Регион

БиХ: Осудени за воени злосторства се именуваат на јавни функции

Ваквата ситуација предизвикува страв кај жртвите на војната и го поткопува владеењето на правото

Деталите за злосторствата на Благоје Симиќ, босански Србин, политичар во општината Босански Шамац, извршени за време на војната во Босна и Херцеговина, се јасно изнесени во пресудата што му ја изрече Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) ) во Хаг.

Симиќ беше осуден на 15 години затвор, за помагање и поттикнување на прогон на цивили од несрпска националност, во Босански Шамац, во 1992 и 1993 година. МКТЈ наведе дека цивилите биле нелегално апсени, затварани во нехумани услови во објекти за притвор и принудувани на присилна работа.

По издржувањето на казната, тој се врати во Босански Шамац, каде, во 2017 година, беше назначен за директор на здравствениот дом.

Истражувачот, Хикмет Карчиќ, во публикацијата „Почитување на незаконските наредби: континуитет на персоналот вклучен во човековите права, повреди и нивното влијание врз реформите во Босна и Херцеговина“, го зема како пример случајот на Благоје Симиќ.

Во публикацијата, Каричиќ наведува дека неколку лица, осудени за воени злосторства, по издржувањето на казната, се вработиле во јавните институции во БиХ.

„Неказнивоста на овие државни службеници – обични бирократи во општините и полициските станици – има штетни ефекти врз владеењето на правото во локалните заедници“, истакнува тој.

Окружниот суд во Добој двапати го поништи назначувањето на Симиќ, поради недостиг на докази за претходна неосудуваност.

Од досега осудените од страна на Хашкиот трибунал, за злосторства извршени во БиХ, најмалку 41 лице веќе е ослободено од затвор. Уште 68 лица, осудени за воени злосторства од Судот на БиХ, ја издржаа казната.

Симо Зариќ, кој, исто така, беше осуден од Хашкиот трибунал, заедно со Благоје Симиќ, веќе се наоѓа на слобода. По излегувањето од затвор, во 2008 година, Зариќ беше избран за заменик градоначалник на Босански Шамац.

Хашкиот трибунал го осуди Зариќ на шест години затвор, за злосторства против човештвото во Босански Шамац, кои вклучуваа нехуман третман, тортура и тепање на цивилни затвореници од несрпска националност.

„Иако тој лично не ги тепал затворениците, како исклучително ангажирана и почитувана личност во општествениот и културниот живот на Босански Шамац, тој ги охрабрил и им пружал морална поддршка на оние што го правеле тоа“, се вели во неговата пресуда.

Заради војната, бројот на несрпско население во општината Босански Шамац, драматично опадна, и денес во неа живее мнозинско српско население.

По изборите за заменик градоначалник, Зариќ вети дека ќе работи „во интерес на сите граѓани на оваа општина“.

„Неказнивоста испраќа опасна порака“

Фикрет Абдиќ. Фото: Н1 ТВ.

Во БиХ, нема законски пречки, лицата осудени за воени злосторства, да работат во јавни служби или во државната администрација.

Така, во политиката се врати и Бранко Грујиќ, кој, пред судот во Белград, беше осуден на шест години за злосторства во Зворник. Тој учествуваше на изборите во 2012 година, како кандидат на Српската демократска партија.

Грујиќ, во тоа време, за БИРН изјави дека тој бил делумно мотивиран да се врати во политиката, поради потребата да им го исплати на српските власти долгот од 30.000 евра, за адвокатот кој го бранел по службена должност.

„ Бидејќи како заменик би добивал плата, принуден сум да се кандидирам. Инаку, би се повлекол“, рече Грујиќ.

За време на војната во БиХ, Грујиќ беше претседател на привремената влада на таканаречената српска општина Зворник, каде што повеќе од 900 Бошњаци од неколку села во близина на Зворник, биле затворени во притворски центри.

Грујиќ беше прогласен за виновен за протерување на над 1.600 Бошњаци од селото Козлук на територија контролирана од босанската армија, иако тој вели дека не сторил ништо лошо и дека „секој граѓанин на Зворник, било да е Србин или муслиман, знае дека без причина бил во затвор“.

Мевлудин Лупиќ, Бошњак, кој сведочеше на судењето во Грујиќ, смета дека е фрустрирачки што на осуденик за воени злосторства му е дозволено повторно да се бави со политика и што тој „повторно ќе има можност да донесува одлуки за сè што се случува во општина Зворник“, како што тоа го правеше за време на етничкото чистење во 1992 година, нагласи Лупиќ.

Минатата година, Фикрет Абдиќ, осуденик за воени злосторства, кој беше ослободен по издржувањето на казната, беше реизбран за градоначалник на Велика Кладуша.

Абдиќ (81), кој помина десет години во затвор, откако во Хрватска беше осуден за воени злосторства извршени над Бошњаци, беше ослободен од затвор во 2012 година, а во 2016 година за прв пат беше избран за градоначалник.

За време на војната, тој стана противник на Владата во Сараево и ја формираше Автономната покраина Западна Босна, АПЗБ.

Додека беше на нејзино чело, Абдиќ се бореше против Бошњаците лојални на власта во Сараево и соработуваше со српските и хрватските сили.  Во АПЗБ беа формирани неколку логори во кои бea извршени воени злосторства врз притворени припадници на босанската армија.

Пред војната, Абдиќ беше директор на фирмата Агрокомерц, со седиште во Велика Кладуша, која вработуваше 13.000 лица и беше една од најуспешните земјоделски компании во поранешна Југославија. Поради успехот во бизнисот, Абдиќ уживаше силна локална поддршка.

Кога за првпат беше избран за градоначалник во 2016 година, другите градоначалници од Унско-Санскиот Кантон (УНК), во знак на протест, ја напуштија церемонијата на доделување на мандатите.

Градоначалникот на Кључ, Неџад Зукановиќ, во таа пригода изјави дека тие ја напуштиле церемонијата, бидејќи со овој чин сакале да испратат јасна порака дека воените злосторници не можат да бидат избрани за градоначалници. „Не сакаме да седиме во иста сала со воени злосторници“, додаде тој.

Поранешниот судија, Вехид Шехиќ, објаснува дека по издржувањето на казната, на поранешните осудени лица им се враќаат сите граѓански права, бидејќи никаде не е изречена мерка што им забранува да се занимаваат со политика или каква било друга јавна функција.

„Дури и законот вели оти лице осомничено за воени злосторства, дури и она што доброволно ќе му се предаде на Хашкиот трибунал, може да учествува на избори“, вели Шехиќ.

Минатата година, Денис Беќиревиќ, од Социјалдемократската партија (СДП), поднесе иницијатива за промена на законското решение, но делегатите на Домот на народите на парламентот на БиХ, одбија да ја усвојат.

Карчиќ нагласува дека тоа што им се дозволува на ослободени воени злосторници и лица обвинети за воени злосторства, да бидат кандидати за јавни функции, „има сериозно влијание врз политичките реформи“ во БиХ.

„Овие мрежи на поранешни службеници на локално ниво, имаат можност да влијаат на реформските процеси, особено во поглед на воените злосторства и организираниот криминал“, вели тој.

Карчиќ сугерира дека поради континуираното присуство на сторителите на воени злосторства на јавните функции, бегалците не сакаат да се вратат во домовите што ги напуштиле за време на конфликтот 1992-1995.

„Ова е особено точно, кога овие сторители се вработени во локалните полициски сили и оттука се, наводно, одговорни за заштита на луѓето, кои до неодамна беа нивна цел“, пишува тој.

„Само учесници во геноцидот во Сребреница денес сочинуваат алармантни 800 активни полицајци (во Босна и Херцеговина). Неказнивоста што им се пружа на овие полицајци и други сторители, поради нивната улога во секторот на граѓанското општество, испраќа опасна порака до другите, дека злосторството е исплатливо“, предупредува тој.