Фотографии од кафе-дружбите на одредени лидери меѓу сесиите на Самитот на Европската политичка заедница, ги потврдија старо-новите политички групирања и инклинации, кои само го реактуелизираат прашањето колку ЕПЗ е идеолошки кохерентна. Но, дури и без тие фотографии, не ќе беше тешко да се погоди кое друштво би било собрано околу Орбан, кое околу Макрон, Шолц или некој друг.
Мицкоски на маргините на самитот се сретна со лидери од сите бои на политичкиот спектар. Каква било „кремљолошка анализа“, вообичаена за вакви прилики – штом седел преку едно место до грчкиот колега Мицотакис (по азбучен ред според презимето), дали барем се ракувале, и овојпат е во сенка на тоа како тој ја именувал државата што ја претставува.
Но, броењето колку пати рекол Македонија дефинитивно е завршено. Ако до вчера го критикуваа за селективност – дека уставното име го користи пред светските лидери (како што изјави Мицотакис во Вашингтон), а дома само „Македонија“, таа дистинкција повеќе не важи.
Според медиуми блиски до владејачката Нова Демократија, ставот на Мицкоски сега бил сосема предвидлив – имал тенденција да го исчезне уставното име. Како доказ ги посочуваат неговите билатерални средби на маргините на Самитот на ЕПЗ, на кои земјата ја именувал исклучиво како „Македонија“, а тоа го правел на видлив начин, преку неговите профили на социјалните мрежи.
Поради фактот што останал целосно рамнодушен на предупредувањата што му биле упатени од Атина, на Мицкоски не му прогнозираат пријатна есен на ниво на ЕУ. Не само поради непопустливиот однос кон Атина, туку и поради резигнација кај други членки поради блиските односи на Скопје со Будимпешта.
Скокнаа „акциите“
Унгарија е членка на ЕУ, а секое незадоволство на други членки од политиките на Орбан, е пред сѐ, прашање на Унијата, поточно на долгогодишното мижење пред Орбановите илиберални политики, со што му дозволија да стане нејзиниот најпознат enfant terrible.
Но, во моменти на соседска нервоза, како да се заборава дека и покрај добрите врски со Будимпешта, Мицкоски ама баш никако не може да им конкурира, на пример, на односите меѓу Вучиќ и Орбан. Заради таа врска многупати му го „триеле“ носот на Вучиќ, секогаш кога тоа и одгворало на ЕУ или на нејзини моќни членки.
Како што по руската агресија во Украина пораснаа „акциите“ на земјите покрај Црно Море (Бугарија тоа максимално го искористи), така сега и на Србија и пораснаа акциите благодарејќи на домашните ресурси од критични суровини, пред сѐ на литиум
Но, има моменти кога тоа едноставно се заборава. Кој денес би говорел за дружбата на Орбан и Вучиќ, за (не)усогласеноста на Србија со санкциите на ЕУ кон Русија, за фрагилноста на демократските стандарди во земјата, за сметката што Белград треба да ја положи за настаните во Бањска, за нормализација на односите со Приштина, или за тешките зборови што од српски политичари беа упатени на адреса на Берлин по иницирањето на резолуцијата за Сребреница.
Како што по руската агресија во Украина пораснаа „акциите“ на земјите покрај Црно Море (Бугарија тоа максимално го искористи), така сега и на Србија и пораснаа акциите благодарејќи на домашните ресурси од критични суровини, пред сѐ на литиум.
Тамошната опозиција стравува дека владеењето на правото, демократијата, медиумските слободи, потребата од дијалог со опозицијата – сѐ што некогаш беше дел од нивните критики и долгиот список европски забелешки за Белград, сега е во сенка на Меморандумот за разбирање за стратешко партнерство за одржливи суровини, синџири за производство на батерии и електрични возила, што го потпишаа Европската Унија и Србија во Белград.
Поделба на ресорите
Ако ваков тип „рударење“ доведе до релативизирање на критериумите и принципите, ако интересите станат поголеми од прокламираните ЕУ-вредности, не само што ќе биде сѐ потешко на некои земји кандидати да им се објасни за флексибилноста и различноста на условите што стојат на патот пред нив, туку ќе бидат целосно обесхрабени да веруваат во каков било фер процес.
На Македонија, која по истрискиот Договор од Преспа беше „наградена“ со неколку вета, многу добро и е познато тоа. Нема нешто што може да ја изненади, па дури ни ако при поделбата на ресорите во Брисел „проширувањето“ го добие некој од соседите.
Ако интересите станат поголеми од прокламираните ЕУ-вредности, не само што ќе биде сѐ потешко на некои земји кандидати да им се објасни за флексибилноста и различноста на условите што стојат на патот пред нив, туку ќе бидат целосно обесхрабени да веруваат во каков било фер процес
Имено, Грција веќе смета дека ќе биде во многу поволна позиција при таа распределба, особено по реизборот на Урсула фон дер Лајен за претседателка на ЕК, имајќи ја предвид токму улогата што ја имал грчкиот премиер Мицотакис за нејзиниот пат до втор мандат, кој заедно со неговиот полски колега Доналд Туск ја потпишаа нејзината кандидатура во ЕПП.
Атина ќе бара „важен ресор“, но од голем интерес за земјата го смета и „проширувањето“, со оглед што во голема мера се однесува на соседни земји.
Таков евентуален епилог, би значел отворена „дозвола од ЕУ“ за натамошна билатеризација на интеграцискиот процес (со Софија и Атина). Тоа нема да и остави друг избор на земјата, освен да ја стави на „hold“ интеграциска страница, да ги турка внатрешните реформи и да се надева дека можеби еден ден во пазувите на земјата ќе пронајде литиум или некоја друга критична суровина.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија