Двата паралелни пропалестински протеста што се одржаа во Скопје, нивната слаба посетеност, благодарноста на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кон Македонија за нејзината наводна поддршка на неговата земја, отворената поддршка на ВМРО-ДПМНЕ на воените дејствија на Израел во Појасот Газа – тоа се координатите на нашата збунетост, да не кажам незнаење за она што во моментов се случува во светот.
Наспроти неснаоѓањето на Македонија во нејзиното позиционирање на светската мапа, токму овие два паралелни протеста, на некој начин, можат да се оценат како потег во вистинската насока. Имено, и покрај нефункционалноста, некоординираноста и спротивставените мотиви, тие, сепак, покажуваат дека македонското граѓанство не сосема и не е целосно анастезирано од она што се случува „некаде таму далеку“.
Основната придобивка на студентските демонстрации од ’68 година, а со самото тоа и на Влада Револуција, е токму тоа – правото на протест
Иако навидум немаат некоја корелација, овие протести ме потсетија на една вест од пред десетина дена, која помина сосема незабележано во овдешните медиуми, а тоа е веста за смртта на Владимир Мијановиќ, фамозниот Влада Револуција, еден од денес веќе митските лидери на студентското движење во време на студентските демонстрации 1968 година.
Факт е дека тука останаа малкумина, не на кои им значи или им значело името на Влада Револуција, туку малкумина кои воопшто се сеќаваат и знаат нешто за таа ’68 година. Имено, 1968 не е обична година, таа не почнува на 1 јануари и завршува на 31 декември. Тоа е парадигматична година која може да се спореди со 1914, 1918, 1941, 1945, со 1991. А, сепак, никој не ја изучува, ја нема во историските читанки и учебници, дури нема ни многу публицистичка литература за неа.
Таа година беше Прашката пролет во Чехословачка, односно неуспешниот обид да се изгради социјализам со човечки лик. Тоа беше преломната точка, која покажа дека социјализмот не може да се менува однатре и како таков е осуден на пропаст. Таа година се одржаа Олимписките игри во Мексико, кои не беа обележани само со постигнувањето на најголемиот број светски рекорди до тогаш, туку и со протестниот поздрав на американските црни атлетичари во знак на борбата за еднаквост и права во САД.
Но, она што најмногу ја обележи таа година, секако беа студентските демонстрации што се случија ширум светот. Преку акутниот судир на генерации, тогашните млади не покажаа само грижа за сопствените услови и сопствениот стандард, туку, преку новата левица, покажаа нов пристап кон водење на целото општество.
Тие не се залагаа само за мирно решавање на војната во Виетнам или против нуклеарното вооружување, туку воведуваа цела една нова филозофија на живеење, базирана на принципот на комуни, на целосна рамноправност и слободна размена на идеи.
Сакале ние тоа да го признаеме или не, Југославија тогаш беше дел од светот. Уште во 1966 година се организираа протести против војната во Виетнам. Имаше протести за убиството на Патрис Лумумба. Против сите неправди во светот.
Студентските протести, најмасовни во Белград, Загреб и во Сараево беа првиот посериозен бунт против режимот на Јосип Броз Тито. Тие не беа насочени против социјализмот како таков, туку против неговите малформации. Главните барања беа за намалување на социјалните разлики, обезвластување на гломазната бирократија, вклучување на младите во процесот на одлучување итн. Главната парола беше „Долу црвената буржоазија“, што подоцна ќе се сфати како борба против големата стопанска реформа, која подразбираше либерализација на планското стопанство (еден од нејзините главни креатори беше Киро Глигоров, тогаш потпретседател на Извршниот совет, односно на Владата на СФРЈ).
По жестоката полициска репресија, демонстрациите се прекинати со славното обраќање на Тито до нацијата, во кое вели дека студентите се во право и дека 90 проценти од нив се чесни, а останатите се непријатели на социјализмот. Тогаш настанаа оние славни флоскули за некои што фрлаат „клипови во нашите тркала“ и дека треба „да се исчисти житото од каколот“.
Се разбира дека како „уфрлени елементи“ беа препознаени студентските водачи и нивните професори што ги поддржуваа. И иако Тито, како услов за прекин на протестите, прифати дека никој нема да трпи последици за учеството во нив, набргу професорите останаа без работа, а студентските лидери завршија по затвори.
Со заминувањето на Влада Револуција, последниот револуционерен ентузијаст, се чини дека си замина и самата револуција
Меѓу нив, се разбира, и Влада Револуција, кои по две последователни затворски казни во 1986 година успева да замине во САД. Таму работи како занаетчија, таксист и било што му се нуди… и протестира: за правда, за човекови права и за сето она за што мисли дека треба да протестира. По две децении, во 2006 се враќа во Белград. И протестира: против деложација на семејствата, за еколошките проблеми и против секоја неправда. Протестира речиси сѐ до крајот на својот живот.
Основната придобивка на студентските демонстрации од ’68 година, а со самото тоа и на Влада Револуција, е токму тоа – правото на протест. Од тогаш, па до сега, правото на протест е загарантирано. И од тогаш, па до сега, полицијата никогаш не применила толку непримерна сила врз протестирачите.
Се разбира, сѐ до режимот на Груевски и она тепање на студентите по библиотеките. Но, сепак, правото на мислење е неприкосновено и суверено. Да не беа студентските демонстрации и Влада Револуција, денес немаше да ги имаме ни протестите за палестинскиот народ. Дури и два паралелни.
Револуцијата нема ни почеток ни крај, таа е вечен процес, велеше Владимир Мијановиќ. Денес времето е сосема поинакво. Денес државите излезени од таа Југославија се сосема поинакви. Денес, едноставно, не сме дел од светот и не нѐ интересира светската правда.
Со заминувањето на Влада Револуција, последниот револуционерен ентузијаст, се чини дека си замина и самата револуција. И покрај пропалестинските протести.