Не е првпат историчарот Кирил Топалов, кој е и член на заедничката Историска комисија, со фрлање прав да избегнува одговор на потешките прашања. Да си историчар, а да „не знаеш“ зошто царот Борис Трети е неприфатлив за Македонците, да кажуваш дека тој бил цар обединител, а воопшто да не спомнеш дека му служел на Третиот рајх, тогаш – што останува од професионалниот кредибилитет? Ништо.
И како по правило, во секоја ситуација кога се бега од конкретен одговор, следува еден ист, излитен рефрен, каков што не е првпат да изговори Топалов: „Кога се разговара со Скопје, не треба да се заборава дека се разговара со Белград и оттаму со Москва“.
Подметнувањата се исти. Крштеваат бугарски клубови со неприфатливи имиња за Македонците, за потоа да се жалат на нетолерантност, неевропејство, говор на омраза, зависност од политиката на Кремљ…
И мислат дека со тие „куршуми“ си обезбедиле врвен доказ за нивната „евроатлантска“ исправност, наспроти нашата „сомнителна ориентација“.
Подметнувањата се исти. Крштеваат бугарски клубови со неприфатливи имиња за Македонците, за потоа да се жалат на нетолерантност, неевропејство, говор на омраза, зависност од политиката на Кремљ
Во тој стил деновиве, главна меѓупартиска дебата беше – дали треба да биде поканета руската амбасадорка Елеонора Митрофанова на свечената седница на новото 48. бугарско собрание.
Не дека тоа не е тема за релевантна политичка одлука, ама деталите од тие епизоди меѓу партиите на бугарската сцена добиваат и комични призвуци. Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, дури и објави дека нивната парламентарна група нема да учествува на седницата, ако таму биде присутна руската амбасадорка.
Од ваквата „храброст“ изненадени се само тие, кои, како што не памтат чиј партнер бил царот Борис Трети, така и не паметат со каква емотивност и радост Бојко Борисов му подаруваше кутренце на Владимир Путин пред десетина години. Ќе ја оставам настрана симболиката на подарокот за „вечна верност“ и ќе се задржам на денешното ретуширање на настанот.
Во тоа време, кутрето Бафи набргу се најде и на популарен календар со Путин и со години беше симбол на топлата врска на Софија со Кремљ. Дури и времето до следната тет а тет средба на Борисов со Путин се мереше преку годините на Бафи: имено, таа се случи кога кучето наполни осум години.
Оттогаш до денес – сцената на кучето предадено во прегратката на Путин, двапати е насликана во масло на платно.
Ама нештата се менуваат, спомените „бледнеат“ соодветно со геополитичките маневри, па годинава Борисов тврдеше дека тоа не бил планиран подарок. Наводно, Путин сам се распрашувал за автохтона раса и во таа пригода Борисов му покажал едно (каракачански овчар). Ама кога видел како кутрето само се фрлило пред нозете на тогашниот руски премиер, решил да му го даде, но под услов Путин да вети дека ќе се грижи за него.
По неколку дена дури и се јавил во Москва, со шеговито предупредување: „Немојте сега да го распарате и да барате чипови во него“, раскажуваше годинава Борисов, обидувајќи сѐ да го релативизира подарокот.
Она што Борисов не ќе може да го релативизира, е изградбата на гасоводот „Турски поток“ низ Бугарија, со што за потребите на Кремљ беше дадена можност доставата на гас да ја заобиколи Украина. А за тоа беа потрошени над 3 милијарди лева, пари на бугарските даночни обврзници.
Меѓу нив, секако и на даночниот обврзник Кирил Топалов. За да не се мачи да одбира зборови со кои ќе ја етикетира Македонија како српско-руска екстензија, нека прошета низ центарот на Софија, за да види со каква армија од „евроатлантски“ јунаци ќе се сретне на таа „расхотка“.
Како што ја опиша еден бугарски политиколог, таа улична номенклатура, која наликува на руски лавиринт, изгледа вака: Тргнуваш од „Пирогов“, поминуваш по „Тотлебен“, ја сечеш „Скобелев“ кај „Рускиот споменик“, продолжуваш по „Алабин“ и треба да решиш дали ќе одиш по „Гурко“, или по „Граф Игнатиев“. На лево останува „Аксаков“, на десно „Паренсов“, а пред тебе е споменикот на Советската армија.
Со ваков руски вез на градите на евроатлантска Софија, со сите руски споменични и именични присуства со децениски стаж, како виц звучи битката за (не)присуство на Митрофанова во парламентот
Оттаму може да се тргне по улицата „Царот ослободител“ посветена на рускиот цар Александар Втори, потоа да се помине покрај неговиот споменик, а и следното на хоризонтот пак е руско: од лево е Руската црква („Свети Николај Чудотворец“), од десно – патријаршиската катедрала „Св. Александар Невски“ и истоимениот плоштад (името е израз на благодарност на Бугарите кон Русија и само накратко во периодот меѓу 1916 и 1920, црквата била преименувана во „Св. Свети Кирил и Методиј“, но во 1920 година повторно било вратено старото име).
Значи, поминуваш преку плоштадот „Св. Александар Невски“ и го гледаш Градското собрание на улицата „Московска“. Минуваш по неа, покрај поранешните канцеларии на ЕУ, се спушташ по скалите и каде си? На „Дондуков“. „Дондуков“ е повеќе од име на улица, крстена по руски офицер. „Дондуков 1“ до денес е одомаќинет синоним за Владата, а „Дондуков 2“ за претседателската институција.
Ако е тоа малку, може да се прошета и по Столетов, Калитин, Сахаров…
Со ваков руски вез на градите на евроатлантска Софија, со сите руски споменични и именични присуства со децениски стаж, како виц звучи битката за (не)присуство на Митрофанова во парламентот.
Иста магла се продава и по провокацијата со името Цар Борис Трети. Го толкуваат како обид за кршење на правата на Бугарите, а не како протест поради името на клубот.
А службениот министер за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков оцени дека и по 5 години од формирањето на Комисијата за историски прашања, нејзината работа останала во средниот век, во буквална и во фигуративна смисла.
Ова би имало смисла само доколку постои свест колку се „современи“ – во буквална и во фигуративна смисла – постапките, условите и политиките на земјата од каде што доаѓаат ваквите оценки.
Сѐ друго е продавање магла на „Дондуков“. И на 1 и на 2.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија