Неразбирливо е зошто владата нема слух за ставот на директорот на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски? Тој, во писмо до Илинденска број 2, прецизно објаснил зошто 35-те кадри (некогаш примени според принципот на соодветна правична застапеност), сега распределени во институцијата што ја предводи, не ги исполнуваат условите за пополнување на потребните работни позиции.
Ако не се квалификувани за позицијата инспектори, тогаш не му требаат административци што ќе седат во канцеларија и повторно ќе земаат плата без да работат. Дотолку повеќе, што самиот тврди дека во 2018 затекнал 305 вработени, од кои 97 биле инспектори, а сега Инспекторатот брои 247 вработени, од кои 178 инспектори.
Овој тест нуди несогледлив аналитички и полемички потенцијал. Некои дамката ќе ја толкуваат како слика што потсетува исклучиво на стручни, неопходни и квалификувани фигури, други на сѐ што е спротивно од тоа.
Зошто не се почитуваат напорите што на микроплан ги направил еден директор во полза на суштинските потреби на Инспекторатот, особено ако со години се говори за реформа на јавната администрација, која никако да почне. Тој барем се обидел да направи попристоен баланс.
Второ, зошто институциите треба да се прилагодуваат на местата на живеење и желбите на распоредените рамковно вработени, а не обратно – кадрите да се распоредуваат според потребите на институциите?
Трето, кому му е потребен лажен привид за решавање на проблемот со лицата кои со години седеа дома, а земаа плата, ако целиот процес е замислен како префрлање од шупливо во празно. Ако во многу случаи, кадрите ги немаат потребните квалификации, тогаш и нивното формално вдомување во некоја канцеларија нема да резултира со никаква додадена вредност во работниот процес на институцијата.
Ставот дека рамковните административци нема да бидат оптоварување за ниту една од институциите, бидејќи државата веќе има обезбедено финансиски средства за нивните плати, е врв на цинизам. Демек, и онака ги плаќаме, па што е важно каде ќе бидат вдомени и дали нешто ќе работат.
Прашањето е зошто воопшто биле вработувани кадри без квалификации, што нѐ враќа на жешката тема во која се вкрстуваат три прашања – проблемите со клиентелизмот, потребата од нужни реформи и вработувања според мерит систем, дури и кога станува збор за позитивна дискриминација при вработувањето.
Кога министерот за информатичко општество и администрација вели дека не мора сите да бидат инспектори и дека некои од нив може да работат и во администрација, мисли на бројни канцеларии во многу институции кои веќе преполни со исти такви кадри, припадници на армијата партиски ухлебувани лица во изминатите три децении, од типот „одам на работа, не знам што работам“. Но, таквата практика требаше да се менува, а не да станува солидна платформа за кратко памтење и долгорочни грешки.
Начинот на кој се вршеа вработувањата според потпрограмата К5 – соодветна и правична застапеност на заедниците, одамна предизвикува контроверзии. Уште во 2008 година, Државниот завод за ревизија ѝ даде препорака на владата да го задолжи Министерството за финансии, согласностите за нови вработувања да ги дава по целосно исполнување на процедурите по потпрограмата К5, пропишани во законската регулатива. Наодите на ДЗР беа дека „органите во кои лицата се распределени не исполнуваат основни формално правни услови, односно немаат систематизирани работни места, а во некои нема обезбедено просторни услови. Поради ограничени просторни услови, дел од нововработените државни службеници не можат физички да присуствуваат на работното место, а наведените слабости предизвикуваат исплата на плата за неизвршена задача“.
Ставот дека рамковните административци нема да бидат оптоварување за ниту една од институциите, бидејќи државата веќе има обезбедено финансиски средства за нивните плати, е врв на цинизам. Демек, и онака ги плаќаме, па што е важно каде ќе бидат вдомени и дали нешто ќе работат
Сега, дали Стојко Пауновски треба да биде повикан „да не води јавна војна преку медиумите“, или треба да бидат повикани на одговорност сите што во изминатите години вработувале без да има систематизирани работни места?
Како ќе се воведе ред во тоа административно ел дорадо? Со декрет сигурно не. Пауновски прифаќа да биде разрешен, но не и да ги потпише решенијата за вработување на тие лица. Ќе видиме дали ќе опстои на ветувањето, или ќе сведочиме на толкување нови Роршахови дамки. Тоа се оние познати слики од разлеани дамки од мастило, чие толкување во еден период беше предмет на популарен психолошки тест (наречен според швајцарскиот психијатар Херман Роршах).
Овој тест нуди несогледлив аналитички и полемички потенцијал. Некои дамката ќе ја толкуваат како слика што потсетува исклучиво на стручни, неопходни и квалификувани фигури, други на сѐ што е спротивно од тоа.
Не е тешко да се претпостави кој може да биде „психоаналитичарот“ што ќе одреди кој точно ги протолкувал фигурите од дамката. Но, ќе мора да го прифати и ризикот сите вакви и слични дамки да (о)станат главен симбол за неговата арбитрарност. А тие дамки најтешко се чистат.