За десетина дена пратениците ќе заминат на одмор. Не дека многу се изморија, напротив. Со нетрпение ја очекувам новата публикација „Мојот пратеник“ со сумирани податоци колку седници одржале и колку биле присутни. Не дека се отсутни. Таму се, си пијат кафенце, се шетаат низ коридорите на парламентот, штанцаат амандмани, се препукуваат, се надмудруваат и згора не сѐ веруваат дека се интересни и продуктивни.
Што имаат граѓаните од тоа? Ништо или многу малку. Што има, на пример, Уставниот суд, кој сѐ уште чека Собранието да избере тројца судии за да може да го комплетира својот состав? Што имаат граѓаните од споредбата дека амандманите на Алијансата на Албанците биле „технички десет пати понеуредни“ од оние на Левица? Зошто од Левица тогаш не реагирале за тоа, наместо сега да нудат десет пати помалку неуредни, и да прашуваат зошто претседателот на парламентот нема ист пристап кон неуредноста?
Не постои амандман со кои може да се регулира односот кон симболите на државата. Или го имаш тоа внатрешно чувство за почит или го немаш
Посветеноста кон интересите на државата не се докажува со тоа што наместо Северна ќе се напише С. Македонија. Тоа е продавање на шеќерна водичка. Каква е разликата меѓу оваа магла и примерот со Индијците кои биле измамени и примиле солена вода наместо вакцина против Ковид-19?
Нема разлика. Само што ние водичката не ја добиваме преку игла во рамо, туку преку секојдневни егоцентрични шоуа, кои немаат врска со интересите на граѓаните, ниту со одбрана на интересите на државата. И во однос на предложената Резолуција за националните „црвени линии“, единствената интервенција повторно се однесува на името на државата. СДСМ поднесе амандман со цел Резолуцијата да се усогласи со Уставот на Република Северна Македонија.
Добро, но мора да се знае дека некои црвени линии за заштита на националниот углед и интереси воопшто не зависат ни од резолуција, макар и префиксот Северна да биде болдиран, ниту зависат од ритуално удирање во патриотски гради. Еве пример. Сите кои од Грција се враќаат во земјава преку „Богородица“, нека фрлат поглед на трите јарболи со знамиња на нашиот граничен премин. Првото (бело) е со логото на Царинската управа, второ е македонското државно знаме, и третото е на ЕУ. Европското, малку е избледено од сонцето, ама сепак е здраво, за разлика од македонското државно знаме кое се вее разресено и распарталено во долниот дел, исто како и она на Царината.
Тоа е првото нешто што го гледаат странските патници кои од југ влегуваат во земјава. Тоа им е првата слика за нас. Ни С со точка, ни С без точка не го пере тој срам. Не постои амандман со кои може да се регулира односот кон симболите на државата. Или го имаш тоа внатрешно чувство за почит или го немаш.
Целта е луѓето што повеќе да се враќаат, наместо да заминуваат, националните интереси да се штитат со Резолуција ама пред се со проекти и резултати кои постојано ќе растат
Не ми е јасно како вработените на граничниот премин може секој ден да го гледаат такво државното знаме и да не им боде очи, да не им е непријатно, да не добијат порив да го сменат со ново? Па секој спортски навивач има поново знаме од она што стои на влезот во нашата земја. Така не се чува угледот на државата. Не се чува ни со одговор „ај, гледај си ја работата“ ако укажеш дека не е во ред.
А зошто не би била моја или работа на кој било друг граѓанин на оваа земја, да бара на нејзиниот праг да се вее здраво знаме, а не избледено и парталосано? Ако самите не се почитуваме, како да очекуваме другите да нѐ почитуваат?
Тоа е прво ниво. Ако не сакаме да зборуваме само за формата, туку и за суштината, уште поважно е второто ниво: содржината што стои зад знамето како наш идентификациски симбол. Во тој контекст навистина е најважно секој да си ја гледа својата (професионална) работа.
Да потсетам, во мандатите на Груевски се ставија највисоките јарболи и најголемите знамиња, ама земјата остана да котира ниско, како заробена држава. Значи, ниедно знаме не може да биде доволно големо за да покрие падови.
Најбитно е кога и знамето и суштината што тоа ја одразува, се во корелција со исполнета содржина, а не со понудена форма. Ако Собранието е неефикасно, ако реформите бавно се спроведуваат, ако политичарите се повеќе посветени на пиар отколку на работа, ако битката со корупцијата се одвива на декларативно ниво, нема знаме што ќе ги спречи младите да заминат одовде. И нема да им биде гајле во каква состојба ќе го видат државното знаме на заминување одовде.
Целта е никој да не го смени националниот „дрес“. Целта е луѓето што повеќе да се враќаат, наместо да заминуваат, националните интереси да се штитат со Резолуција ама пред се со проекти и резултати кои постојано ќе растат. Така се чува државното знаме. И резултатското, и на границите.