Кога уште не беше спласната нервозата со Ванчо Михајлов, стигна барем утешна вест. По два месеца потрага, најден е споменикот на Ќосето, а граѓаните ќе се изјаснеле дали тој повторно ќе биде поставен.
Не е јасно зошто скопските власти потрошиле цели два месеца во потрага по овој споменик, кога уште на 22 март 2018 година, Градот објави дека тој е однесен во магацин, во Металски завод Тито.
Тој куп бронза никогаш не бил изгубен. За разлика од Ќосето и од неупатените во неговата биографија.
Па, повелете, вратете го во центарот на Скопје. Потоа пак „Цацко“ ќе ни биде крив, кога ќе ни ги истопорат документите, каде што тој се изјаснува како Бугарин
Кај нас ретко што функционира, ама генераторот на заблуди секогаш е во топ форма. Македонија има што и кого да слави, но личност како Ќосето сигурно не спаѓа во тој ред. Тој што сака да ја најде вистината за него, не треба да оди во магацин, туку да се запознае со неговото дело, чија круна е дека „се сметал за Македонец, само територијално“. Етнички се изјаснувал како Бугарин. Во Бугарија живеел, во Бугарија и починал на 98-годишна возраст. Можеби ќе доживеел и подлабока старост, да не му се случела незгода додека одел на лозје – врз него се урнала стара камена ограда при што добил бројни скршеници, па последните денови пред смртта ги поминал во гипсено корито, во куќата на улицата Одрин во Благоевград.
Овој самодеклариран Бугарин од Велешко ни во Бугарија не добил ловорики какви што доби овде. Причините не се непознати: неговиот придонес во револуционерната борба бил сведен на елиминации и изнуди на пари за организацијата, ама често без нејзино знаење. Тој навистина бил во контакт со иконите на револуционерната борба, но не припаѓал на тој ред. Ѝ пристапил на ВМРО во тешко време, кога не се пребирало кој може да помогне. Некогаш овчар, па пајтонџија, па касап, се фатил за оружје и главно се потврдил како касап – на луѓе! Убивал противници на организацијата, ама и нејзини луѓе. Го убил и сопствениот брат Никола. Наредил да го облечат во нова облека, му дал три лири божем за да ѝ ги однесе на мајка им во Велес, го наместил, за да му пресуди.
„За еден човек ли да жалиме дека се изгубил?“, рекол по убиството на родениот брат.
Во „револуционерната кариера“ стигнал да убие и речиси цело село. Бил необразован, а неговите „идеали“ се сведувале на насилство, не само кон поробувачите, туку во голема мера и кон Македонците. Ако немале да му дадат пари колку што често барал на своја рака, а божем во името на организацијата, ги прогласувал за непријатели, им киднапирал членови на семејствата, им пресудувал по брза постапка.
Во 1943 година побарал пензија од бугарската држава, врз основа на бугарскиот Закон за доделување народни пензии на особено заслужни дејци во ослободителни борби. Во барањето навел дека „никогаш не пројавувал противбугарски и противдржавни чувства или дејност“.
Неговите внуци – пензионираниот воен службеник Антониј Ќосев (крстен по дедо му Андон Ќосето), и неговата сестра Маријана Маринова, раководителка за научни и изложбени активности во Регионалниот историски музеј во Софија, го искористија отстранувањето на споменикот во Скопје, за во Бугарија да го оживеат споменот на нивниот дедо.
Македонија има што и кого да слави, но личност како Ќосето сигурно не спаѓа во тој ред
Антониј за бугарските медиуми раскажуваше дека го памтел дедо му по две нешта: дека никогаш не рекол „јас сум Македонец”, туку секогаш изјавувал „јас сум Бугарин“. Друго што му останало во сеќавање, е дека „Ќосето не го почитувал Јане Сандански бидејќи го сметал за момче со груби манири, а она што многу го нервирало Ќосето е тоа што Јане имал ретки предни заби, па плукал кога зборувал“. Каков „револуционерен“ проблем!
И токму внуците на Ќосето изјавуваа дека „споменикот во Скопје нема ништо заедничко со реалната слика за нивниот дедо, дека споменикот е грд и без никаква естетска вредност“.
Плукаа по споменик, каков што Бугарија никогаш не ни помислила да му подигне. Кажаа дека тој е Бугарин. Ама нам тоа ништо не ни значи. Ние сме неуништиви како пиреј во одамна усвоената пракса – да ги повторуваме истите глупости и грешки.
Па, повелете, вратете го во центарот на Скопје. Потоа пак „Цацко“ ќе ни биде крив, кога ќе ни ги истопорат документите, каде што тој се изјаснува како Бугарин. Поканете му ги потомците да ја пресечат лентата. И внимавајте – тие што имаат ретки заби нека не се доближуваат премногу до споменикот на Ќосето, за да не го плукаат кога во еуфорија ќе зборуваат пофално за него. Тоа е најмалку што може да направиме, кога веќе знаеме што го нервирало.