознава Германците, Французите, Азерите, Англичаните… по нивните верски убедувања, туку по нивната култура.

Интересно е дека кога се затвораа образовните и културните институции, никој не го крена гласот. Творците, културните работници и нивната публика сфатија или поверуваа дека се работи за виша сила и дека тие мерки се неопходни. При блага напомена на затворање на црквите, веќе можеа да се слушнат лавина протестни гласови. Демек, верата во Бога е доволна за да нѐ заштити од сите зла, па и од корона вирусот.

Сепак, фактите говорат нешто друго.

Една од првите земји што дојде на удар на корона вирусот по Кина беше Исламската Република Иран, единствената шиитска земја во сунитско опкружување. Првиот случај на зараза во Иран е забележен на 21 февруари, и тоа по масовна молитва во џамија, во светиот град Ком. Набргу заразата се префрла во Техеран, а потоа и во другите делови на земјата.

Иако луѓето масовно почнаа да се разболуваат, клерот не се откажуваше од масовни собирања. Иранските власти ја сфатија сериозноста на ситуацијата дури кога како жртви на ковид-19 починаа Џафер Керими, претседавач на Советот за трактати и десна рака на шиитскиот водач Али Хамнеи, и генералот на Револуционерната гарда Хусеин Асадолахи, задолжен за преките судови и смртните пресуди на противниците на режимот, кој почина во телевизиска програма во живо.

Денес во Иран има над пет илјади починати, како последица на корона вирусот, но исламското свештенство сѐ уште ги држи џамиите отворени, верувајќи дека Алах е семоќен. Како резултат на тоа, илјадници шиитски аџии од Пакистан, Авганистан и од Ирак веќе го посетија Ком. Се претпоставува дека тие ја рашириле короната во своите земји.

Во меѓувреме, стотици Иранци починаа од труење од чист алкохол, направен во домашно производство, затоа што се расчуло дека овој алкохол, ако се испие, штити од корона вирусот.

За разлика од Иран, сунитските земји постапија порационално, па е откажан и традиционалниот аџилак во Мека. Во Турција се затворени сите џамии и медреси, освен кујните во кои се подготвуваат оброци за тие што изгубиле работа или се заболени.

Во Израел има над 13.000 заболени и преку 170 починати од корона вирусот. На Израелците им е дозволено да излегуваат од дома само до дуќан или на прошетка сто метри од домот. Меѓутоа ваквите мерки наидоа на остро противење меѓу ортодоксните Евреи, кои сочинуваат над половина од вкупниот број заболени, иако се само десет проценти од вкупното население.

Се смета дека заразата во оваа заедница експлодирала по масовна посета на погреб на еден нивни член што починал од корона. Но, се чини дека ни ова не било доволно предупредување. Кога медицинските екипи во Ерусалим, по налог на израелската влада, дошле да извршат масовно тестирање меѓу припадниците на оваа заедница, биле нападнати со камења, па израелската полиција морала да интервенира со солзавец.

Во црквите (ќе) се почитуваат сите препораки на здравствените власти, па опасноста од зараза ќе биде минимална. Ајде да кажеме вака, и возрасните луѓе (ќе) ги почитуваат препораките на здравствените власти и опасноста од зараза ќе биде сведена на минимум, ама за нив, ете, се најавува полициски час до крајот на годината!

Израелските власти ги заварија портите на синагогата Меа Шарим во Ерусалим за да го спречат масовното собирање на ортодоксните Евреи. Од друга страна, израелскиот министер за здравство, Јаков Лицман, кој и самиот припаѓа на оваа заедница, остро се спротивстави на идејата за воведување полициски час, велејќи дека „месијата ќе дојде и ќе нѐ спаси“. Полицискиот час е воведен пред десетина дена, за време на одбележувањето на празникот Пасха, а Лицман е во карантин и прима терапија за ковид-19.

Јужна Кореа, својата епидемија на ковид-19 ја должи на верската секта Сичеонџи, која брои над 200.000 членови. Водачот на оваа секта, самопрогласениот месија Ли Манџи ги убедуваше своите следбеници дека заразата е дело на ѓаволот, сѐ со цел да се спречи ширењето на неговата верска заедница.

Епидемијата во Јужна Кореја започнува во огранокот на Исусовата црква Сичеонџи во Тегу (вториот град по големина по Сеул), кога по службата, дури 1.200 луѓе се пожалиле дека чувствуваат симптоми слични на грип. Денес Јужна Кореја има над десет илјади заболени, од кои повеќе од половината се врзуваат за оваа секта. Пред извесно време, Ли Манџи му се извини на корејскиот народ за ширењето на заразата.

Иако постојат разлики, во католичкиот свет и меѓу протестантите, црквите се главно затворени и верниците се упатуваат на онлајн-миси и служби. Велигденските церемонии беа забранети. Сепак, Италија, една од најпогодените земји во светот, и покрај целосниот карантин ги остави црквите отворени, каде што верниците можат поединечно да дојдат, иако тамошните авторитети тврдат дека короната се пренела меѓу верниците токму поради нивното присуство на службите на почетокот на епидемијата. Близу сто свештеници починаа од ковид-19, само на северот на Италија.

На 30 март е објавена веста дека во еден манастир во Меѓугорје, хиперпопуларното место за аџилак меѓу католиците, не само од регионот, туку и од светот, од ковид-19 се заразени двајца свештеници и три калуѓерки. Според зборовите на еден од заразените, фра Томислав Перван, првозаразената калуѓерка се вратила од Италија на 6 март. Прашање е колку верници го посетиле манастирот во тие две седмици додека се открила болеста.

На тој ист 30 март, Српската православна црква соопшти дека од последиците на ковид-19 починал епископот ваљевски, владиката Милутин (1949). Повеќето православни цркви го имаат забележано ковид-19 меѓу своето свештенство, но тоа не ги спречува и натаму да ја заговараат лековитоста на молитвите и причеста. На тој начин, директно или индиректно ги повикуваат верниците масовно да ги посетуваат храмовите.

Тука не е на одмет да ја цитираме Сузан Хешел, професорката по еврејски студии на колеџот Дартмут, која вели дека некои веруваат дека „ние некако управуваме со Бога, па ако во голем број се молиме во црква, џамија или синагога, со тоа ќе ја окончаме епидемијата.“

А ние? Нас нѐ чека денот по полицискиот час. И Господ нека ни е напомош.